Скопје не се бетонира случајно, Скопје се убива!

Сподели:
Јове Кекеновски

Вчера се навршија 62 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година. Тогаш светот застана зад нас. Градот стана симбол на обнова, солидарност и надеж. Но денес, 62 години подоцна, Скопје повторно е уништувано, не од природна катастрофа, туку од луѓето што треба да го развиваат.

Наместо да се изгради во современа и урбана метропола, Скопје во последниве 25 и нешто години стана урбана џунгла, град без душа, окован во железо и бетон, град во сообраќаен колапс, загаден воздух и изгубен идентитет.

Урбанизмот во Град Скопје е претворен во легализирана пљачка и организиран урбан геноцид. Ова што го гледаме денес не е последица на незнаење, туку на свесен и брутален криминал, спроведен од градоначалниците и нивните послушни совети, кои со години молчат, климаат со глава и гласаат „за“ кога треба да се дозволи уште еден бетонски монструм на местото на последниот квадрат зеленило.

Сведоци сме на неконтролирана бетонизација, на згради залепени за тротоари, без паркинзи, без зелени површини, без воздух, без нормален пристап до домот. Булеварите се претворени во паркинзи, а тротоарите во лавиринти. Безрбетните локални власти ја продадоа иднината на Скопје за по некој стан и полна каса со кеш под маса.

Не станува збор за некомпетентност. Станува збор за „ербат-дечки“ кои пред дваесеттина години наназад преку ноќ станаа урбанистичка мафија облечена во маркирани костуми, заортачена со општинските челници. Со неверување гледаме како уште во тоа време градоначалниците станаа дел од градежните картели. Советниците во општинските совети го изгубија моралот и ја свиткаа еластичната кичма. Се претворија во машини за гласање. Месечен убав хонорар и „дај шта даш“. Сега и никогаш повеќе на иста позиција. Мотото им беше и им остана: „Биди тивок, а при гласање ЗА, дигај рака повисоко.“

И едните и другите се претворија во архитекти на хаосот, соучесници во уништување на секој нормален урбан живот.

Скопските општини Аеродром, Центар и Карпош со години наназад се симболи на урбанистичка корупција и уништување. Во последниве петнаесеттина години, бетонизацијата и урбаната мафија не ја заобиколија ниту општината Гази Баба.

И покрај воведувањето на мораториуми во некои скопски општини, како што е случајот со Центар, и делумно со Аеродром и Карпош, тие не доведоа до целосно стопирање на неконтролираната градба. Во многу случаи, мораториумите беа делумни, привремени или чисто формални. Општините Чаир и Сарај се посебна приказна. Најблаго речено таму постојат бројни примери кои укажуваат на тоа дека тие се блиску до урбана анархија.

Скопје се гуши во сопствената кал не само физички, туку и морално.

Сегашниве советници и градоначалници како и идните мора да знаат дека секој нов ДУП по досегашниов терк е уште еден нож в грб на граѓаните.

Секој потпис за градба е уште еден стан плус за општинските челници и нивните пајташи.

Јас разбирам дека Скопје треба да се урбанизира, но не на ваков див начин, без визија, без мерка, без почит кон граѓаните и животната средина, без елементарен урбан конфор.

Затоа, ова досега не смее да остане без име: Ова е урбан геноцид. Ова е бандитизам.

Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Сподели: