Вести Став

Никола Поповски: Кон 2021 и потоа – големо глобално преструктуирање

Сподели:

 

На економиите им се потребни големи структурни реформи кон секторите од кои пандемиската криза има нужна потреба и тоа веднаш. Можеби пријателското бизнис опкружување со либерализиран пазар е патот по кој попрво треба да се започнe да се оди.

  Никола Поповски

Каков навистина ќе биде светот на краток и долг рок? Што нè чека во 2021 и потоа? Одговорите на овие прашања не се лесни и зависат од многу фактори од кои веројатно далеку најважниот е нивото на постоењето на страшната пандемија. Таа повторно го отвори проблемот со здравјето на луѓето но на многу поголема врата и многу побргу одошто било кој се надеваше или претпоставуваше, особено со проблемот со заразните болести. Во последниве неколку декади во поширокиот општествен и посебно во економскиот контекст здравјето на населението почна да се набљудува стеснето, најмногу како дел на квалитетот на човечкиот капитал, и веројатно подеднакво со нивото на образованието и знаењата на поединците и донекаде како проблем на очекуваното времетраење на животот и особено на здравјето во третото доба на човекот, заради брзиот процес на стареење на населението.

Но, човештвото во 2020 година, предизвикано од смртоносниот вирус, беше сериозно отрезнето од фактот дека заштитата на здравјето има и многу подиректно и побуквално значење а тоа е директното спречување или избегнување на многу неочекувана смрт или „здравствено затворање“ на цели делови од општествениот и личниот живот: производството на добра и услуги, потрошувачка на дотогаш секојдневните добра и особено голем број на услуги, образованието, патувањата, културата и многу други. На здравството повторно почна да се гледа на ортодоксен начин, а тоа е елементарното обезбедување на животот како таков и неговиот здравствен квалитет.

Светот и без пандемијата има многу економски проблеми

Тој приоритет, колку и да се обидуваме да го потцениме или избегнеме, уште долго ќе го опседнува човештвото бидејќи лесен излез од пандемијата, со или без вакцините во фаза на првична и сè уште недоволно испитана употреба, не може да има. Дополнителна грижа е што и без тоа светот има доволно проблеми. Економиите уште од 2008 година не можат да закрепнат на начин што ќе им обезбеди одржлив и задоволителен раст во услови на подобра и поправедна распределба на доходот. Особени проблеми покажаа развиените економии што сочинуваат околу 3/5 од светската економија. Тие повеќе од една деценија се во т.н. фаза на секуларна стагнација со исклучително низок раст, високи дефицити и растечки јавен долг што достигна 124,1 отсто кај развиените и 61,4 отсто од БДП кај растечките економии во светот, но и ниска инфлација и каматни стапки што тендираат кон нула. Тоа е голем предизвик и врши страшен притисок врз штедењето.

Излезот од тоа во 2021 и наредните години сè уште не е на повидок и постои опасност состојбата и понатаму да се влошува. Економиите веројатно и понатаму ќе бидат соочени со непазарни притисоци од „видливата рака на државата“ преку механизмите на фискалниот интервенционизам со креирање на понудата преку огромни државни стимулации и дотации и креирање на уште поголема потрошувачка преку државните субвенции и пакети за потрошувачка на населението. Со тоа повторно се отвори и стариот, на широко дебатиран проблем дека во услови на стагнација и рецесија загубите на компаниите значително се социјализираат, а наспроти тоа во услови на забрзан економски раст тие дополнително се приватизираат.

Kon 2021 i potoa golemo globalno prestruktuiranjeИзвор: news.uchicago.edu

Вакви и слични состојби и политики доведоа и до појава на растечка нееднаквост во распределбата на доходот во која најбогатите се уште побогати, а средната и ниска класа осиромашува што, исто така, претставува сериозна закана за иднината. Сега се проценува дека најбогатите 1 отсто од населението (78 милиони) имаат двојно поголемо богатство од 88 отсто или 6,9 милијарди луѓе на светот.

Резултат на сите овие состојби е слабеењето на базичните механизми на либералните пазарни економии и зацврстување на помалку или повеќе интервенционистичките и т.н. координирани пазарни економии во светот. Пандемијата само ги поттикна и онака постојните процеси. Враќањето од ваквата состојба нема да е лесно и брзо. Еклатантен пример е Грција и нејзината економија. Како и другите, таа влезе во голема рецесија, а владините антикризни мерки ја внесоа во ниво на јавен долг што ќе надмине 200 отсто од БДП. Владата се обиде да се соочи со рецесијата со лабава фискална и монетарна политика (loose fiscal and monetary policy) со првична цел да се поддржат скоро сите од јавниот и приватниот сектор. Тоа не даде резултат, особено со пропаста на туристичката сезона и сознанието колку многу целата економија е зависна од туризмот.

ОЕЦД сега предвидува дека годинава ќе заврши со 20 отсто невработеност наспроти 16 отсто во јануари. Владината интервенција уште повеќе ги влоши работите со неуспехот да се реши најголемиот проблем во економијата – нефлексибилните закони за работна сила, а ни зголеменото јавно трошење не успеа да ја стимулира економијата ни приближно доволно. Таа грешка ја направија многу влади во светот и сега сите ќе очекуваат таквото, релативно безнадежно, однесување да продолжи и во 2021 и понатаму. Никој не сака да прифати дека на економиите им се потребни големи структурни реформи кон секторите од кои пандемиската криза има нужна потреба и тоа веднаш. Грција е само добар пример за тоа. Можеби пријателското бизнис опкружување со либерализиран пазар е патот по кој попрво треба да се започнe да се оди.

Предизвиците и можностите се испреплетени

Во 2021 и понатаму светот повторно ќе го очекуваат многу предизвици и неколку можности. Пандемијата зададе огромен удар на напорите за подигнување на животниот стандард и борбата против сиромаштијата и нееднаквостите, едновремено пресекувајќи ги глобалните и регионални вериги на снабдување и предизвикувајќи трговски шокови. СТО, на пример, предвидува пад од 9,2 отсто на обемот на светска трговија со стоки за 2020 година, проследено со пораст од 7,2 отсто во 2021 година што значи дека предпандемиското ниво од 2019 година сè уште ќе биде недостижна цел, а треба да имаме предвид дека и без пандемијата обемот на светската трговија во периодот 2011-2018 година се зголемуваше само за скромен 1 процент годишно а во 2019 дури и се намали за неполни 3 отсто.

Извршниот директор на ИФЦ (СБ) смета дека „приватниот сектор веројатно сега е многу поважен отколку што некогаш беше во помагањетона глобалната економија да го започне растот кога ќе излеземе од оваа пандемија“ со што потврдува дека приватниот сектор сам нема да може лесно да ја надмине пандемијата. Државата останува важен фактор.

Од друга страна, животната средина е и ќе биде добитник на краток рок. Намалената побарувачка го намали производството на фосилните горива и со тоа и јаглеродните емисии. Глобалната економија која и онака беше социјално, економски и еколошки неодржлива, а нејзиниот раст нè доведе до работ на катастрофални климатски промени што сега, заради пандемијата, се забави. Но, таа го исфрли на површината проблемот со нерегулираните пазари на труд и непријавениот труд. Во ерата на масовна компензација на изгубените плати и надници заради пандемијата, непријавените работници се големи губитници. Тоа е проблем што, исто така, брзо ќе треба да се решава во иднина.

Преиспитување на целиот општествен систем

Пандемијата го принуди светот да се соочи со проблемите што долго беа запоставени. Бидејќи работите не можат да се остават какви што беа, јасно е дека се потребни политики за нивно менување. Една е дека структурни промени се нужни, а улогата на државата мора постојано да се преиспитува и прилагодува на реалноста. Друго се промените во природата и квалитетот на работата. Тие се од големо значење и секоја идна промена мора да се фокусира на создавање на поквалитетни работни места, за повеќе луѓе и тоа на многу повеќе разединети места со повисока технолошка надградба на работните места и зголемени барања кон работодавците. Тоа опфаќа и многу поголемо географско ширење на работните места со висока додадена вредност со цел повеќе локации да бидат „домаќини“ на високо платени работни места.

Конечно, ова е една од големите можности и за преиспитувањето на целиот општествен систем и вкупните меѓународни односи. Можат ли тие и понатаму да останат исти? Веројатно не, па затоа сега е време постепено да се редефинираат.

respublica.edu.mk

Сподели: