Награда „Златна Скополија“ за режисерското дуо Малгоржата Шумовска и Михаил Енглерт

Сподели:

Во пресрет на 26. Издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ26), најавено е востановување на фестивалската награда за исклучителен придонес кон светската кинематографија – „Златна Скополија“, посветена на авторите кои оставиле неизбришлива трага во развојот и еволуцијата на светскиот филмски јазик.

Оваа година, „Златна Скополија“ ќе се додели на режисерското дуо од Полска Малгоржата Шумовска (Małgorzata Szumowska) и Михал Енглерт (Michał Englert).

Оддавајќи му признание на реткото и извонредно уметничко партнерство меѓу Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, оваа награда ја става на пиедестал нивната заедничка повеќедецениска креативна визија. Нивната соработка претставува совршен пример за тоа како спојувањето на два автохтони уметнички сензибилитети, нејзината смела режисерска нарација и неговиот софистициран визуелен јазик, создава единствен, силен и препознатлив филмски глас во европската и светската кинематографија. Преку нивните заеднички соработки, како „Never Gonna Snow Again“ и најновото филмско остварување „The Idiot(s)“, Шумовска и Енглерт ги поместуваат границите на традиционалното филмско режирање и раскажување, истражувајќи ги длабоките човечки емоции, социјалните контрасти и суптилното преплетување меѓу реалноста и мистиката.

Името на наградата инспирацијата ја наоѓа во „Scopolia carniolica“, необичен, таинствен цвет што расте во сеновитите шуми на планинските предели околу Скопје. Иако етимолошки независни, фонетската и звучна асоцијација меѓу цветот и градот отвора простор за нова уметничка интерпретација. Скопје е град на контрасти, на убавина и суровост, на постојано исчезнување и повторно раѓање. Како и самиот цвет, така и градот во себе носи двојственост. „Златна Скополија“ прераснува во автентичен симбол кој ги поврзува историската меморија, идентитетот на градот и универзалниот јазик на филмската уметност.

Автор на наградата е истакнатиот скопски сликар и скулптор Владо Костов (роден во 1967 година), познат по автентичниот израз, отелотворен во суптилни конструкции од отпаден материјал. Зад себе има богата уметничка кариера, од раните ангажмани во познатото англиско студио „Hollywood Road Film Production“, па сѐ до препознатливите конструкции од отпаден материјал и мултимедијалниот проект „Почит кон Чарли Паркер“. Костов ја создава „Златна Скополија“ како совршено отелотворување на суровоста, префинетоста и уникатниот дух на Скопје. Наградата ја изработи Димитар Филиповски.

26. издание на Скопје Филм Фестивал ќе се одржи од 4 до 9 ноември 2026 година. Филмското остварување „The Idiot(s)“ ќе биде прикажано во рамките на официјалната фестивалска програма, како дел од Свеченото отворање на фестивалот. Заинтересираните ќе може да го проследат на 4 ноември, со почеток од 20:30 во Н.У. Македонски Народен Театар (МНТ), додека билетите за проекцијата се достапни преку „MK Tickets“.

За Скопје Филм Фестивал – Основан во 1998 година, Скопје Филм Фестивал има повеќедецениска мисија да ја развива филмската култура и да ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Како препознатлив бренд и значајна платформа за авторски филм и нови уметнички изрази, фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и бројни домашни и странски филмски професионалци.

Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на својата програмска структура и визуелен идентитет. Со нов меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и светот, Скопје Филм Фестивал се позиционира како водечки културен двигател во регионот и еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.

Покровител на фестивалот е Град Скопје, а Партнер „А1 Македонија“. Поддржувачи на СФФ2026 се: „Титан Усје“, „Dalegovod“, „ЕВН“, „Гемак“, „Schweppes“, „Алхемист“, „Peyrassol“, „Valdo“, „АГНА Скопје“, „Горска Вода“„Вертиго“, „АВЦ Груп“, „ДВД Плус“, „Nestle“, Хотел “Double Tree by Hilton-Skopje“, Хотел „Marriott-Skopje“, „Delfino Group“ и „Sixt”.

Оваа година, фестивалот ќе се реализира на две локации –  Н.У. Македонски Народен Театар (МНТ) и Младински Културен Центар – МКЦ.

Сподели: