Ковачевски: Македонскиот јазик го заштитивме, обезбедувајки го неговиот континуитет

Сподели

 

Во рамки на настаните по повод свеченото одбележување на државниот празник 24 Мај – Ден на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Охрид, Владата на РС Македонија се одржа Панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет”, каде воведно обраќање имаше премиерот Ковачевски.

Честит и вечен нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост! Светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.Нив ги слави и им оддава почит и целиот културен свет во денешна Европа, поради нивниот космополитски дух, со кој се поставиле како мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.

Но, тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде – се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. И со делото на нејзиниот основач, ученикот на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, кој добил бројни наследници со значаен придонес за развојот на македонската писменост.

Од најраниот период на македонската писменост, кој науката го бележи во 9-от век, преку периодот од 16-от до 20-от век кој важи за претстандарден период на македонскиот писмен јазик, преку периодот меѓу двете светски војни кога на македонски јазик пишуваат Кочо Рацин, Коле Неделковски, а се изведуваат и повеќе драмски текстови на македонски јазик, па се до денес кога веќе имаме стандардизиран и меѓународно признат и препознат македонски јазик, факт е дека Македонците, како одделен народ, со свои обичаи, културни традиции, живеат на своја, македонска земја и говорат на свој, македонски јазик.Факти  за длабоките корени на македонскиот јазик говорат и преку првата печатена македонска граматика на Ѓоргија Пулевски, но и преку македонските интелектуалци, како браќата Миладоновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, кои создаваат писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Говорат и преку Крсте Петков Мисирков кој ја прави првата стандардизација на македонскиот писмен јазик.

2 август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ, останува врежан во македонската историја меѓу другото и како денот кога македонскиот јазик официјално е прогласен за службен јазик во нашата македонска држава, по што, следната година се усвоени и македонската азбука и македонскиот правопис. И со тоа се случува конечната стандардизацијата на македонскиот јазик.Сето ова, покажува дека македонскиот јазик е вистински и реален, со своја длабока историја и своја автентичност!

„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“! Ќе рече нашиот џин Блаже Конески, а сите нам ќе ни остави аманет.

Македонскиот јазик опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале и твореле, созадавале дела на македонски јазик. Преку македонскиот јазик, опстојуваме и ние Македонците. И сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а ќе постои и нашата единствена татковина, Република Северна Македонија.

Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединените нации – и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор. За вистината зборуваат фактите дека македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија. Европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.

Верувам во вашата поддршка на овој пат, што е многу значајна за просперитетот и на граѓаните и на државата.