Колумна Топ теми

КАДЕ СМЕ СЕ ЗАПАТИЛЕ? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

 

Каде се наоѓаме денес? Quo vadis Македонијо? До каде нè доведоа антимакедонските политички игри и криминалното поведение на власта? Се движиме ли кон национална и државна катастрофа? Дали имаат халуцинантен поглед оние кои гледаат дека околу нас е една бездна во која неповратно се стрмоглавуваме и исчезнуваме? Дали таа бездна сè поопасно се продлабочува, станува пострашна и поморничава?
Се чини дека е точно оти никогаш низ нашата севкупна државна историја, Македонија не била толку изолирана, осамена и дезориентирана. Никогаш немала толку неспособна политичка елита. Никогаш немала раководители на највисоките функции кои немаат државотворно чувство, национална свест, елементарни познавања од политиката, раска морална совест и функционална визија за иднината. Македонија веќе е очајничка земја. Земја од која луѓето сами се корнат од родната грутка и бегаат на сите страни од светот. Таа е земја на, духовно и материјално, сиромашни луѓе, поткупени и купени луѓе, луѓе со изгазено достоинство и уништен морален систем, луѓе распнати меѓу безизлезот и стравот од газдите и политичките демохристијански првенци. Луѓе со страв од нови и уште поопасни казни и погроми. Луѓе кои им се продале на властодршците за ситни пари. Луѓе со полумртов поглед кон иднината.
Едуард Чалиќ, еден од големите историографи, новинари и публицисти во минатиот век, инаку, попатно кажано, и човек кој го преживеал престојот во фашистичките логори на смртта, во една пригода предупреди дека „сите клучни одлуки кои се однесуваат на нашите животи се донесуваат исклучиво во политиката.“ Со други зборови кажано, најдобрите идеи од било која област на животот, дури и „најнаучните“ проекти, порано или подоцна, ќе ги „рецензираат“ и „реализираат“ политичарите. Затоа, никој нека нема илузии: одговорите на нашите македонски прашања треба да се очекуваат, токму од политиката. А, често изрекуваната самобендисана опортунистичка констатација: „Мене не ме интересира политика!“, е не само глупава, туку и крајно лицемерна.
Значи, одговорите на нашите супстанцијални македонски прашања, секако дека нема да дојдат ниту од аполитичните стручњаци, ниту од оние кои не доведоа до кризата и кои ја уназадија државата. Тие одговори нема да дојдат од крајно рамнодушните, целосно незаинтересираните, бесконечно толерантните, грандиозно бесрамните, ниту пак од вечните скептици. Уште помалку од портокаловите нихилисти и сејачи на апокалиптичен страв. Тие одговори мора да појдат од фактот дека катастрофата во која се најдовме е дело, пред сè, на наши неодговорни и лакоми поединци од власта, дело на недостиг на основна историска визија за иднината на нашиот народ од политиката и политичарите, дело на погибелната автократија, плитката национална романтика и агресивен бугаромански врховизам и ревизионизам. Тие одговори мора да ги вградат поуките за кобното дејство на насилното имплементирање на квазимакедонски идеи и идеали, на девастирачките последици од обидите за вештачко, антидржавното и антиисториско наметнување на некаков нов почеток во однос на македонската историска ситуација и генеза, односно на ревизионистичкиот антинационален обид да се избрише и оспори историскиот континуитет на нашиот народ.
Најефикасниот начин за ослободување на нашата измалтретирана и испокрадена земја од политичкиот шкарт кој се насобрал во изминатите десеттина години и се раширил на сите страни низ државата, би бил ако се направи правна интервенција која ќе ја запре епидемијата на тешките клептоманијачки зафати врз националното богатство од „демохристијанските политичари“ и нивните поддржувачи и ако се направи радикален хирушки зафат со кој ќе се пресечат и стопираат дегенеративните процеси на национални и меѓунационални делби. Секако, ваквите операции ќе бидат болни, непријатни, сложени и тешки, оти многу од крадците, насилниците, манипулаторите со слабите, изнемоштените и малолетниците, многу од трговците со смртта и несреќата, многу од оние кои се наоѓаа на јавни функции и се злоупотребувачи на државните ресурси за партиски цели…, треба да бидат трајно „елиминирани“ од јавниот и политичкиот живот. Ќе бидат болни ваквите операции, ќе бидат, сосема сигурно, трауматични, ама се нужно потребни и неодбегливи ако сакаме нормална иднина.

Сподели: