Колумна Текстови

КЛУБ НА ДЕМБЕЛИТЕ ИЛИ АЛЕЈА НА ЗАСЛУЖНИТЕ!? – Александар ЛИТОВСКИ

 

Ако направите само мал напор за да ја откриете суштинската, определувачката рамка на човечкиот живот во овој наш мал град, веднаш ќе забележите дека таа се сведува на гардеробата која се става врз себе и козметичкото маскирање и одржување на лицето и телото. Така, пред вашите очи ќе се покаже тукашното изолационистичко чувствување и восприемање на остатокот на светот, односно од една егоистична локал-патриотска позиција. Всушност, изолационизмот веднаш ќе ви се покаже како неприкосновeно оформен систем во кој е пренагласено значењето на сопственото „јас“ и неговата шарено вапсана фасада.

      Александар Литовски

За невкусот, во озбилните и креативните средини не се зборува, а камоли да се практикува, но во овој наш град псевдоуметничките творби како секојдневен производ на ефтиниот дух и жалната, перверзна, сиромашна фантазија, се самопромовираат и прчат како култура или уметност. Овдешниот кич, како свое основно оружје, како свој метод, го има малограѓанското расправање за туѓите животи. Профанисаноста и грозоморната буквалност, тривијалноста и шаблонизирањето при носењето на пресудата за туѓите судбописи се неисцрпни мотиви за „дружење“ и кафемуабетење. Така, овдешните самоделегирани градски „судии“ преку едно увредливо поедноставување на реалноста и животот, преку сведување на сета сложеност и комплексност на појавите само на неколку точки и симболи, ја деградираат и уништуваат секоја успешност и „другост“. Нивната „логика“ оди по линија на едноставни, еднострани и разголени судови кои недозволуваат ни најмалечко искривување, ниту најмала девијација на од нив замислената и презентирана слика за „градско однесување и живеење“, а секој оној кој го нарушува нивното вкаменето припросто и неимагинативно клише е чуден, неспособен, „недомаќин“ и, како таков, достоен за презир.

Така организиран, овој лицемерен театар, понекогаш нарекуван „градски живот“, трае од кога се памети, а неговите „крвожедни“ протагонисти ја играат својата улога без ниту најмала грижа на совест. Дури, како по правило, дел од најекспонираните озборувачи и кодоши стануваат главни градски „фаци“, политичари или функционери и гордо го носат „венецот на славата“, како што римските императори носеле златен ловоров венец по победата во големите војни. Трае оваа битка за празна слава во овој град со години наназад. Многумина прават огромен напор да се отргнат, да побегнат од анонимноста, преку некаков акт, кој најчесто е страшно ситен и безначаен, или непримерно вулгарен и бесмислен, па, понекогаш, дури и безумен. Но, тоа веќе со генерации, повеќе или помалку, „поминува“, па цела една орда од некадарници и градски „шерифи“ се помнат како „големи“ и „заслужни“ луѓе. Тоа е многубројниот клуб на градски дембели и фолиранти.

Ваквата долгогодишна исчашена ситуација, остава малку простор за дејствување во правец на реализација на некаква квалитетна визија за развој на градот. Всушност, само со целосна посветеност и крајна чесност и совесност, оние кои ја имаат административно-политичка моќ можат да го „завртат тркалото“ кон подобро утре. А, многу веројатно, првиот чекор кон тој почеток е признавањето дека и пред нас постоеле луѓе кои придонеле за доброто на градот, кои со својот творечки или научен потенцијал се спротиставиле на филозофијата на паланката и креирале услови за урбан живот, кои оставиле солидна основа за понатамошниот развој. Во таа смисла, час поскоро, нужно е создавањето на една „Алеја на заслужните“, во која ќе се набележат имињата и презимињата на сите оние неимари кои навистина го граделе градот и која ќе означи дека настапи време во кое е анулирана досегашната негативна малограѓанска селекција на „славните“.

 

denesmagazin.mk

Сподели: