Проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар не е нов. Тој постои повеќе од 30 години. Не затоа што комплексот бил лошо испланиран, туку затоа што градот се развил околу него, а со тоа драматично се зголемил притисокот врз просторот.
Дислокацијата на Клиничкиот центар се споменува најмалку 20 години.
Но дури и утре да започне изградбата на нов комплекс, реално би биле потребни околу 20 години за постепено да се префрлат сите клиники и функции. Во меѓувреме, постојниот комплекс ќе продолжи да функционира, а просторот околу него нема да остане празен. Најверојатно таму ќе се развива универзитетски и медицински кампус, со дел од клиниките кои ќе останат во функција.
Затоа прашањето за паркирањето не е привремено, туку структурно урбанистичко прашање.
Комплексот на Клинички центар зафаќа околу 250.000 м². Според урбанистичките параметри, таква површина има потреба од 2.850–3.120 паркинг места, односно реално околу 3.000 места. Денес таму постојат само 600–800, ако ги броиме и импровизираните и диви паркинзи.
Решението што се предлага е монтажна катна гаража со околу 500 места. Тоа не е решение. Тоа е ад хок фластер. Со таква интервенција ќе се потрошат јавни средства, а суштинскиот проблем ќе остане. Наместо системско решение, повторно ќе добиеме краткорочна мерка која само привремено ја ублажува кризата.
Ако навистина сакаме да го решиме проблемот, потребна е катна гаража од цврста градба со капацитет од околу 3.000 паркинг места. Инвестицијата за таков објект би изнесувала приближно 18 милиони €. Но ова не е само трошок, туку јавна инвестиција што создава приход. Ако цената на паркирање е 30 денари/час и ако капацитетот е искористен само 30%, таков објект би генерирал околу 316.000 € месечно. Со такви параметри, инвестицијата би се вратила за 4–5 години.
Ако земеме предвид дека Клиничкиот центар реално ќе функционира таму најмалку уште 20 години, тоа значи најмалку 15 години чист приход за градот. Во тој период ваков објект би генерирал околу 60 милиони € дополнителни средства.
Урбанистичките проблеми не се решаваат со фластери, туку со долгорочни системски решенија. Градот Скопје заслужува урбанистичко планирање со визија, а не ад хок интервенции. Затоа што просторот е јавен ресурс, а не место за краткорочни импровизации, изјави Андреа Јанков, советник во Град Скопје од Левица.


