Најголемиот ден во историјата на светот – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Не учат, онака квазидоброќудно, дека историјата ни тежела, дека нè влече кон колективна смрт, дека треба да се откажеме од сопствената меморија за да станеме дел од Европа, дека бришењето на минатото не е така несреќна и страшна операција, дека историјата нема врска со идентитетот, а и да има врска, идентитетот не е нешто што ни е нужно, наспроти „европската перспектива“ која е неопходна…

Александар Литовски

Можеби треба ваквите „совети“ да им ги поделат и на Французите, Британците, Турците, Грците…, кои се „преплавени“ од сопствените истории и митови, па да видиме како ќе поминат. Дел, пак, од болните бугаромани и агенти на големобугарската пропаганда, секојдневно провоцираат и ја навредуваат македонската национална чест преку негирање и омаловажување на македонското минато, јазик, идентитет, личности кои се значајни за македонскиот национален развој… Човек не може да се доизначуди, кои глупави пасквили, бесрамно, ги продуцираат нашите неолиберални и анационални стомакозборци и антимакедонските национално-психијатарски пациенти со бугаро-врховистички ген!?

Наспроти „советите“ на анационалните и антинационалните кретени, прикриените фашисти и јавните необалисти, ние треба достојно да го одбележиме со чествување – 9 мај 1945 година, како Ден на победата! За нас, како припадници на македонската држава, 9 мај 1945 година е Ден на ослободувањето. Всушност, тоа за нас е „најголемиот ден во историјата на светот“, како што е запишано на насловната страна весникот „Слободна Далмација“ од тој датум пред седумдесет и седум години.

Слоганот: „Ослободување од фашизмот“, им беше јасен на сите во 1945 година. Но, денес, очигледно е силното влијание на неофашистичките сили во многу земји низ Европа, па затоа тој слоган се потценува, релативизира, брише, замаглува… Смислено, „Денот на победата“ над фашизмот се претвора во „Ден на Европа“ без антифашистички обележја. Како што смислено и безобразно, најголемата жртва на фашизмот – советскиот народ и најзначајниот борец против фашизмот – Црвената армија, се прикажуваат како злосторници и, доста често, дури и крајно апсурдно и антиномично, како соработници на Хитлер.

Затоа, деновиве е добро е да се потсети на вистината: фашизмот беше идеја и пракса за ревизија на Версајската мировна конференција, односно идеја и пракса преку која требаше да се уништи воспоставeниот ред по Првата светска војна. Фашизмот беше антикомунистичка идеја и пракса која требаше да го уништи Советскиот Сојуз, Коминтерната и комунизмот воопшто. Фашизмот беше милитаристичка алатка на крупниот италијански и германски капитал за зачувување и мултиплицирање на профитите и остварување на нова империјална колонијалистичка хегемонија. Фашизмот, во неговата германска верзија, беше расизам со изразит радикален антисемитизам, со идеја и пракса да ги истреби и уништи во концентрациони логори сите Евреи. Колку да се знае, фашизмот, без никакви задршки, беше и јасно деклариран, преки теорија и пракса, националшовинизам, насочен против околните народи и држави.

Деновиве треба, неизбежно, да се сетиме на 55-те милиони жртви, воени и цивилни, на фашистичкото мракобесие во текот на Војната, бидејќи неолибералниот ревизионизам, кој е десничарски фалсификат на историската вистина, се труди да ги префрли овие жртви во вечниот заборав и да го рехабилитира фашистичкото лудило. Посебно, треба да се сетиме на  27-те милиони советски граѓани, граѓанки и воини и воинки, од кои мнозинство со невидена храброст достојна за вечна почит, се жртвуваа за поразот фашизмот и ослободувањето на човештвото од тоа квинтесенцијално зло.

Бидејќи „nam paritur pax belo“, деновиве треба, незаобиколно, да им оддадеме благодарност на сите сили на антихитлеровската коалиција: на советската Црвена армија која го понесе главниот товар; на западните Сојузнички антифашистички сили кои воено и материјално се ангажираа за победата над најголемото и најкрваво чудовиште во историјата на луѓето; на  недобројните партизански, огромен дел комунистички, борци, од, скоро, сите европски земји, за нивната храбра борба и максимална пожртвуваност; на илјадниците, знајни и незнајни, илегални и легални, антифашисти во заднината на фронтовите, кои вршеа саботажи, диверзии и разузнавање и со сето тоа дадоа немерлив позитивен придонес за крахот на ордите од големата фашистичка коалиција; на милионите жртви од фашистичките концентрациони логори на смртта, кои беа изложени на ненормални инквизиторски измачувања, понижувања и страдања…

Деновиве треба да им пратиме антифашистичка порака на спротивставување на политиканските и квазинаучните напори за ревидирање на историјата преку печатење на антикомунистички и профашистички книги, преку рехабилитација на соработниците на фашистичките окупатори како „борци против болшевизмот“, ревидирање преку поставување на анти-антифашистички изложби, преку снимање на антисоветски документарни филмови, преку вандалско сквернавење, или отстранување, на спомениците на ослободувањето и на ослободителите, како што сведочиме и овие последни месеци низ некои „демократски“ европски земји, преку националшовинистичко чествување и комеморирање на јавно декларирани фашисти, нацисти и разни нивни прислужници од сите европски земји…

Деновиве треба да се сетиме на Денот на победата врз фашизмот затоа што тоа е ден на триумфот на хуманоста и правдата врз злото и неправдата! Да се сетиме за да можеме на новите генерации да им покажеме пример за вистински вредности, да им покажеме како треба да се борат за својата Слобода и како треба да го ценат и штитат Достоинството на секој Човек од оваа наша планета.