Колумна Текстови

Распуштеното собрание не може да оживее – Светомир Шкариќ

 

 

Самораспуштењето на Собранието и предвремените избори се користат од политичките партии како средство за подолго останување на власт, а не за јавно добро. Прво треба да се донесе решение за распишување на изборите, а потоа да се пристапи кон донесување на одлуката за самораспуштање. Тоа е пологично решение отколку да се постапи обратно, како досега.

Светомир Шкариќ

Самораспуштање на Собранието се врши од внатре, од страна на мнозинството пратеници. Ваквото решение е во склад со уверувањето дека Собранието е највисок орган и дека никој не може да го распушти, освен пратениците. Таквото мислење се одржува уште од Првото заседание на АСНОМ до денес.

Продолжено владеење на партиите

Во повоениот период Собранието секогаш се сметало за највисок орган на државната власт. Таа идеја доаѓа до израз и во Уставот од 1991 година, во одредбата за самораспуштање на Собранието (чл. 63). Се смета дека Собранието е повисок орган од другите органи и затоа ниту еден орган нема право да го распушти пред истекот на неговиот мандат. За своето распуштање може да решава самото Собрание и тоа само ако за неговото распуштање гласа мнозинството од вкупниот број пратеници: „Ова уставно решение е типично за концепцијата на собранискиот систем на владеење“ се вели во книгата на Евгени ДимитровСпецифичностите на парламентаризмот во Република Македонија според Уставот од 1991 година.

Во досегашната практика, Собранието се самораспушти четирипати. Првпат тоа се случи по две години од мандатот, во април 2008 година, на предлог на пратеничката група на ДУИ која во тоа време беше во опозиција. Предлогот беше прифатен од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ и ДПА). Како основна причина за потребата од распуштање на Собранието беше наведена неговата неефикасна работа и опструкцијата на опозицијата. Но тоа беше само привид, затскривање на вистинските причини.

А вистинските причини беа други: притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да коалицира со ДУИ како партија со најголем број пратеници – Албанци и оценката дека на предвремените избори владеачката партија од македонскиот блок ќе го зголеми бројот на пратеничките мандати, доволен за комотно владеење. Оттогаш започнува процесот предвремените парламентарни избори да се користат како средство за подолготрајно одржување на власта.

По вторпат Собранието се самораспушти по три години од мандатот, во април 2011 година. Предлогот за распуштање овојпат пристигна од ВМРО-ДПМНЕ, поддржана од коалициониот партнер ДУИ. И едната и другата партија беа убедени дека ќе дојдат полесно до победа, користејќи го национализмот како алатка. Првата партија јавна врз незадоволството на граѓаните од грчкото вето за прием на Македонија во НАТО, а втората застана зад правата на борците на ОНА, изјавувајќи дека „по никоја цена нема да помине Законот за бранителите, ако не се дополни со правата на борците на ОНА“. Во пресрет на овие избори, зголемен е бројот на пратениците со три пратеници од дијаспората, без согласност на опозицијата.

Третото самораспуштање се случи три години од мандатот на Собранието, во април 2014 година. Овојпат, Собранието се самораспушти на барање на ДУИ која излезе со предлог за „консенсуален претседател“. ВМРО-ДПМНЕ го прифати барањето на коалициониот партнер најмногу поради тоа што сакаше да се совпаднат парламентарните со претседателските избори во вториот круг, со цел на претседателските избори да излезат повеќе од 40 отсто од гласачкото тело за да биде повторно избран за претседател, Ѓорге Иванов. Тој им беше неопходен за продолжено владеење.

Четвртото самораспуштање се случи две години од мандатот на Собранието, на почетокот од 2016 година, под притисок на аферата „Прислушкување“ од 2015 година и силниот притисок на ЕУ и САД. Првично, парламентарните избори беа закажани за 24 април 2016 година, но поради опструкцијата на владејачките партии тие се одлагаа двапати, за конечно да се одржат дури на 11 декември 2016 година. Претходно, самораспуштеното собрание повторно се врати на власт, иако беше мртво. Се врати и стариот спикер, со убеденост дека е незаменлива фигура.

Raspustenoto sobranie ne moze da oziveeИзвор: vecer.press

На повидок е петтото самораспуштање на Собранието кое треба да се случи во февруари, ако останува датумот за предвремени избори на 12 април 2019 година. Датумот е утврден договорно од страна на лидерите на главните политички партии од македонскиот и албанскиот блок, со посредство на претседателот на Републиката, Стево Пендаровски. Причината е од тривијален карактер – недобивање датум за преговори со ЕУ. Договорено е да се самораспушти Собранието без да се има јасна претстава за времето на ратификацијата на Протоколот за прием на македонската држава за членка на НАТО. Неизвесно е дали ратификацијата ќе се случи пред или после самораспуштањето на сегашниот состав на Собранието.

Губење на мандатот на Собранието

Погрешно е толкувањето дека распуштеното Собрание може повторно да заседава и да одлучува за одредени прашања, како што е, на пример, ратификацијата на Протоколот за прием на Македонија во НАТО. Еднаш распуштено Собрание значи и негово исчезнување од политичката сцена. Нема уставна основа за негово повторно оживување по одлуката за негово самораспуштање. Самиот збор „самораспуштање на Собранието“ значи и негово престанување со работа.

Преседанот за негово повторно оживување што е направен во 2016 година е неуставен. Како таков, не може да се користи како основа за создавање нови случаи и нивно претворање во обичајно право. Ако Шпанија, како последна членка не го ратификува Протоколот за прием на Македонија во НАТО пред самораспуштањето на постојниот собраниски состав, тогаш ратификацијата ќе ја изврши Собранието во нов состав, по неговото конституирање. А конституирањето може да потрае подолго време. За тоа не е водено доволно сметка од страна на лидерите на политичките партии и претседателот на Републиката кога се договарале за датумот на новите предвремени избори.

Самораспуштањето на Собранието исклучиво е поврзано со распишувањето на предвремените избори, а не со неизбирање влада како што е тоа случај со другите земји. Колку самораспуштања на Собранието, толку и предвремени избори. А предвремени избори имаше исто толку, колку што имаше и редовни избори (5:5). На дело е тешка злоупотреба на избирачкото право од страна на политичките партии. Предвремените избори не се користат за општо добро, туку се средство за продолжено владеење на партиите на власт. Преку нив полесно се одржува освоената власт отколку преку редовните избори.

Уште покомично е сфаќањето дека претседателот на Собранието останува претседател и по распуштањето на Собранието и дека тој има право повторно да го свикува распуштеното Собрание. На пример, ако треба да се ратификува Протоколот за прием во НАТО или ако настапи воена или вонредна состојба. Таквото толкување значи раздвојување на функцијата претседател на Собранието од статусот пратеник. Тоа е вовед во негово инаугурирање од „прв меѓу еднаквите“ во фигура со „екстра“ власт. Со желба за таква власт се стигна до „Црниот понеделник“ и „Крвавиот четврток“.

Самораспуштањето на Собранието создава конфузија и од гледиште на времето за донесување на одлуката за распуштање на Собранието и решението за распишување на изборите. Што да биде прво, а што второ? И дали воопшто можат временски да се усогласат наведените дејствија. Ако прво се донесе одлуката за самораспуштање на Собранието тогаш нема кој да ги распише изборите, бидејќи со самораспуштањето на Собранието престанува и функцијата претседател на Собранието.

Едно од решенијата може да биде – прво распишување на изборите и нивно одржување на датум предложен од лидерите на политичките партии, а потоа донесување на одлуката за самораспуштање на Собранието. Тоа би било пологично решение отколку да се постапува обратно, како досега. При утврдување на такво решение треба да се консултира и претседателот на Собранието. Распишувањето на изборите е негова надлежност. Затоа и тој треба да учествува во разговорите за датумот на одржување на изборите, заедно со лидерите на политичките партии.

Распуштање на парламентот

Решението што го содржи нашиот устав е многу ретко застапено во споредбеното уставно право. Самораспуштањето на парламентот го познаваат само уставите на Австрија, Израел и Турција. Во Австрија со законодавна одлука може да се распушти Националниот совет. Во Израел, Кнесетот донесува одлука за самораспуштање во редовна законодавна постапка. Во Уставот на Турција од 1982 година не е предвидена посебна постапка за самораспуштање на Големото национално собрание на Турција. Уставот на Норвешка, пак, не дозволува распуштање на Стортингот уште од 1814 година.

Останатите устави зборуваат за распуштање на парламентот. Распуштањето се третира како камен темелник на парламентаризмот, заедно со правото на парламентот да гласа за недоверба на владата. Нашиот устав ја познава само одговорноста на Владата пред Собранието, но не и распуштање на Собранието од страна на Владата. Нема распуштање на Собранието ни во случај кога не може да се избере Влада. Може да имаме Собрание, но не и Влада, оти собранието е највисок орган!

Карл Левенштајн, германски професор, фигуративно го опишува реципрочното дејство на парламентот и на владата како дејство меѓу клипот и цилиндерот од автомобилскиот мотор: гласањето за недоверба на владата од парламентот и распуштањето на парламентот од владата овозможуваат тркалата на сложениот парламентарен систем постојано да се движат напред; тоа е магична формула за воспоставување динамична рамнотежа меѓу парламентот и владата повеќе од два века од развојот на парламентаризмот.

Распуштањето на парламентот од страна на владата има својство на осило на пчела: како што пчелата умира веднаш по исфрленото осило во нечие тело, така и владата паѓа штом ќе одлучи да го распушти парламентот. Како последица на тоа, распуштањето на парламентот не се јавува како израз на преголема моќ на владата, туку исклучиво како тешка одлука на владата за заштита на сопственото достоинство и на сопствената одговорност за состојбите во општеството.

Малку механика и малку биологија не се на одмет кога се расправа за парламентаризмот како облик на власта. Ни малку филологија нема да им штети на оние кои сакаат самораспуштеното Собрание повторно да го вратат во живот.

respublica.edu.mk

Сподели: