Вести Македонија Ударни вести

СЗО: Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита?

Сподели:

 

Овој извештај претставува прва сеопфатна анализа на финансиската заштита во здравствениот систем во Северна Македонија. Го опфаќа периодот од 2006 година до денес.

Врз основа на микроподатоци од годишни анкети за потрошувачката на домаќинствата, кои ги спроведува Државниот завод за статистика, клучните наоди во извештајот се следниве.

Во 2018 година, околу 4% од домаќинствата во Северна Македонија западнале во сиромаштија или во подлабока сиромаштија по приватни плаќања. 6,5% од домаќинствата имале катастрофални трошоци за здравствена заштита.

Луѓето што се во најголем ризик од катастрофални трошоци за здравствена заштита се оние во најсиромашните 40% од домаќинствата и во домаќинства со најмалку едно лице на возраст над 60 години.

Во просек, здравствените услуги што најчесто доведуваат до катастрофални трошоци за здравствена заштита се лекови издадени од аптека, амбулантно лекување и болничко лекување (слика 1). Во најсиромашните домаќинства, финансиските тешкотии се речиси целосно предизвикани од лекови за издадени од аптеките

Иако пристапот и финансиската заштита се подобрија во последните години, катастрофалните трошоци за здравствена заштита и натаму претставуваат предизвик, особено за посиромашните домаќинства.

 

 

Како се споредува Северна Македонија со другите земји?

Инциденцата на катастрофални приватни плаќања во Северна Македонија е повисока отколку во многу земји на ЕУ, но пониска отколку во Грција и Латвија, кои имаат слични нивоа на приватни плаќања изразени како процент од тековните расходи за здравствена заштита (слика 2). Исто така, таа е ниско споредено со многу високото учество на приватните плаќања во тековните расходи за здравствена заштита во Северна Македонија (42% во 2018 г.).

 

Слика 2. Инциденца на катастрофални трошоци за здравствена заштита и учество на приватните плаќања во вкупните расходи за здравствена заштита во Европа за последната година за која се достапни податоци

Катастрофалните трошоци за здравствена заштита во Северна Македонија во голема мера се должат на трошоците на домаќинствата за лекови издадени од аптеките – повеќе отколку во многу други земји во Европа (слика 3).

Целокупниот дизајн на политика за партиципација е сложен, а широко распространетата употреба на процентуална партиципација, во која луѓето плаќаат дел од цената, значи дека изложеноста на луѓето на приватни плаќања зависи од цената и количината на услугите што им се потребни. Ако цената не е позната однапред, луѓето се соочуваат со неизвесност за тоа колку треба да платат. Иако постојат мерки за заштита на некои луѓе од партиципација, овие мерки можат да се зајакнат.

Неформалните плаќања се проблем меѓу лекарите и другите здравствени работници во јавните и приватните установи, особено за гинеколошки услуги.

Јавните расходи за здравствена заштита се пониски во Северна Македонија отколку во земјите на ЕУ. Во 2018 година, јавните расходи за здравствена заштита изнесуваа 3,8% од БДП (во споредба со просекот на ЕУ од 5,9%), што е намалување од 4,4% во 2013 година.

Уделот на државните расходи за здравство се намали со текот на времето и изнесуваше 12,4% во 2018 година (во споредба со просекот на ЕУ од 13,8%).

Намалувањето на процентот на луѓе со катастрофални трошоци со текот на времето е одраз на владините мерки за проширување на покриеноста на различни групи на население, особено на лицата со ниски примања; побрзиот раст на доходот на најсиромашните домаќинства; и падот на невработеноста и сиромаштијата.

Адресирање на причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.

Зголемување на јавните инвестиции во здравствениот систем преку постојано зголемување на приоритетот на здравството во распределувањето на јавните расходи.

 

 

Што ја поткопува финансиската заштита во Северна Македонија?

Се проценува дека околу 10% од населението не било осигурено во 2018 г. (врз основа на бројот на населението од последниот официјален попис одржан во 2002 г.). Неосигурените лица се најчесто луѓе без редовен работен однос и вработени на кои не им се исплаќаат платите навреме. Тие имаат право само на јавно финансирана итна медицинска помош и задолжителна вакцинација.

Пакетот на услуги е релативно сеопфатен и опфаќа и стоматолошки услуги, но позитивната листа на лекови за амбулантно лекување на товар на Фондот за здравствено осигурување е ограничена и не е променета многу во последните 10 години. Лекарите и пациентите претпочитаат поскапи брендирани лекови поради нивниот перципиран подобар квалитет од генеричките лекови. До 2019 година пристапот до лекови на товар на фондот беше ограничен преку квоти за аптеките.

Како може Северна Македонија да ги подобри пристапот и финансиската заштита?

Одвојување на правото на здравствена заштита од плаќање придонеси за целото население. Северна Македонија треба да најде начини да го прошири здравственото осигурување на целото население, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување.

Поедноставување на сложениот систем на учество на корисниците во трошоците и зајакнување на финансиската заштита преку користење на ниска фиксна партиципација, наместо процентуална партиципација, како и проширување на примената на исклучоци за лица со ниски приходи и на годишното ограничување за сите видови партиципација.

Подобрување на достапноста на препишани лекови на рецепт преку редовно  ажурирање на позитивната листа, уверување на јавноста во квалитетот на поевтините алтернативи и зајакнување на капацитетите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување за избор и набавка на лекови.

Целите за одржлив развој бараат од сите земји да ја следат финансиската заштита како клучен индикатор за универзална здравствена заштита.

Европската програма за работа на СЗО за 2020–2025 година (Заедничко делување за подобро здравје во Европа) ја вклучува универзалната здравствена заштита како прв од трите основни приоритети за Европа. Патоказот на СЗО за здравје и благосостојба на Западниот Балкан, 2021–2025 година, го утврдува зајакнувањето на финансиската заштита како област во која политиките можат да имаат големо влијание.

Овој извештај за Северна Македонија е делумно финансиран од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR) на Европската комисија.

Следење на финансиската заштита во Европа

Ова студија е дел од серијата национални извештаи за собирање нови докази за финансиската заштита во здравствените системи во Европа. Финансиската заштита има клучно значење за универзалната здравствена заштита и претставува основен елемент на функционирањето на здравствениот систем.

Целта на универзалната здравствена заштита е да се гарантира дека секој ќе може да користи квалитетни здравствени услуги што му се потребни без да доживее финансиски тешкотии.

Сподели: