Колумна Текстови Ударни вести

ДЕФОКУСИРАЊЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Кога би се екстраполирало запишаното за национализмот во „Што значи соочување со минатото?“ од Теодор Адорно, врз она што денес се случува во светот, може да се каже дека глобализмот, пропагиран и спроведуван од светската економско-политичка елита, е „параноиден систем на умноболни идеи“. Грозно неправеден систем кој им служи на малкумина за да се богатат и неказниво да ги трошат и уништуваат човечките животи на милиони и милиони луѓе.

 

Александар Литовски

Милитаризмот е идеологија на глобализмот. Како што беше и на империјализмот. Умноболна идеологија, секако, оти предизвикува течење на потоци крв. Војната била и е – идеологија на богатите. Во политичка смисла, десничарскиот национализам и империјалистичкиот капитализам од кои е сочинет глобализмот, ги туркаат народите и државите во состојба на конфликти и општествена дезинтеграција. Едноставно, се чини дека не постои општество, туку фрагментирани групи: држави, народи, класи, еснафи, поединци, корисници на кредити, политички партии, здруженија на граѓани… Не постои повеќе ниту меѓународниот светски поредок, ниту ефикасна Организација на Обединетите нации како регулаторно тело на светската воено-политичка сцена. Постојат само корпорации со своите интереси за мултиплицирање на профитот. Постојат разни форми на фашизам, преку кои се обезбедуваат капиталистичките и големодржавните интереси. Постојат граѓани и групи на граѓани, кои преку воспоставената пропагандна хегемонија на владеачката буржоаска елита, стануваат „доброволно согласни“ за сопствената ропска положба. Заради така, доминантно, поставените и прифатени општествените односи, се нема потенцијал за ефективно и ефикасно здружување на обесправените и понижените за широка акција за промена на системот.

Освен милитаризмот, втората моќна алатка, за зачувување на постоечкиот антихуман и неправеден поредок, е пропагандната доминација. Всушност, пропагандната хегемонија која ја воспоставува владеачката економско-политичка елита е мирољубиво средство преку кој се одржува и регенерира постоечкиот поредок и ним им ја носи и обезбедува политичката власт и економската благосостојба. Поинаку кажано, „умните“ политички елити, преку образованието, медиумите и останатите „културни производи“ креираат светоглед и „новоговор“ кој е разбирлив за сите, ама е и испразнет од суштината, односно нема допирни точки со суштинските проблеми од економско-социјалната сфера. Наместо тоа, се насочува политичката енергија на експлоатираните луѓе или кон личниот физички опстанок, или кон културни, еколошки, правнички, урбанистички и слични проблеми, преку чие решавање само се „шминка“ стварноста, без да се загрозат неправедните општествено-економски односи врз кои се темели системот. Згора на тоа, многу често, за да се пренасочи вниманието на јавноста, редовно се измислуваат непријатели и закани за „слободниот свет“. Се менаџира стравот.

Во таа секојдневна пропагандна операција на дефокусирање, оние што денеска неправилно се нарекуваат „интелектуалци“, ја имаат клучна улога. Тие, всушност, воопшто не се интелектуалци во вистинска смисла на тој поим, туку се чиновници на владеачката буржаска класа за извршување на функциите потребни за државно-политичко владеење и општествена хегемонија, односно за дефокусирање, за добивање на „спонтана согласност“ од народот, прво за учество во политичкиот „театар“, во кој секогаш се победници претставниците на владеачката класа распоредени низ разни политички партии и, второ, за „доброволно“ учество како „робовска“ работна сила во репродукцијата на капиталот и профитот.

Сето тоа е долгорочно и систематско дефокусирање. Лажен говор кој ги прикрива експлоатацијата и неправдата и кој ги заведува луѓето да не ја сфатат ропската положба во која се наоѓаат. Преку воспоставувањето на таа „пропагандна хегемонија“ се создаваат атмосфера во која термините комунизам, социјализам, утопија, атеизам, антифашизам, рамноправност, слобода, суверенитет, еднаквост, солидарност…, се прогласени за ерес, и не смеат да се употребуваат, а оние кои ги употребуваат се стигматизираат, дискриминираат, закатанчуваат и, понекогаш, доколку е потребно, физички се ликвидираат. Буржоаската пропагандна хегемонија сака, и сега за сега успева, да им ја одземе храброста на луѓето, не само за борба против ропската положба, туку и за да ги именуваат работите со вистинските имиња. На таков начин им го одзема нивниот вистински човечки живот, кој го заслужуваат со самото тоа што се родиле како луѓе.

Пропагадната хегемонија на корпоративниот империјализам и неговиот милитаризам за дисциплинирање на непослушните, треба, етапно и систематски да се разобличуваат и деконструираат, за на крајот преку револуција да се срушат и уништат, а наместо нив, да се изгради нова, хуманистичка културна парадигма во која слободата, братството и еднаквоста ќе бидат посакувани и нормални идеи, зборови и пракси.

denesmagazin.mk

 

 

Сподели: