Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Османи: Тргнуваме во поход да ги убедиме земјите дека луѓето се на прво место

Сподели:

 

Република Северна Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација  која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска одржа тематски брифинг на кој ги претстави приоритетите на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ.

 

 

Објаснувајќи ја улогата на ОБСЕ како организација која е фокусирана на интересите на луѓето, на обичниот човек, и успешноста на нивните теренски активности, Османи изјави:

„Ние овде тоа добро го знаеме. Теренската мисија на ОБСЕ во земјава има остварено одлични резултати и нивното присуство овде, набргу по осамостојувањето, во голема мера придонесе за нашата внатрешна стабилност и постепен развој на денешниот модел на функционална мултиетничка демократија. И тоа го сметам за наша предност и во рамките на претседавањето. Како, условно речено – ‘задоволен корисник’ ние имаме автентично искуство за значењето на теренските мисии и присуството на ОБСЕ во регионите кои се сметаат за загрозени.“

Османи ги објасни исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на Континентот и практично активната воена агресија на една земја – членка врз друга земја – членка на Организацијата како посебен предизвик за враќање на функционалноста на самата организација.

„И тоа не е лесно. Тоа е многу тешко, и да бидам вака директен – тоа е најтешката работа во политиката. Да најдете начин да убедите две страни на дијалог, на разговор и во обичниот живот е тешко, а во политиката уште потешко. Но, секогаш има едно но; колку и да се страните заробени во своите политички ровови, обичните луѓе, граѓаните, цивилите – тие сакаат мир и стабилност! И тоа е нашата почетна позиција – луѓето; за луѓето се работи! Ако треба ќе одиме директно на терен кон луѓето за да ја земеме таа порака и да ја внесеме во дипломатските релации, во меѓународните односи“, појасни Османи.

Османи најави дека на 12 јануари, во Виена и формално ќе биде првото соочување на Северна Македонија со претставниците на сите 57 земји во улога на Претседавач со ОБСЕ, по што, како што најави, прва земја која ќе ја посети како Претседавач ќе биде Украина.

Сподели: