Наланџискиот занает во Македонија

Сподели

 

Налал, налам млада кад’на,
А излези на налани,
На налани шиклосани,
Со мендери испослани;
Ти дојдое Лазарици,
Да и дарвиш Лазарици.
(„Зборник на Миладиновци“, 1861година, 592 песна)
 
 
 
 
Чаршијата, односно занаетчиите биле креатори на материјалната култура во градовите, а со тоа и на облеката. Нивното производство го отсликувало османлиското општество, така што занаетчиите-мајстори повторувајќи исти форми го формирале вкусот и модата на тогашното население. Следејќи ја модата „а ла турка“ се развил и наланџискиот занает, а неговите производи се продавале и во селата и во градовите. Наланите биле многу популарни, ги носеле младите девојки, но и повозрасни жени. Подоцна овие производи излегуваат од градската мода и биле продавани само во селата.
 
 
 
 
За изработка на еден пар налани, било потребно едно парче дрво, додека од алат  мајсторите користеле тесла, чекан, пила, турпија и др. Целиот процес на изработка на наланите бил рачен и барал посебни мајсторски вештини, за квалитетна изработка на истите. Најголемиот дел од мајсторите имале и калфи кои работеле во дуќаните, но секогаш имало и чираци кои помагале и истовремено го учеле занаетот.
 
 
 
 
За наланџискиот занает наоѓаме податоци во прилепскиот крај, во периодот на шеесетите години од ХХ век. во градот Прилеп постоеле околу 12 наланџиски работилници, а се споменуваат мајсторите Јусуф Ќор, Спиро Николовски, Христо Цветковски, Милан Николовски и др.