Книгите се топол дом оваа зима. Стопли се со убав збор и дојди на средби меѓу книгите! Во текот на јануари ТРИ организира серија книжевни настани кои ќе ги згреат срцето и душата. Книгокруг на читатели и писатели, со читања, разговори, размена на топли зборови.
– 21.1. – Копнежлив книгокруг „Антологија на копнежот“
Започнуваме со копнежлив книгокруг со поетско читање од „Антологија на копнежот“, со стихови кои допираат до најскриените катчиња на душата. Копнежот на македонски јазик е дофатен преку изборот на поетесата Виолета Танчева-Златева, приредувачка на антологијата која како срцева нишка го спојува растргнатиот свет. На настанот ќе читаат дел од застапените поети – свои, но и песни од свои колеги, кои ќе нè сплотат со стихови кои го слават постоењето. И копнеењето.
– 27.1. – Книгокруг без цензура „Тони“
Вториот книгокруг и роман дава можен одговор за тоа кој е одговорен за злото на овој свет. Подгответе се за незаборавна средба меѓу книгите со Румена Бужаровска, со која ќе го одбележиме второто издание на нејзиниот прв роман – „Тони“. Подгответе се за длабоко искрени одговори на прашањата што се отворија по неговото читање. Без цензура, директно од авторката.
– 29.1. – Книгокруг на лепословието „Опијатите на лепословието“
Како што пишува Венко Андоновски во своето најново дело „Опијатите на лепословието“, романите кои даваат одговори за тоа од каде извира злото, се лепословие. На третиот книгокруг се дружиме токму со Андоновски, македонскиот писател, професор и ментор на ТРИбината за креативно пишување. Со него ќе се нурнеме во „Опијатите на лепословието“ и ќе ги потврдиме стекнатите вештини на ТРИбина. Преку нив ги славевме, а и ќе ги славиме јазикот и сите негови игри и трансформации, бидејќи лепословието се пишува исклучиво на мајчин јазик.
– 31.1. – Книгокруг со „Ѕвезди под клепките“
Ако почнавме со копнеж, заокружуваме со љубов. На средба меѓу книгите ни доаѓа современиот бугарски автор Николај Терзијски, кој со својот популарен роман „Ѕвезди под клепките“ ни покажува како може да се затопли животот со љубов. Дојди на книгокругот полн со љубов!
