Вести Изјави Македонија Ударни вести

Ковачевски: Евроинтеграцијата на државата е неповратен процес

Сподели:

 

Премиерот Димитар Ковачевски во новогодишниот број на неделникот „Фокус“ потенцира дека патот на евроинтеграции на државата е неповратен, национален процес. Според него, сите 120 пратеници во Собранието имаат одговорност и обврска тие процеси да ги остварат поради подобра иднина на сегашните и идни генерации.

„Тоа не е процес на еден човек или партија, туку национален процес. Нашите деца заслужуваат да живеат во европска држава, но не во европска држава во туѓина, туку во Северна Македонија членка на ЕУ, каде, исто како во земјите на ЕУ, владее економски просперитет, врвна демократија и социјална правда“, дециден е премиерот.

За да се стигне до овој момент на отпочнати преговори, премиерот истакна дека беше донесена голема и тешка одлука, која ни овозможи да го откочиме патот кон зачленување во ЕУ.

„Се работеше за долги преговори и со претседавачот Франција и со Бугарија и постигнавме компромис со кој го заштитивме идентитетот. Со чист македонски јазик, како Македонци, започнавме преговори со ЕУ. Нема дилеми дека државата треба да оди напред. Граѓаните сакаат во ЕУ и наша задача како политичари е тоа да го исполниме.

Хистеријата дека ќе сме се асимилирале, бугаризирале, дека ќе нè снемало, од денешна перспектива гледаме дека се само лаги. Кој може да нè асимилира никому не му е јасно. Тоа го истакнуваат претседателите на најголемите држави-членки на ЕУ. Нешто што постои длабоко во нас, постоело со векови и ќе продолжи да постои, никој не може да го одземе. А, добивме договор и преговарачка рамка што нѐ носи напред во исполнување на уште една стратешка цел“, истакна премиерот Ковачевски.

Што се однесува до понатамошните одлуки, премиерот Ковачевски истакна дека обезбедувањето на двотретинско мнозинство е само една од одлуките што ќе треба да се носат во Собранието до полноправно членство.

„Ќе се носат и други одлуки, бидејќи кога ќе заврши скрининг-процесот ќе дојдат „бенчмарковите“, кои ние ќе мора да ги исполниме во поглед на усогласување на нашето законодавство, во поглед на сериозни реформи и унапредување на општеството. Тоа значи дека до 2030 година ќе треба да се носат уште големи одлуки, како што се правело во сите земји членки. Затоа велам дека тоа е неповратен процес“, нагласи премиерот Ковачевски.

Сподели: