ВОЈНАТА И ГОСПОДАРИТЕ НА ЗЛОТО – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Контрадикторностите и нееднаквостите што ги предизвикува постоечкиот глобален систем, постојано се зголемуваат. Тоа е факт, кој освен што е научно докажан, се гледа и со обична опсервација на стварноста.

Александар Литовски

За да се одржи, овој криминален општествено-економски систем, секојдневно се воведуваат различни модификации, се пропагираат и акцентираат ефемерни вредности и псевдовредности, а се отстрануваат суштинските. Се употребуваат сите средства што стојат на располагање за да се влијае на свеста на луѓето, а преку кои се амортизира незадоволството од постоечката состојба. Светот е угнетен преку репресијата и милитаризам, а незадоволството од тоа се контролата преку медиумите, образованието и масовната култура кои воспоставуваат културно-цивилизациската хегемонија, како што убаво и прецизно образложил и аргументирано покажал брилијатниот интелектуалец Антонио Грамши.

Идеолошка манипулација е нумеричката демократија. Таквата неолиберална квазидемократија не само што произведува иманентен недостатокот на слобода и правда, не само што ја убива независноста на мислата и духот, не само што ја оневозможува вистинската дискусија, туку се претвора во тиранија од плутократијата затскриена зад изборни и административни правила и процедури и зад, наводно, владеење на мнозинството. Затоа, умниот Олдос Хаксли,  живеејќи во „најдобрата демократија“, запиша дека „на луѓето им се дава слободна волја да избираат меѓу два вида лудило“.

Неолибералната демократија, фарисејски проповеда толеранција, а всушност изградува ексклузивистички начин на организација на светот и на одделните држави во кои тој тип на десничарски тоталитаризам е владеачки. Евроатлантскиот „демократски“ тоталитаризам ја користи својата економска, полициска, воена и културна надмоќ како аргументација за своето пропагадно инквизитворство, крвожедност, милитаризам, геноцидност, нетрпеливост, неправедност и меѓународно силеџиство.

Сите оние кои се вистински интелектуалци и вистински правдољупци во денешново мрачно воено време, треба да пишуваат и зборуваат критички за варварскиот антихуман меѓународен поредок, да пишуваат и зборуваат антимилитаристички, да се обидат гo спасат и светот, и достоинството на духот свој и духот човечки. Ним нужно мора да им се згади од воената, економската и политичката хегемонија на бриселсковашингтонската политичка каста, од тоталитарноста на нивните таканаречени „извршни наредби“ и идеолошко-фашизоидни „резолуции“, па без разлика на реалната опасност да станат мета на неолибералните пропагандни кербери, или во некаква варијанта да им се случи она што му се случи на Едвард Сноуден, треба да ја демонтираат глобалната кула од крвави и мирнодопски воени профити, подмолности, лаги и неправди. Мора да ги отстранат псевдокултурните холивудски и ватикански мyзи и икони, кои се претворени во симболи на уметноста и мудроста, и преку кои се гради културната хегемонија на неолиберализмот и фашизоидниот десничарски тоталитаризам. Оти, како што запишал Хегел: „кога ќе извршиме револуција во царството на нашите претстави, тогаш ниту стварноста нема да одолее.“

Денешниве „интелектуалци“, „поети“ и „поетеси“, „писатели“ и „писателки“, како оние средновековни исцелители на душата преку егзорцизам, патетично декламираат за љубовта и природните убавини, неспособни да ја регистрираат тажнат вистина дека живеат во време на светска, веројатно нуклеарна, војна, и ослепени да ги видат страдањата и неправдите околу нив предизвикани од газдите и властодршците. Човек може и треба, против овој нивен недостоен општествен ангажман, против тој занает нa лаење за ефемерни и небитни нешта, против нивната профитерска брблива вештина, да се побуни и да го жигоса како нечуена папазјанија од празнозборност на најблесави глупости и лицемерно профитерство.

Културниот производ денес, најчесто, е само куп од сензационалистички и неинвентивни глупости и тешко може да се види, или слушне, нешто вредно. Уметничката патологија се состои од купишта бесмислени романи што се рекламираат како бетселери, а никој нормален не би ги читал, од почетнички литературни изживувања од коишто се превртува за повраќање утробата на читателот, од поетски остварувања што вредат колку тоалетна хартија, од уметнички слики кои се површни и тажно некреативни, од драмски пиеси на психички растроени умови, од музички дела кои се површни „забавни мелодии“ и кои се составуваат по пребарувањето и компилирањето на веќе познати звуци од минатото, од евтина интернет поезија и блогови за ретардирани, од безобразни плагијати кои се „продаваат“ како научни трудови, од препишани, многу често лажни, цитати, од интернет новинарска скрибоманија што пропагира куп сензационализми и будалаштини и од врковно религиозни псалми кои се обични безумности.

На сите треба да им биде јасно дека не е толку важно дали „во борбата“ ќe падне некој поединец, некоја „еретичка“ политичка група, или некоја „непослушна“ држава, туку дека ако на тие господари на злото од Вол Стрит и нивните аморални лакеи им појде од рака да ги столчат „непослушните“ и да ја задржат нивната плутократска културна хегемонија, во иднина сите ќе живеат во свет кој е под целосна физичка и ментална контрола, во свет каде ќе биде легално фашизоидното силеџиство, или во постнуклеарен свет во кој ќе нема ништо природно и здраво!