Колумна Текстови

НОВА ИЗГРАДБА НА АНТИФАШИЗМОТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Како одговор на загриженоста произлезена од колективната траума на Втората светска војна, нинбершката правда придонесе за изградба на јавна меморија која ги третираше нацизмот и фашизмот, не само како кривично-правни дела и психопатолошки феномени, туку и како привремено отстапување од еволуцијата на европската култура и развојот на европската политичка десница.

Александар Литовски

Врз основа на искуствата со овој облик на отстапување, врз основа на искуствата од минатовековната фашистичка брана во непречениот проток на цивилизациските вредност и налудничавиот прекин на општествената еволуција, европските општества, денес, наместо фаворизирање на профашистичките вредности и политики, би требало повторно да се зафатат со изградба на антифашизмот и да спречат ново воено варварството на глобално ниво. Со оглед на очигледниот нагорен интензитет на враќање на фашизмот на светската економско-политичка сцена, секоја наредна минута е – „веќе доцна“.

Историјата на Третиот Рајх, фашизмот, Втората светска војна, окупацијата и отпорот станаа дел од модерното европско ревизионистичко толкување и, сè повеќе, се инструмент за пресметка на десницата со антифашизмот, комунизмот, левицата, Руската Федерација и Кина. Стапиците скриени од сегашните идеолошки употреби на тоа минато повеќекратно се опасни. Десничарските идеолошки форми на толкување на настаните од минатото, преку неколку анти-антифашистички и антикомунистички резолуции во Советот на Европа, со што се врши директна политичка интервенција во науката и слободата на мислата, се вратени во центарот на јавниот говор и меѓуидеолошкиот судир на европската и светската политичка сцена.

Идеолошката позиција на „умерената“ десница и левица за два радикални и екстремни политички концепти кои се закануваат на „демократијата“, има свои корени во европската меѓувоена „конзервативната револуција“, особено во Вајмарската република, а нејзините профашистички верзии низ различните земји, уште тогаш служеа како средство за ограничување на демократските слободи, средство за поткопување на демократските институции „од внатре“, инсталирање на антиболшевизмот како ментален modus vivendi, десничарски инструмент за класна борба и, дури послужија како практично средство за востоличување на Хитлер и неговите нацисти како господари на судбината на Германија и светот. Денешнива таканаречена „теорија на две острици“ многу слично на некогашниот профашисточки ревизионизам го става стравот од комунизмот во центарот на вниманието и го претвора во spiritus movens на денешната глобална идеолошка борба, а формалниот антифашизам го користи за да ја замаскира вистинската намера на реинкарнација на фашизмот во форма на некаков вид на „популизам“. Оттука, присуството на антифашизмот во теоријата на две острици е лицемерно, неконзистентно и привремено. Впрочем, потполно исто како што беше присуството на „социјализмот“ во наци-фашистичкиот речник на Хитлер, а имаше за цел да привлечи што поголем број гласачи и приврзаници од работничката класа.

Иако сето ова е повеќе или помалку познато, многумина од редовите на денешнава либерална интелигенција, насекаде па и кај нас во Македонија, ставени во служба на крупниот капитал, побрзаа, незапирливо и неуморно да тресат антикомунистички флоскули за две екстремитета и да го фаворизираат фашизмот. Идеолошката карта на светот е само уште еден доказ за тоа како крупниот капитал манипулира со вистината, како ги искориствува интелектуалците и како ја употребува науката и нејзините резултати за остварување на своите класни егоистички цели и контрола врз светските општествено-економски процеси. Заборавањето од денешниве „умерени“ политички и интелектуални елити на сопствената антифашистичка традиција, заборавањето на нинбершката правда, заборавањето на психопатолошката идејна и практична феноменологија на фашизмот, светот повторно ќе го втурне, ако не во „светска“ војна, тогаш сигурно во низа локални и регионални воени конфликти, варваризам, масовна смрт и страдања, доминација на десничарскиот популизам, авторитаризам и тоталитаризам.

Со инволуцијата која се случи на крајот на минатиот век, а која продолжува и денес, хуманистичкиот сон на човештвото е дискредитиран и загубен. Тој сон е претворен во кошмар за општествена дистопија и еколошка катаклизма. Затоа, светот, доколку сакаме да ја зачуваме неговата хуманистичка димензија, нужно бара спротиставување на сегашниве глобални стопани и промена на основните социјално-економски и општествено-политички парадигми на животот. Бара итна промена на „филозофијата на два екстрема“, преку која на „мала врата“ се враќа фашизмот и морално се озаконуваат и оправдуваат расизмот, антикомунизмот, милитаризмот и војните за профит. На човештвото мора да му се врати чувството дека има иднина, дека може да има и ќе има уште поголема еднаквост, правичност и правда, може да има и ќе има квалитетен сон за сите луѓе во светот.

Сподели: