“ЕДНА МОЖЕ”: Пазете сега НА МАЈКИТЕ ПЛАЌАЛЕ АЛИМЕНТАЦИЈА, НЕ НА ДЕЦАТА!

Сподели


Денес е 4.септември и да не беше чиста случајност во улога на 1.септември ништо значајно за денов. Но, денес почнуваат училишните денови на многу дечиња, некои првпат седнуваат во училишните клупи, некои се враќаат назад на патот кон своето образование и подобра иднина.

Иако радосен ден, месецов сам по себе тежок…барем за повеќе од 60% од населението што има деца кои се во процесот на образование. Тешки ќе бидат за нив и останатите месеци, но овој како на себе да го земал целото бреме на училишната година. Но, има една група на родители кои двојно потешко го доживуваат месецот, тоа се самохраните родители кои се втурнуваат во процесот на пливање низ училишните борби, сами со своите дечиња, да се борат со предизвикот наречен финансии и обезбедување на она најдоброто за своите деца. Некои сосем сами, некои од оние непризнаените од државава, ќе се молат алиментацијата за месецов да стигне барем до крајот на истиот, да купат нешто за своите најмили (или од оние што доцнат два-три месеци, барем таа едната сега да стигне, да пушти срце ), а и богами ќе се молат времево да послужи уште малку, барем гардеробата да не ја менуваат…белким ќе се сети оној другион на своите деца…креваат раменици…прават математика како со тие 1000-2000 ќе обезбедат се што им треба…

Знаете колку се такви? Не, не знаете. Не знам ни јас, не знае ни Центарот за социјални работи, не знае ни Завод за статистика, не знае ни Судот…не знае никој, а бе државата еве не знае. Не ги препознава, ги нема! А тие, се повеќе и повеќе…Да, ама колку? Епа ете, секојдневно читаме дека барем една жена е во критична состојба, мажот ја претепал. А оние што не ги читаме, оние „лесните“ што поминуваат „само“ со психичко насилство и по некој шамар? Не, што ќе ни е таква статистика…нејсе, па тоа се „само“ каприци на некоја недоквакана жена што решила дека се жали. Ако и е, си залужи! Стигмата не уби, ама ја убива и иднината на децата што излегуваат од тие домови! Колку мајки плачејќи ќе си ги испратат своите деца во училиште на првиот училишен ден и ќе стрепат да не треба веднаш нешто да се купи? Колку од нив ќе бараат донација од социјалните мрежи и ќе се молат за некое алиште или тетратка плус? Зар не им е срам? Да, срамот ги изеде! Ги изеде и игнорантноста на службите…ги изеде незаинтересираноста на татковците да им пружат достоен живот на своите деца, дека знаете, на мајките им плаќале алиментација. Пазете сега НА МАЈКИТЕ ПЛАЌАЛЕ АЛИМЕНТАЦИЈА, НЕ НА ДЕЦАТА! Се додека ова мислење постои, кутри наши деца…

Е да, ама баш тие таквите (исклучоците и оние што не се пронаоѓаат во текстов ги поздравувам), правда бараат. Сакале одговорни родители да станат! Законот не им се допаѓал, нешто на еднаква линија ќе оделе, немало главен и спореден родител. Епа драги татковци од овој ред, татко законот не ве прави, ве прави она што го носите во себе. Ве прави грижата што ја давате за своето дете и обврските кои си ги исполнувате. Дете од воздух не живее, живее од љубов, внимание, стабилност сигурност, но и финансиска подршка, за да може да јаде, да се облече, абе на роденден кај другарче да отиде. Па на некој курс да се запише, во игротека да помине барем еднаш во месецот. И не, не плаќате на мајката. ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА плаќате алиментација, за достоен живот во рамките на стандардот, вика законот. Да, да, оној што не ви се допаќа. Оној што мислите дека сега ве задолжува, а после ќе ве награди. Законот не ве прави татко…душата ваша ве прави…а децата тоа или ќе ве доживеат како татко или не…од вас зависи колкав татко ќе бидете.

Па, драги засегнати татковци и подржувачки организации, за да покажете дека се грижите за најдобриот интерес на децата, билборди и реклами од илјадници евра, не ви вршат работа, покажете го тоа на дело, во пракса работите најдобро функционираат. Покажете дека татковците ги менуваат своите ставови (за неплаќачите и тепачите зборам), обезбедете обука и советување на татковците кои потфрлаат во своите одговорности, помогнете онаму каде што е потребно. Неделно, минимум три пати се случува мајка да е исфрлена на улица во пакет со децата, каде сте вие да пружате помош, нели интересот на децата беше на прво место…нели за најдобриот интерес на децата се работи? И да, кај децата нема спореден и главен родител, ама доколку родителите се однесуваат како такви и учествуваат во животот на децата во таа насока. Ама, сепак, секој си знае до кој степен родителствува…секоја фамилија си е посебна на свој начин, како што секој родител е различен на свој начин…или ќе биде во позитивна или во негативна конотација. А, ако збориме за негативната, е тогаш и те како има разлика.

П.С. Се собираат средства за децата од еднородителските семејства кои се загрозени (читај: не примаат помош од државата или алиментацијата мистериозно е исчезната), основни работи за почеток на учебната година, па ве покануваме да земете учество. За жал, нема да има ниту реклами, ниту пофалници.

Од тимот на Една Може!