Македонскиот јазик и македонската книжевност – животно наследство на Конески

Сподели

 

Во време кога се негира постоењето на македонскиот јазик и идентитет, клучно е реформите на Филолошкиот факултет да бидат изведени на начин што ќе овозможи и ќе го поттикне нивното зачувување, а не згаснување.

 Свето Тоевски

Кон крајот на февруари во јавноста одекнаа предупредувањата на академик Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности, дека во оваа 100-та година од раѓањето на Конески „се подготвува да се направат на Филолошкиот факултет, кој го носи името на Блаже Конески … ‘реформи’ … со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност“. Тој изнесе и став дека „се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет.“ Коцарев имаше посочено дека ова би се случило со реализирањето на предлог програмата за работа на актуелниот декан на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска.

Ставовите на Коцарев наидоа на противреакции. Деканот Анета Дучевска и 15 професори и друг наставен кадар на факултетот се огласија со „Отворено писмо“. Според нив, „тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик“ претставуваат „целосни невистини и манипулации“. Во писмото тие изразуваат „цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“.

Пред да го стори тоа Коцарев, и универзитетската професорка Јасна Котеска се имаше огласено со тврдење дека ќе се укинат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност на споменатиот факултет, а Симона Груевска – Маџовска од Институтот за македонски јазик во нејзиното јавно реагирање истакна: „Само слеп не може да види дека во новото реструктурирање НЕ ПОСТОЈАТ катедри.“

Кој е во право?

Се наметнува прашањето: кој е во право во оваа ситуација кога, од една страна, Коцарев, Котеска и Груевска – Маџовска посочуваат дека катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе ги снема во новата структура на оваа образовна институција, а, од друга страна, деканот, професорите и другиот наставен кадар на факултетот го тврдат спротивното?

Актуелните случувања со пандемијата и другите општествено – политички случувања во Македонија како да ги иставија привремено ставовите на двете страни подалеку од фокусот на вниманието на јавноста. Сепак, чествувањата на еден век од раѓањето на великанот од Небрегово, кои ќе се случуваат во текот на целата оваа 2021 година, ја „држат“ отворена и натаму темата на загатнатите реформи на Филолошкиот факултет. Дотолку повеќе што 19 декември, денот кога е роден Конески, е ставен и на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО, што ќе се одбележуваат во оваа година.

Што е целта на предлог програмата за работа?

„Програмата за работа на деканот на Филолошкиот факултет“ (за мандатниот период 15.9.2020 – 14.9.2023 година) е поднесена уште на 9.4.2020 година. Програмата ги изнесува предлогот за „нови, преосмислени студиски групи со можен структурен модел“ и следниот став: „…во своето постоење од скоро 75 години Филолошкиот факултет се идентификува преку катедри – носители на национални јазици, книжевности и култури, што е време да се промени во идентификување преку областите во кои работи: применети јазици, лингвистика, книжевност, методика и дидактика, традуктологија (наука за преведувањето – заб.моја).“

Во оваа верзија на програмата никаде не се наведуваат изразите „македонски јазик“ и „македонска книжевност“, ниту постоење на актуелните „Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици“ и „Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности“. Исто така, со ист национален предзнак ги нема како такви и катедрите за албански јазик, турски јазик, романски јазици, за германски јазик, англиски јазик.

Се отвораат две прашања. Дали навистина ќе ја снема македонската идентификациска компонента на Филолошкиот факултет? Дали постои или не, цел да се елиминира придавката „македонски“ на овој факултет? Околу ова постојат спротивставени изјави, а одговорот на тоа прашање е важен и со оглед на тоа што Филолошкиот факултет, но и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и МАНУ беа конституирани, всушност, со примарна цел заради негување и промоција на македонскиот јазик и македонската книжевност.

Makedonskiot jazik i makedonskata knizevnost zivotno nasledstvo na KoneskiИзвор: makfax.com.mk
 
Филолошкиот факултет треба да остане расадник на македонистички кадри

Авторот на оваа блог – анализа смета дека предложената програма за реформирање и воведување нова структура на факултетот е во спротивност со она што го правеа Блаже Конески и другите основачи на Филолошкиот факултет – воздигнување на македонскиот јазик на нивото на национален јазик на македонскиот народ и воведување на македонскиот јазик и македонската книжевност за првпат во академската и научна сфера, веднаш по ослободувањето по Втората светска војна.

Оваа програма е во спротивност и со суштинскиот став истакнат на веб – страницата на факултетот: „Неговата целокупна дејност во областа на филологијата и културата е најтесно поврзана со националниот идентитет.“ Наместо да придонесува кон македонскиот национален идентитет, наместо да се идентификува со македонскиот јазик и македонската книжевност, што е императив од највисок државно – национален интерес за македонскиот народ, ваквиот „реструктуриран“, демакедонизиран Филолошки факултет, би требало да се идентификува со обопштени применети јазици, со обопштена книжевност. Катедрата за македонски јазик уште од самиот почеток ја здобила улогата на расадник на кадри, кои ќе придонесуваат кон македонистиката и афирмацијата на македонскиот јазик во светот.

Блаже Конески, во една серија свои искажувања, има речено дека уште во првите години се целело студентите да бидат вклучувани во научната работа на Факултетот така што секој од нив со своја „посериозно обработена“ дипломска работа ќе даде и „макар мал придонес кон македонистиката“. Катедрата за македонски јазик набргу по своето основање започнала и со активностите за широко меѓународно афирмирање и изучување на македонскиот јазик.

Околу ова Конески во таа серија искажувања има нагласено: „…од 1950 година … решивме да стапиме во контакт со светот, притоа мислам на славистиката, на нашата специјалност. Меѓу првите беше Реџиналд Де Бреј, тогаш професор од Лондон… го вклучи македонскиот јазик во својот учебник за словенските јазици, кој што стана стандарден за англоамериканските универзитети. … Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет … собираше материјал за својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Наскоро таа излезе.“

Со ваквите свои стремежи, со својот немерлив придонес кон македонскиот јазик Конески беше забележан многу рано и многу пошироко од родната Македонија, во сиот научен славистички и лингвистички свет на планетата. Во своите „Македонистички студии“ Виктор Фридман (Victor Friedman) професор по лингвистика-македонист од Чикашкиот Универзитет во САД, пишува дека „тој придонес ќе го истакне уште во 1964 годинa и Едвард Станкиевич, професор на Катедрата за словенски јазици и литератури на Универзитетот во Чикаго во препораката да му се додели на Конески титула ‘почесен доктор по хуманистички науки’: „…тој ги воспостави стандардите за еден балансиран и лингвистички софистициран литературен јазик за неговите сонародници, на кои дотогаш им било велено дека се де Бугари, де Срби…“.

Кога предлогот за доделување ваков почесен докторат бил одобрен од Советот на Универзитетот на Чикаго на 01 декември, 1967 година, на свеченото доделување дипломи Станкиевич го претставил Блаже Конески со следниве зборови: „Македонија, лулката на словенската писменост и цивилизација, дури во нашиот век го има видено возобновувањето на нејзиниот народен јазик до статусот на стандарден јазик. Драматичното излегување на македонскиот јазик како полномошно и флексибилно литературно средство се должи најмногу на достигнувањата на Блаже Конески…“

Македонскиот јазик како моќно средство за национално изразување

Осврнувајќи се на „правците на монументалната кариера на Блаже Конески“, Кристина Крамер (Christina Kramer), професорка по лингвистика на Универзитетот во Торонто, Канада, во нејзината статија „Предавањето на Блаже Конески во 1945“ за великанот од Небрегово ќе каже дека неговите „придонеси како лингвист, научник и книжевник фундаментално ги обликуваа развојот на македонскиот јазик и насоката на македонската поезија“.

Токму за да продолжи македонскиот јазик да ја врши својата улога како „моќно средство за национално и литературно изразување“, толку неопходно особено во овие времиња кога пак се негира постоењето на тој јазик – македонски и на идентитетот на македонскиот народ, потребно е какви било реформи и преструктуирања на Филолошкиот факултет да бидат изведени на тој начин што македонскиот јазик и македонската книжевност ќе здобијат највисок државно – национален третман, а не евентуално да ги снема, или да бидат „структурно претопени“ во веќе предложените реформи на факултетот.

Посебен факултет во чест на Конески

Блаже Конески создаде творештво како вид „јазично послание“ со тестаментални пораки до сегашните и идните генерации да го преземат мајчиниот македонски јазик како колективна грижа, да го бранат од какви било угрози и творечки да придонесуваат кон неговиот развој. Оттука, и авторот на овој текст смета дека би било целесообразно кон делото и личноста на Конески да се основа за првпат посебен и издвоен Факултет за македонски јазик и македонска книжевност под неговото име, а преостанатите катедри да продолжат да опстојуваат како Филолошки факултет, добивајќи друго име, на вториот великан на македонскиот јазик – „Крсте Мисирков“.

Посебниот факултет за македонски јазик, секако, минувајќи ги пропишаните постапки на акредитација и слично, би имал како основно јадро катедра за македонски јазик и катедра за македонска книжевност, но и студиски програми (или исто катедри) за применета лингвистика на македонскиот јазик, лингвистичка антропологија и антрополошка лингвистика на македонскиот јазик, македонскиот јазик во јавните комуникации.

Ваквиот факултет би бил стожер на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, бидејќи стимулирањето на интересот за студирање меѓу младите, за научните истражувања, за афирмацијата и грижата за тој јазик – македонски, како и за научни иследувања и меѓународна промоција и заштита и на тој идентитет – македонски би биле кренати на многу повисок државен ранг во многу поголема мера одошто досега.

Сепак, во дадениов општествен момент во Македонија сосема доволно би било како прва фаза да се реструктурираат како посебни катедри за македонски јазик и катедра за македонска книжевност, а јужнословенските јазици да бидат префрлени во посебни катедри. Дури во битно поинаква општествена клима, во услови на раководење на државата Македонија од една друга раководна политичка гарнитура, и со поддршка на самите лингвисти – македонисти, би можело да се очекува иницирање на конституирањето на споменатиот посебен Факултет за македонски јазик и македонска книжевност.

respublica.edu.mk