Дали во 2023 корупцијата ќе исчезне во шапката на „Вујко Сем“ – Соња Крамарска

Сподели

 

Корупциското цунами ја пустоши Македонија со децении. Wake-up call потегот на САД ја разбранува домашната јавност, зголемувајќи ги очекувањата до еуфорија, пишува Соња Крамарска за Республика.

„Вонредна вест: Ураганот „Анџела“ остави пустош во македонскиот правосуден и политички систем.

Соња Крамарска

Големи штети се нанесени и врз образовниот систем. Покосени се многу функционери чии засолништа се разурнати. Стотици судии, обвинители и директори, министри и по некој премиер, останаа без политички покрив над глава…“

Оваа вест би сакале сите да ја прочитаат, да речеме, во 2024 година. Без метафори како оние со кои почнува овој текст, но токму со таков исход: разурнати политички засолништа на корумпирани функционери и разурнато размислување дека корупцијата е нужно зло во нашиот политички систем.

А за да се случи тоа, 2023 година треба да биде прогласена за година на борба против корупцијата. Но вистинска борба, а не козметика за залажување на јавноста. Оти, такви козметики, комисии, стратегии и акциски планови видовме многу, но како што се множеа тие, така се ширеше и корупцијата која во Македонија веќе зазема драматични размери.

Корупцијата цвета на сите нивоа

Во клучните наоди од европскиот извештај за Македонија 2022, се наведува дека државата е умерено подготвена за превенција на корупцијата. Што, како дефиниција, сама по себе не е проблематична додека не се погледне извештајот за претходната, 2021 година, во којшто стои потполно истата формулација, што значи дека меѓу двата извештаи Македонија не стори ништо за да се рангира на погорно ниво на подготвеност, додека корупцијата цветаше на сите нивоа.

Во последниот извештај за индексот на перцепција на корупцијата на меѓународната организација Транспаренси Интернешнл, Македонија беше рангирана на 87. место од 180 држави, што е приближно резултат на средина, но ако се знае дека колку што е поголема цифрата во рангирањето, толку е поголема корупцијата, тоа е уште еден во низата обесхрабрувачки резултати кога е во прашање искоренувањето на ова општествено зло.

Всушност, кога се пишува за корупцијата, тогаш навистина има проблем од каде да се почне и каде да се заврши со примерите. Бидејќи тие не можат да се добројат, а почетокот никој веќе и не го памти, бидејќи откако знаеме за државата, оттогаш ја има и корупцијата.

Токму затоа најавите на американската амбасадорка Анџела Агелер дека ќе помогне во борбата против корупцијата и особено, во изнесувањето на актерите на корупцијата пред лицето на правдата, се дочекани безмалку со еуфорија. Како и, впрочем, веста дека Вашингтон се вклучи со тим за санкции, што е преседан, барем од она што јавноста го знае, за соработката во досегашното партнерство меѓу Македонија и САД.

Недвосмислено е, оттука, дека Македонија доби wakeup call од традиционалниот пријател и поддржувач САД. Американците не го кријат разочарувањето што милионите, ако не и милијарди долари што ги вложија во изградбата на македонските државни институции, потонаа во живиот песок на балканскиот коруптивен менталитет. „Говориме за декади инвестиции, за милиони и милиони долари во судството на Македонија, возвратете ни со судство кое ќе работи во интерес на граѓаните“, порача амбасадорката Агелер.

Извор: freepik.com

Па, дали во 2023 корупцијата ќе исчезне во шапката на Вујко Сем? 2023 е предизборна година, со оглед дека пролетта во 2024 година земјава ја очекуваат претседателски избори, што не е неверојатно да бидат комбинирани и со парламентарни избори чијшто редовен рок е јуни-јули истата година. Несомнено дека тоа значи оти ќе имаме исклучително интересна година во која владејачките партии ќе се обидат да ги исчистат сите дамки кои ќе ги загрозат на изборите, а опозицијата ќе го зголеми притисокот со цел да победи и да ја преземе власта.

Ветингот како адут на власта

Сè поизвесно е дека адутот на власта ќе биде ветингот како инструмент против корупцијата, за што се подготвува закон за којшто премиерот Ковачевски најави дека ќе се најде многу брзо на усвојување во Парламентот. Ветингот ќе се однесува на идните носители на функции и на проверката на нивниот интегритет, но ако остане само на тоа, ќе биде вртење на стара плоча, со оглед дека тестот за интегритет се полага во Академијата за судии и јавни обвинители уште од 2013 година, и не е ниту новост ниту ново оружје во борбата против корупцијата.

А за административните службеници тестот за интегритет стана обврска во 2011, која потоа беше укината во 2018 година. Фактот што ветингот ќе биде дел од предизборната 2023 година, пак, носи ризик од нова рунда пазарења и меѓусебни поединечни и групни амнестии со цел да се зачува внатрекоалицискиот мир.

Македонија, за жал, веќе има прилично долго искуство со борба против корупцијата, и оттука се стравувањата дека и наредната година „ловот“ ќе биде со многу лажни куршуми и промашувања. Искуство во лажната борба имаме. Корупциското цунами ја пустоши Македонија не со години, туку со децении. Проблемот беше видлив уште од самиот почеток, но нејзините актери, со мали исклучоци, останаа невидливи.

Да потсетиме дека уште пред 17 години, на 9 декември 2005 година на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, во Македонија беше потпишана првата Декларација за нула толеранција на корупција. Мастилото од потписите на Претседателот на државата, премиерот, претседателот на парламентот, политичките партии, бизнис-лидерите, невладините организации… одамна се исуши, а војната што ѝ беше објавена на корупцијата заврши со пораз.

Да биде иронијата поголема, борбените труби затрубеа во истата година, во која, како што обзнани американската државна Комисија за безбедно тргување, Маѓар Телеком дал 4,875 милиони евра мито на „трета страна“ во Македонија, со договор таа да ги пренесе парите на високи претставници на Владата за да одложат или да спречат издавање лиценца на конкурентски оператор, како и за да спречат ставање „непријателски“ одредби во новата легислатива за телекомуникациите. Воедно, на една политичка партија во Македонија, Маѓар Телеком ѝ ветил бизнис зделки ако ја поддржи легислативата во интерес на овој телекомуникациски оператор.

За овој, како и за сличен случај во истиот период во Црна Гора, американската Комисија поднесе и тужба која заврши со спогодба – Маѓар Телеком да исплати три казни, од 31,2 милиони долари, 59,6 милиони долари и 4,36 милиони долари, за да не оди на суд. Практично, со овие спогодби Маѓар Телеком призна дека дал мито во Македонија, но протагонистите останаа далеку од дофатот на македонската Јустиција.

Оттука, знаејќи го ова горчливо искуство, денес никому не му е чудна пораката на британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, дека корупцијата во Македонија се влошува. Оваа констатација на британскиот дипломат, како и американските предупредувања, предизвикаа карикатурален хорски одговор од македонските функционери, небаре корупцијата ја правел и ја толерирал некој однадвор, а не тие.

Вестите што пристигнаа за големиот корупциски скандал во Европскиот парламент веројатно ќе им предизвикаат чувство на олеснување на нашите високи политички претставници дека корупцијата не е присутна само кај нас, туку ја има и во развиените земји. Но, напротив, присуството и во една таква врвна институција како што е Европскиот парламент, покажува колку е корупцијата сериозна закана за општествата и за чесните граѓани на кои институциите треба да им служат.

А да си признаеме, и во овој случај, како и претходно во случајот со словенечкиот европратеник, Балканот и блиското соседство Италија (чии функционери се исто така вмешани во случајот заедно со грчката потпретседателка на Европскиот парламент), Австрија, Романија, како и Шпанија, останаа верни на „традицијата“ за користење на митото. Да потсетиме и дека минатата година во корупциска афера премиерското место го загуби и канцелар на австриска влада. Сепак, разликата е очигледна: во Европа и крупните ѕверки ги ловат, додека во Македонија тие остануваат недопирливи.

Нема слух за мерките на ДКСК

Освен тоа, нашите функционери продолжуваат да прават чекори кои се спротивни на укажувањата за опасност од корупција. Државната комисија за спречување на корупцијата во Национална стратегија 2021 – 2025, на пример, оцени дека финансирањето на медиумите и граѓанските организации може да претставува основа за тргување со влијание, што е многу значајно при креирањето на јавното мислење.

Меѓутоа, Владата денес не се откажува од намерата да ги врати кампањите во медиумите, со изговор дека се тие од јавен интерес иако сите видовме што се случи во периодот на владеењето на Груевски, каде го одведе општеството финансиското шурување со медиумите и што се случи со медиумите.

ДКСК, во истата Стратегија, предупреди на силното политичко влијание во јавниот сектор, на проблеми во владеењето на правото и на ниската стапка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општество, а укажа и на регулативата што остава простор за злоупотреби и корупција. Но, ни тоа не го вклучи алармот. Напротив, од мерките што ги побарала ДКСК од министерства и институции, во 2021 година биле извршени едвај 20 отсто, а во областа градежништво и урбанизам, каде што се одомаќи терминот „градежна мафија“, мерките биле целосно игнорирани.

Наместо крај, во овој напис за македонската корупциска сага, да прашаме: дали некој ќе им се придружи на екс премиерот Груевски и екс шефот на контраразузнувањето Мијалков на американската црна листа за вмешаност во корпуција, објавена во април 2022 година? Тоа би бил најлогичниот исход на wake- up call потегот на САД што ја разбранува домашната јавност, зголемувајќи ги очекувањата до ниво на маргинализирање на домашните сили и институции на кои всушност, им е работа да ја зауздаат корупцијата.

И, дали Македонија ќе може да се извлече од живиот песок наречен корупција? Досегашните декларации очигледно беа мотивирани само од потребата за публицитет, додека вистинската борба речиси изостана, ако се исклучат неколкуте примери како екс генералните секретари Мухамед Зеќири и Драги Рашковски, и двојката Груевски и Мијалков, како и министрите на Груевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

 Засега товарот е врз плеќите на Државната комисија за спречување корупција, но без силни и независни институции – Обвинителство, судство и полиција – се чини уште долго ќе бидеме во сивата зона на корупцијата.