Интервју Текстови Ударни вести

ИНТЕРВЈУ: Кога немиот јазик гласно зборува и внимателно се слуша – Даниела ДИЧОСКА

 

Во време на пандемијата и борбата со коронавирусот, секојдневно се соочуваме со нови вести за заболени, оздравени и смртни случаи на дневните пресови кои Владата со министрите и премиерот ги пренесуваат до граѓаните, неминовно има знаковен толкувач кој стои до нив и ги пренесува новите состојби. Оваа новина во ТВ-медиумите стана секојдневие без која луѓето со оштетен слух не би можеле да добијат точни и навремени информации. За нив ова е голем успех и со особено внимание ги следат вестите за кои упатуваат голема благодарност за овој голем чекор.

Даниела Дичоска е сертифициран знаковен толкувач на која животната желба ѝ е да им помогне на глувонемите, за кои таа со години се бори за нивните права.

 

 

ДЕНЕС: Од каде се јави желбата за учење на знаковниот јазик?

ДИЧОСКА: Потекнувам од семејство каде што и двајцата родители ми се со оштетен слух. На нивна три и четири годишна возраст, од висока температура го изгубија слухот. Растев во средина каде што нивниот глас бевме јас и мојата сестра. Сите нивни барања, потреби, консултации и размислувања беа со нас и преку нас. Во тој све,т ние како деца постојано имавме улога на возрасни и моравме рационално да размислуваме и да носиме одлуки. Меѓутоа, љубовта и довербата кои нѝ ги даруваа се претворија во сила, заеднички да ги надминуваме сите препреки и предрасуди од општеството. Сигурно ќе ме прашате за какви предрасуди станува збор? Неинформираноста во тоа време на луѓето за овој вид на хендикеп ми беше проблем и болка воедно. Општеството како да немаше слух за нив. Освен хендикепот со слухот, тие луѓе се работоспособни и образувани (читаат и пишуваат). Меѓутоа како луѓето да не го сфаќаа и разбираа тој дел. Кога и да излезевме со моите родители, ние комуницираме на знаковен јазик, но ги гледав луѓето како чудно не гледаа, ќе се поттргнеа на страна како да се плашеа, не знаејќи дека слушам ќе слушнев коментар од типот “Леле за греота”..Toа многу ме повредувало и лутело. Многу пати кога ќе влезевме во автобус ќе ги замолев моите да не комуницираме, сѐ со цел да ги избегнам коментарите на луѓето кои јас ги слушав, само за да се заштитам од болка и навреди, зошто тогаш бев само дете кое веруваше во доброто на луѓето, а другото ми беше непознато. Или можеби јас сум сакала така да биде, затоа што не знаев како да ги заштитам нив, а и себеси. Од каде е желбата? Таа всушност потекна од мојот татко да ги изучам шестте нивоа на обуки на знаковниот јазик и да се стекнам  со сертификат, за да продолжам да помагам на луѓето со оштетен слух. Министерството за труд и социјала во соработка со националниот сојуз на глуви и наглуви лица започнаа со обуките за знаковни толкувачи, со цел барем дел од нивното секојдневие да биде олеснето. Имаме 30 сертифицирани толкувачи на ниво на државата.

 

 

 

 

ДЕНЕС: Колку години се јавувате како борец хуманист за оваа група на граѓани и какви акции досега имате спроведено?

ДИЧОСКА: Како група со ваков хендикеп, немаат ни голем избор за вработување. Работат по печатници, конфекции, автомеханичари за минимална плата. Има и исклучоци, глуви лица факултетско образовани и тоа од помладата генерација, на која сум многу горда што ги познавам. Амбициозни, млади луѓе кои сакаат да помогнат и допринесат на општеството. Меѓутоа поголемиот дел, навистина имаат проблем. Повеќето се дискриминирани и без еднакви права со останатите колеги. Сето тоа секојдневно слушање од нив, ме натера самоиницијативно да започнам нешто, за кое што не знаев дали ќе успее. Прво се обраќав кај пријателите, им ја образложував замислата и целта, се разгледуваа опциите и се доаѓаше до решение или сепак не. Така ја започнав и општинската работа. Прва беше општината Ѓорче Петров, која имаше слух за ситуацијата на глувите лица, со која заеднички го изработивме овој мој проект да им се помогне, давајќи им едократна финансиска помош и помагајќи им на социјалните семејства. Тука се приклучија и општина Карпош, Аеродром и во преговори сме со општина Центар. Сѐ што е во моја можност, јас и понатаму ќе се борам за нивен поквалитетен и полесен живот.

 

 

ДЕНЕС: Која е првата ваша реакција кога ве повикаа на прес конференцијата заедно со премиерот и министрите и со какви емоции се борите додека смирено до публиката ги пренесувате вестите кои можат да предизвикаат паника кај гледачите?

ДИЧОСКА: Мојата реакција… Камерата, пред која многумина имаат трема, не ми беше проблем. Веќе една година работам во ТВ 24 која е прва приватна телевизија што внесе знаковно толкување на вестите. Меѓутоа, помислата дека треба да се толкува премиерот и министрите, влева некој за мене непознат страв поради непознавањето на информациите кои треба да се толкуваат, дали се позитивни или лоши вести. И секојпат си велев, Даниела, да не го видат треморот и стравот глувите, биди смирена и смирено објасни. Тоа е реченицата која ја повторуваме пред секоја прес конференција. Не е воопшто едноставно и потребна е голема концентрација на тоа што го толкуваш, бидејќи има многу стручни термини кои не се употребуваат во секојдневието. Клучна е смиреноста и контролата на емоциите за време на толкувањето. За сите нас и вас ова е ново, така што сакам да кажам дека горда сум на сите мои колеги и колешки што достоинствено и храбро застанавме да бидеме гласот на глувите.

 

 

ДЕНЕС: Не може, а да не се каже дека ниту една прес конференција нема да биде иста доколку вашето присуство како знаковни толкувачи се прекине. Тоа ќе го почувствуваат и глувонемите но и секој друг гледач кој ве прифати како еден целосен тим. Дали оваа соработка ќе продолжи и понатаму?

ДИЧОСКА: Се надевам дека ќе продолжи и дека нема да биде само за оваа ситуација со која се соочуваме. Како и останатите луѓе така и тие имаат право да се информираат за тековните случувања. Јас апелирам и до другите медиумски куќи, да внесат еден термин на вести со знаковно толкување, а институциите да имаат барем по еден знаковен толкувач. Со мали промени од секојдневниот начин на работење, ќе се олесни и на многумина начинот на живеење.

 

 

 

ДЕНЕС: Со какви реакции се среќавате од луѓето и како ги восприемате? Дали вашите родители се среќни и горди на оваа ваша професија?

ДИЧОСКА: Реакциите…Токму тие реакции од глувите лица и од останатите, ми ја даваат силата да одам понатаму. Поддршката од сите нив нѐ поттикнува да бидеме уште подобри и поактивни. Јас сега јавно им се заблагодарувам на сите нив и на колегите кои после секој прес се слушаме, корегираме и меѓусебно поддржуваме. Родителите? Да, среќни се, затоа што тоа што го работам е нивниот свет, светот на тишината, а сите ние, посебно за нив, јас сум нивниот глас.

 

Денес магазин, Соња Ајановска Деловска

 

 

Сподели: