Вести Македонија Став Ударни вести

Потреба од државна стратегија за еко-туризам и алтернативни форми на туризам – Љупчо ЈАНЕВСКИ

              Љупчо Јаневски

Глобализацијата и динамиката на живеење во последните две децении создаде менување на навиките кај туристите кои поради своите потреби го избегнуваат концептот на долги летни одмори, прилагодувајки ги обврските спрема неколку кратки одмори на нови неоткриени дестинации. Токму потребата од истражување и патување во места кои не се познати го создадоа тематскиот туризам кој се прилагодува според потребите и интересот на туристите.

Зачувувањето на животната средина и оддржливоста на дестинациите се во фокусот на интересите кои ги водат денешните слободни патувачи. Еко-туризмот, всушност, сѐ повеќе мотивира туристи да откриваат непознати и скриени атрактивни дестинации. Тој е релативно нов вид туризам, современ, со голема перспектива и претставува важна гранка во туристичката индустрија. Еко-туризмот бргу се развива како алтернатива на масовниот туризам, создавајќи така одржлива форма на туристичка рамнотежа. Неговата широчина на практикување е голема, а формите во кои се имплементира постојано се надградуваат и може да бидат од едукација во природно-научни и национални паркови и заштитени подрачја, до уживање во глетката од некој планински врв или падина. Трајната поврзаност со дестинациите овозможува активно ангажирање на локалното население, кое учествува во остварувањето финансиски бенефит и развој на локалната економија. Одреден број на рурални села во Алпите, преку ноќ, што се вели, станаа познати туристички атракции презентирајќи ја својата храна, традиција, обичаи и чистата природа, места кои до пред само десетина години се бореле со масовната миграција, а сега со недостаток на работна сила и стручни кадри.

Каде е Македонија со еко-туризмот и туризмот воопшто и со следењето на светските трендови во оваа област?

Кога е во прашање развојот на туризмот, генерално може да се констатира дека чекориме храбро, но претпазливо. Честопати водени од профитот се трудиме да покажеме квантитет во посети, односно ги потенцираме остварените ноќевања и вонпансионската потрошувачка на туристите, запоставувајќи го притоа квалитетот на понудата. Тоа обично се случува во местата кои сакаат подобро да се позиционираат на туристичкиот пазар и да ја зголемат својата атрактивност, но, на тој начин не се постигнува одржливост и видлив ефект врз локалната економија.

Според податоците за изминатата година, земјава ја посетиле 1,2 милиони туристи и се остварени 3,2 милиони ноќевања и девизен прилив од 381,5 милиони долари, што е за 16.7% поголем од предходната година. Во однос на остварени ноќевања во 2018 година сме земја-лидер во Европа со скок од 22,1% . Предходната година беше карактеристична и по фактот дека забележивме раст на бројот на туристи, најмногу благодарение на понудените нови туристички атракции и туристички производи.  И доколку се споредиме со земјите од регионот,  може да заклучиме дека туризмот кај нас започнавме вистински и сериозно да го поставуваме преку спроведување на успешни светски и регионални практики.

Македонија е идеална земја за развој на еко-туризмот и претставува ретка композиција во која мошне усогласено се испреплетуваат голем број на високи планини бога­ти со дивеч, пештери, интересни леднички езера, број­ни висорамнини, бо­га­ти и мошне плодни низини, клисури, долини на многу­бројни атрак­тивни водотеци, бо­гати со риба, како и низата останати помали, но не и помалку атрак­­­тивни гео­морфолошки облици и форми. Во Македонија вкуп­но се ре­ги­стри­рани 177 планински врвови со надморска височина по­го­­лема од 2.000 мет­ри, меѓу кои највисок е Корабска Врата, со 2.764 м, десет поголеми низини со повр­шина од близу 8.000 км2 и композитна и рет­ко атрактивна долина на ре­ка­та Вардар (вкупна дол­жи­на 388 км.  во цела  Македонија), која се должи на наизменичното мену­ва­ње од клисурестите делови во речните про­ширувања со простра­ните за­рам­не­ти полиња.

Ова се само мал број од фактите зошто ние имаме идеални услови за развивање на еко -туризмот и алтернативните форми на туризам кои треба да го надополнат постоечките атракции на дестинациите. Еко-туризмот треба да го надополни вакуум просторот меѓу побарувачката и понудата кај тур-операторите и интересот за патување и нови дестинации на слободните патувачи.

Светол пример во овие заложби е општината Крушево, која заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и неколку странски донатори, започна со зајакнување на атракциите за алтернативни форми на туризам. Новото параглајдерско полетувалиште на Мечкин Камен, патеките за планински велосипедизам, гастрономијата, качувањето по карпи, културните манифестации, зајакнатата промоција и поддршката од локалната заедница, донесоа голем број странски и домашни туристи . Растот на туристите и ноќевањата  е поголем за 50% во 2018 година, а истиот трент продолжува и во првиот квартал од 2019 година. Очекувам овој светол пример да се мултиплицира и врз целиот регион, зафаќајки и други општини кои граничат со Крушево, нудејќи атракции што ќе ги задржат туристите да останат еден ден подолго во регионот. Ова, ми се чини, е вистинската формула и насока за развој на туристичката понуда во нашата земја, при што треба да се искористуваат сите природни и други ресурси особено за развојот на еко -туризмот и одржливоста на дестинацијата.

Донесувањето државна стратегија за еко-туризмот и алтернативните форми на туризам, која ќе произлезе во соработка со сите чинители во туризмот, е исклучително значајно за да ги определи нашите цели во наредните десет или повеќе години. Оттука, длабоко верувам дека туризмот како стопанска гранка ќе биде силен фактор во зајакнувањето на нашата економија, а ние препознатлива дестинација за четири сезони на Балканот и во Европа.

Сподели: