Колумна Текстови Топ теми Ударни вести

ШАМИЈА ЗА БРИШЕЊЕ СОЛЗИ! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Конечно, мора да престанеме да се гледаме себеси како онаа глупава мачка Херкулес, која пред илузорните огледала мислеше дека е тигар.

Мерсел Биљали

Лани ова време, на видео-линк беше оддржан Самитот на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан. Наспроти тогашната заложба на Хрватска фокусот да биде проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, во последен момент бил сменет и називот на самитот, па наместо „самит за проширување“ добивме „самит за зајакнување на врските со државите од Западен Балкан“. Усвоената Декларација од Загреб беше под очекувањата. Зборот „проширување“, беше заменет со „европска перспектива“ (дури не „ЕУ перспектива“). Самитот се одвиваше според некое сценарио, каде што сите глумеле – едните глумеле проширување, а другите глумеле реформи, па неслучајно проширувањето стана комичен театар.

Оттука, Преспа форумот за дијалог, со очигледно доминантно американско присуство, доаѓа како шамија за бришење солзи, посебно за Македонија и Албанија. Американскиот притисок врз Брисел е очигледен, ама и ЕУ маргиналното присуство во Преспа-форумот беше очигледен. Наспроти желбата на новата администрација Вашингтон да се зближи со Брисел, па и да притиска, трампов период веќе создаде длабоки рани во односите САД-ЕУ. Брисел се научи да оди со свои нозе. Сега локомотивата на ЕУ – Германија, не сака да отстапува од „Северниот ток 2“ (Nordstream 2 – гасоводот со Русија кој е скоро готов), а со ЕУ како целина Вашингтон има големи проблеми да ја спречи во настојувањата за добри односи со Кина и Русија. Оттука, притисокот од Вашингтон за западниот Балкан на европејците може да им дојде „преку глава“.

Факт е дека американците со Бајден нема да го запостават Западниот Балкан, туку жестоко ќе притискат во регионот за ефективни реформи, а во Брисел за проширување. Тука веројатно ќе паднат и многу глави. Во Албанија наскоро се очекува да завршат во затвор и поранешниот премиер и сеуште актуелниот претседател на државата, а и многу други структури поврзани со криминалот и корупцијата, вклучително и судии и обвинители. Таму „СПАК“ (институција за откривање, гонење и судење на криминал и корупција), има внесено страв во сржта кај секого што малку мирисал на лук. На секому кога нешто работел на црно – црно му се пишува. Веројатно Албанија ќе биде тест за тоа како да се постапува со сите други држави од регионот, оти без да се искорени злото (корупцијата), дестабилизацијата ќе ни тропа на врата.

Словенечкиот претседател е во право кога се повикува на „кредибилитетот“ на ЕУ, оти тоа што денес е спор меѓу Бугарија и Македонија, во самите принципи на ЕУ е чиста глупост. Но, проблемот не е тука. ЕУ бара влакно во јајцето за да го избегне проширувањето. Никој не е толку наивен за да поверува дека Бугарија тоа го прави своеглаво. ЕУ со години има мноштво свои проблеми што доведоа до нејина нефункционалност. Таму единствено што моментално функционира е заедничкиот пазар. Сѐ друго што изгледаше како „мед и млеко“ сега се „лук и вода“.

Оттука, поради американскиот притисок можни се преговори со Македонија и Албанија, но треба да имаме долг живот за да го дочекаме крајот. Тоа се гледа по Црна Гора и Србија кои десетина година преговараат, а не се ни на половина пат. Оттука, Македонија нема потреба од гладијаторска борба за преговори. Таа треба енергијата даја препренасочи кон развојот, меритокрацијата и департизацијата. Да го правеше тоа со време, одамна ќе бевме членка на ЕУ. Но, за жал ние долги години се гледавме себеси како онаа глупава мачка Херкулес, која пред илузорните огледала мислеше дека е тигар. Сега заостануваме во секој домен. За жал, сеуште нечии ќерки и синови стануваат вработени во елитни места, стануваат судии или обвинители, често без елементарна заслуга. Тоа брзо ќе им се крши од глава и ним, а и нам како целина. Потребни се триагонални институции со силни филтери, кои дури и ревизионо би дејствувале. Најмалку сега ни се потребни преговори само поради ефтини електорални цели, а немаме елементарен вредносен систем.

Има ли излез?

Треба да се забрза со првата фаза – заедничкиот пазар на земјите од Западен Балкан. Србија покажа дека ако се има политичка воља, можен е брз економски развој и надвор од ЕУ. Само потребна е максимална либерализација, мерит-систем и екстремно кратки административни процедури. Потоа, како втора фаза треба да се насочиме кон Европска Економска Зона. ЕЕЗ е формирана во 2004 година, како спогодба меѓу ЕУ и земјите членки на ЕФТА (Европска слободна трговска асоцијација), низ која поминале повеќето развиени држави до членството во ЕУ (Данска, Шведска, Велика Британија, Ирска, Португал, Австрија итн). Подоцна ЕФТА стана ЦЕФТА што ги опфати бившите социјалистички држави – Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Словенија, и повеќето други држави, кои во 2004 година групно стана членки на ЕУ. За бројни од овие земји ние бевме Американци, а по 30 години тие стана Американци, а ние Авганистанци.

Европска Економска Зона не е алтернатива на членството во ЕУ, туку експресен воз за членство во ЕУ. Членството во ЕЕЗ фактично е членство во ЕУ, но без учество во нејзините органи. Значи, со евентуално вклучување во ЕЕЗ, нема да ја откриеме топлата вода, туку ќе го правиме тоа што го правеле повеќето од држави кои денес се членки на ЕУ.

Затоа треба да смениме бројни закони каде што ќе ги пенализираме ургенциите, монополите, злоупотребите итн. На ниедна држава на светот не и успеала без професионален и функционален систем, а најмалку нам може да ни успее. Зошто го чуваме земјиштето со назнака „РМ“ која често за ништо не се користи, наместо да го дадеме за нови капацитети и нови работни места. Оти кога ќе не ни дојде умот во некоја иднина, тука мнозински народи ќе станат Авганистанци, Индијци, Сиријци или Еритрејци. А ние секогаш знаеме да го загубиме тоа што го имаме, за да го добиеме тоа на што залудно се надеваме! Не знаеме што е општо добро. А општото добро се состои од среќата и благосостојбата на сите поединци. А ние продолжуваме со години да се сопнуваме на исти камења. А штом тоа ни се случува повеќе пати, тогаш не е проблемот кај камењата. Дополнително тоа има доведено до тешка контаминација на човечкиот ум и морал, кој сега тешките лични девијации ги смета за лична способност. Сѐ повеќе евтини луѓе стануваат ептен многу скапи! Уривањето на вредносниот систем има доведено до тоа, да обичниот гласач сосема лесно му го подарува срцето на политичар кој има потреба од мозок. Или морал. Никој нема оправдување за тоа зошто немаме мерит-систем на сите нивоа со строги правила и либерализација на економскиот план. Без овие сегменти ни во сон нема да отидеме напред. Вакви како што сме, само што ќе им бидеме ветар во грбот на тие политичари кои единствен талент им се колекција ножеви во грб.

Дури и опозицијата не дава надежи дека може да биде поинаку. Таа цело време се занимава со празни работи без сериозни понуди во секој домен. Да потрошите енергија цело време на „идентитети“ или „државјанства“ за две илјади луѓе, а да не се грижите за стотина илјади други, е провидно „ќибриташка игра“. Замислете до која мера фатализираме и  драматизираме? Што би се случило на пример ако некој вели дека хрватскиот и српскиот јазик се слични или исти. Дали тоа значи дека Хрватите се помалце хрвати, а Срби повеќе срби!?

denesmagazin.mk

 

Сподели: