Вести Колумна Македонија Став Текстови

ВМРО ја прави третата стратешка грешка!? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Жан Моне е човекот кого со право го викаат „Таткото на Европа“, кој лично ги доживеал двата светски ужаси, за да констатира дека компромисот и мирот немаат цена. Автор е на историски проект – соработка наместо војни; разбирање место поделби; зближување наместо оддалечување; заеднички вредности место омраза; напредок место сиромаштија. И успеал во тоа. Знаел да каже дека токму кога проблемите не’ стегаат, треба да бидеме најсилни. За разлика од нас кои сомнежот кон се’ и сешто го сметаме за национална гордост.

Неговиот продукт – „Европската унија“, на 12 октомври 2012, за својот 60 роденден ја доби “Нобеловата награда за мир“, оти за разлика од порано кога секоја декада ќе се случеше по некоја меѓусебна војна, сега по 77 години, не само што нема војни, туку таа е избришана во главата на луѓето држави членки на ЕУ.

А кај нас, умот како да е заробен низ векови. Ненормалноста ни стана вродена маана. Политичка партија која 17 години била власт и уште претендира, излегува априорно со негативен став, дури без да прочита ниту една буква од последните измени на сега веќе ЕУ предлогот: „Да чинел Прелогот ќе имало зурли и тапани“! Утредента друг долгогодишен играч од таа партија укажува за „прекршувања на седумте точки од Резолуцијата!“ Трет играч дека „тоа бил истиот предлог, и дека ако биде прифатен ќе станел национална катастрофа!„  И конечно, „бисер“ од екс-шефот на дипломатијата, кој не обрнувајќи на конфликт на интереси од морален аспект, кажа: „Тоа е апсолутно истиот предлог во ново пакување“!

Интересно, што секогаш кога преправени националисти ја „бранеле“ државата, таа токму тогаш била најмногу утепана и загрозена. Секако дека е многу лесно егоизмот, безидејноста или кукавичлукот да ги спакувате во некаква евтина „патриотска“ амбалажа, за да потоа им удрите национален жиг и да го продадете како „национална гордост“! Потоа следи „гордото спасување“, а веќе имаме добро искуство од бројни такви „спасувања“ кога државата завршуваше на респиратор. А моралниот код, според кој подобро да те тепаат сто вистини отколку да те милува една лагата, одамна не живее во нечија свест.

И не е случајно што сме тука кај што сме! Сите околни држави не престигнаа, не претекнаа и си заминаа. А ние секогаш како некоја опустошена станица. Рака на срце, сите политички партии во државава последниве 30 години, помалку или повеќе во име на некаква национална „гордост“ имаат удел во скоро преполувењето на населението во државата. А ние пак со ист вокабулар, со исти жалопојки и со се’ помалку луѓе продолжуваме да ја сочуваме гордоста која најмногу од нас самите е загрозена. Џорџ Шапман ќе каже: кога гордоста води, поразот задолжително ја следи.

Македонија беше втора по повеќе параметри меѓу 16 држави од источна и југоисточна Европа (веднаш по Словенија). Далеку и од Полска, Чешка и Унгарија, а од Бугарија со светлосни години. Но, поради „гордоста“, сега сме последни. А токму ние требаше на Бугарите да им ставиме вето и тоа за стотина причини! Но, додека нашиот ум леташе високо во небото, реалноста наша се’ повеќе се закопуваше длабоко во земјата. А ние продолжуваме да сме горди! Додека се создава иднината, треба да се внимава гордоста да не стане наследна.

За жал, и по толку години независност, се уште страдаме од детски болести. Исто како што постапивме со Уставот и референдумот. Со шестнеделниот марш на студентите против педагошкиот факултет, предводен од Милошовски. ВМРО слабо се снаоѓа во круцијални моменти на државата. Не успеа да смогне сили ниту во 2008 година, па го загубила патот сред бел ден. Удри по античката кал, по моравме да се извлечеме со големи жртви, каде што пак ВМРО ја немаше во спасувањето. Напротив, без трунка чувство на одговорност го уриваше референдумот. И сега продолжува да го прави истото. И да не се чудат ако еден ден од „белата палата“ избие црн чад. Оти на народот најскапо го чинат евтините политичари.

Оправдувања може да има на илјадници, ама вистината е само една. Оваа партија дефинитивно не поседува ниту грам државнички капацитет. Политичарите стануваат државници од тој момент која ја спасуваат државата и луѓето, дозволувајќи да изгорат самите. Ама луѓето во потсвеста го регистрираат тоа. На Франклин Рузвелт, воопште не му било лесно да му се спротивстави на целото американско изолационистичко расположение за да ги вовлече САД во војна против фажизмот, кај што изгинаа милиони млади во име на мирот во светот. Де Гол морал да му даде независност на Алжир, иако два пати ризикувал живот. Садат и Бегин се согласија за тешки преговори со посредство на Џими Картер, дури првиот го загубил животот поради тоа! Вучиќ го подготвува теренот за конечно решение на косовскиот јазол. И безброј примери на храбри одлуки. А ВМРО се идентификува со кукавичлук дури пред своите членови. Ниту една државничка одлука не е поврзана за оваа партија. Ниту сега кога со Бугарите ни е потешко да се договориме за темното минато отколку за светлата иднина! Бива ли државници од вакви водачи!? Оти при тешки одлуки или сте државници или сте кукавици. Трето нема. Дури бесрамно беше фрлена етикета против министерот дека работел за Албанија, а човекот токму поради таквиот етничи „хендикеп“ најмногу се трудел.

 

Што содржи новиот предлог?

Последниот предлог има мали измени ама со големи содржини. Прво, најважната компонента на идентитетот – јазикот, дефинитивно сега има сосема јасна формулација. Фуснотата од првичниот предлог сега е избришана, така што тука работата е докрај чиста. Според предлогот, историската комисија ќе продолжи да работи, но без рокови, и историјата нема да биде критериум за да се оцени напредувањето. Потоа првата меѓувладина конференција почнува со полн капацитет. И конечно нема да постојат протоколи, туку годишни прегледи.

Ако ваков докрај балансиран предлог припремен со помош на нашите највлијателни подржувачи во светот нема да помине, тогаш конечно влегуваме во некој еднонасочен тунел без светлина и без излез. Ќе загубиме многу години за потоа да се согласиме со многу потешки и понеповолни позиции. Светските играчи, на кои сега им гори под нозете нема цело време да ни ги завршат работите, за кои самите треба да ги завршиме. Ако мисли Мицковски дека така ќе ги добие изборите, отсега нека знае дека длабоко ќе биде разочаран. Тој не го сфаќа природниот инстикт кај луѓето во наградувањето на храброста, дури и тогаш кога не им се допаѓа нешто. Во политиката не се оди по умот на некои луѓе па дури и да се нарекуваат академици, кои мислат дека знаат се’, од историја и политика до нуклеарна физика! Се виде колкумина од нив го јавале Тројанскиот коњ по прифаќањето на Преспанскиот договор! За жал, сеуште само во Северна Македонија и Северна Кореја, акаденик, дури без да знае за што се работи, да прогласува “предавници“, поим кој во нормалниот свет одамно е фрлен во канта.

 

Светот оди напред

Додека ние се глупираме, нормалниот свет оди напред. И дивата Африка се смени, а ние не! Денес таму се силни светски брендови – “Russell Company” во склоп на “London Stock Exchange Group“, познатиот светски синџир “Walmart-Massmart“, како и гигантите “IBM“, “Bharti Airtel“, а и многу други светски економски лидери кои се модерна локомотива за една друга Африка. Нормалнa држави стана дури и Гана, и Боцвана, и Мозамбик, и Ангола, и Танзанија, па дури и една Етиопија, а ние вечно заробени во канџите на некаков примитивен патриотизам. Дури и во нашето непосредно соседство се случуваат силни промени. Просечната плата во Србија сега е околу 650 евра. А во 2000-та година, кога кај нас просечната плата беше околу 220 германски марки, во Србија беше само 47 марки, оти мораше да се плати цената на лажниот патриотизам на Милошевиќ. Сега тие решаваат сто пати погорливи проблеми од нашите. Кој очекувал дека во политиката ќе тече само мед и млеко, веројатно требало да биде пчелар или овчар.

Сподели: