НЕРАМНОПРАВНА ТРКА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Тешко може да се најде објаснување за задоволството на политичктата опозиција, дека горе-долу се создадени поволни услови за одржување на фер и демократски избори иако е општо познато дека ни половина од Пржинскиот договор не е реализиран. А повеќето од нив, да припомниме, беа и главните генератори за настанувањето на политичката криза. Тоа се однесува пред се`, на целосната партизација на државата и на нејзините институции, на суспензијата на правниот поредок и судската зависност од политичката моќ, на корумпираното и диригирано новинарство, што се` заедно беше ставено во служба на еден разгранет тоталитарен систем, кој што неконтролирано владееше со Македонија.

Како што е познато, освен не докрај прочистениот избирачки список, формирањето на СЈО и на привремена влада, вклучувајќи го и поставувањето на нов главен уредник на МТВ, ништо позначајно не се помести во поглед на елиминирањето на тие кризни жаришта. Објаснувањето дека тие промени беше најмногу што можеше да се постигне до одржувањето на изборите, а дека по смената на власта ќе се пристапи кон темелни реформи во општеството, се темелат исклучиво врз увереноста на опозицијата дека таа ќе излезе како победник во изборната трка. Но, останува отворено прашањето: што ако тоа не се случи и дали само одржувањето на изборите претставува крајна цел на договорот од Пржино? Една бегла анализа на постојните состојби на државата недвосмислено покажува дека тој систем, длабоко партиски узурпиран и криминализиран, ни оддалеку не обезбедува рамноправен и демократски изборен натпревар. Еве неколку показатели: Никола Груевски како лидер на владејачката партија и понатаму ги контролира и раководи речиси сите државни институции. Нему му се потчинети привремениот премиер и мнозинството министри кои што беспоговорно ја спроведуваат неговата партиска политика. Дури и полицијата, со која сега раководи претставник од опозицијата, а која што на минатите избори беше претворена во своевиден изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ и учествуваше во изборните криминали, со низа политички маневри на режимот, му се овозможи на директорот за јавна безбедност Митко Чавков, да ја блокира работата на својот претпоставен министер и да влијае на изборниот процес.

Слична е и состојбата со министерството за финансии, каде што на очиглед на јавноста непречено продолжува задолжувањето на државата и се трансферираат пари  за сомнителни намени, кои што заменик министерот Кире Наумов не е во состојба да ги спречи, иако јавно предупредува за можни финансиски изборни манипулации. Ништо подобро не е и во министерството за социјални работи, кое формално е под надзор на министерката Фросина Ременски, а практично целата извршна оператива е во рацете на кадри од владејачката партија. Познавачите на овој ресор укажуваат дека нејзините ингеренции се мошне ограничени, за да може да оневозможи изборни злоупотреби какви што беа присутни во претходниот период. Во областа на судството работите се уште подрастични: на чело на врховниот и уставниот суд, на Судскиот совет и Јавното обвинителство се наоѓаат верни приврзаници на режимот на Груевски кој што на сите можни начини настојуваат да ги дискредитираат и онеспособат работата  на СЈО, со цел да биде спречен кривичен прогон и судска одговорност за голем број високи државни функционери, осомничени за тешки кривични дела, што исто така има свое влијание во конечниот исход на изборите. Да не зборуваме за функционирањето на  сегашниот парламент, каде што владејачкото мнозинстово секојдневно донесува и изгласува закони по итна постапка, сообразени со партиските потреби и интереси на власта, насочени кон нејзино натамошно опстојување и зацврстување. Или поточно: директно нарачани и подготвени од нивниот партиски лидер.

На крајот да ги споменеме и долгите јалови дебати околу непристрасното и објективно информирање на медиумите, што беше еден од приоритетните обврски преземени со Пржинскиот договор. Неодложноста од реформирање на тој сектор, како еден од столбовите на демократските вредности, заврши со брзоплет компромис кој што ама баш ништо не ветува во подобрувањето на изборниот медиумски амбиент. Со исклучок на поставувањето на нов главен уредник на МТВ и декларативните прокламирања на одредени професионални и етички принципи во информирањето, се` остана како што беше и досега.

А тоа значи, огромна и речиси немерлива превласт на провладините електронски и печатени медиуми во споредба со независните и критички настроени кон власта. Наивно е да се верува дека тие медиуми, преку површни мерења на минутажи и новинарски редови во изборниот период ќе се откажат од сатанизацијата и оцрнувањето на опозицијата и нејзините приврзаници и дека ќе се придржуваат на некакви етички принципи. Како верни бранители на груевизмот и неговото финансиско патронатство, со кое обилно беа наградувани, тие жилаво ќе се борат да ги задржат своите досегашни привилегии, фаворизирајќи го криминално-корумпираниот режим пред гласачкото тело со скапи медиумски кампањи платени од државната каса.

Според тоа, ако сите посочени адути ги држи актуелната власт, илузорно е да се очекува дека претстојната изборна трка ќе биде рамноправна, фер и демократска, а чинот на гласањето изземено од изборни нерегуларности. Уште отсега станува предвидливо дека половичната реализација на пржинските решенија , без претходно утврдување на политичката и правна одговорност на причинителите кризата, таа само привремено ќе се одлага и ќе се користи од страна на власта за нејзино натамошно продлабочување и распламтување!