Комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани

Сподели:

Денеска во Собранието се одржа комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани, на која Претседателот Африм Гаши имаше свое обраќање.

“Драги и почитувани семејства, пријатели и роднини на жртвите од трагедијата во Кочани,

Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Таа ноќ Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки туку изгубија и дел од својата иднина; еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани. Таа ноќ, заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите кои штотуку почнаа да се градат, приказните кои штотуку почнаа да се пишуваат и утрешнината на многу семејства во нашата земја.

Денес стојам пред Вас со длабоко чувство на тага и тежок товар на одговорноста. Затоа што, да се зборува за трагедија како оваа, можеби е една од најтешките задачи што можат да ѝ припаднат на една институција или на едно лице. Дури и по една година тешко е да се изберат зборови, но уште потешко е да се изговорат. Постојат моменти кога, и да ги изберете зборовите внимателно, тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човекот го чувствува и што го преживува. Таква е и оваа обврска за мене. Иако јавниот збор е должност, тој никогаш не бил толку тежок. Особено кога си свесен дека во ваков случај ниедна реченица не е доволна за да ја исполни празнината и за да ја ублажи болката што оваа трагедија ја остави кај семејствата и во совеста на ова општество.

„Има зборови што плачат и солзи што зборуваат“, рекол еден поет. Солзите на мајките, на родителите, на семејствата и на сите други граѓани за Кочани, зборуваа погласно од секоја изјава што може да ја даде кој и да е политичар, па дури и која и да е институција. Затоа, оваа комеморативна седница не е институционален формализам, туку заедничко поклонување на целата држава пред животите што згаснаа и пред семејствата што продолжуваат да ја носат тежината на оваа трагедија.

Денес, по една година, се собравме во оваа сала за да се потсетиме, да размислиме и со почит да им оддадеме чест на животите што згаснаа. Се собравме како ретко кога, не како власт и опозиција, не како претставници на партии или на институции, туку како општество што беше длабоко повредено. Тука сме како луѓе што ја споделуваат болката на овие семејства за да им испратиме порака дека во оваа болка не се сами.

Бранот на оваа болка нè зафати сите. Тој донесе тага, потрес, солидарност, но и тензии. Во тие тешки денови на национална жалост, во координација со сите пратенички групи, беше донесена тешка одлука – Собранието да ги прекине сите јавни активности за одреден период. Оваа одлука беше донесена од убедувањето дека во најчувствителните моменти, кога болката беше сè уште свежа, а емоциите на граѓаните силни, институционалната зрелост е единствената искрена форма на почит. Во политиката, но и во секоја друга професија, кога имате институционална одговорност, може да се направат грешки, но важно е грешката да не се претвори во грев. Одлуката што некој ја нарече грешка беше човечки обид да не дозволиме болката на граѓаните да се претвори во политичка сцена или во дебата што дополнително ќе ја продлабочи отворената рана на општеството. Затоа што тоа би бил вистинскиот грев.

Сепак, не сум на оваа говорница за да оправдувам некого ниту да демантирам гласини што неправедно се обидоа да ја искористат трагедијата за други цели и да фрлат сенка врз институциите. Тука сум за да потсетам дека трагедиите никогаш не треба да бидат поле на раздор. Тие треба да бидат моменти на солидарност, на хуманост и на сплотеност.

Затоа што, почитувани присутни, во тие денови видовме дека никој не добива ништо од поделбите. Во најтемните моменти на земјата ја видовме и најсветлата страна на нашето општество. Видовме како блеска силата на хуманоста, утехата што ја носи солидарноста и искрената поддршка.

Во Собранието во деновите на жалост беше отворена книга на жалост. Стотици граѓани дојдоа тука, во тишина, за да напишат неколку збора за оние што веќе не се меѓу нас. Ако ги прочитате тие рачно напишани редови, таму нема големи политички зборови. Има само искрени човечки чувства – болка, копнеж и љубов за животите што прерано згаснаа.

Човечкиот пример барем малку ја ублажи големата тага на земјата. Видовме лекари и медицински сестри што работеа дење и ноќе за да спасат животи. Видовме пожарникари и полицајци што реагираа со храброст и со посветеност. Го видовме Црвениот крст, заедно со граѓаните и со другите волонтери, кои даруваа крв и понудија итна помош за семејствата, како и луѓе што се мобилизираа без штедење. Оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои. Таа не се појави само меѓу нас: многу пријателски држави одговорија експедитивно и ги отворија вратите за нашите повредени. Затоа денес, во името на Собранието на Република Северна Македонија, во мое лично име и во името на сите граѓани на земјата, ја изразувам најдлабоката благодарност за оваа поддршка, посветеност и сочувство, покажани од сите. Токму овие дела се она што никогаш нема да се заборават.

Почитувани пратеници и претставници на институциите,

Кажав и на почетокот дека оваа седница е свикана за да се потсетиме, но и да размислиме. Затоа, мојата порака е упатена до сите. Трагедии како оваа ни покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема одошто проценуваме и дека правдата е поважна отколку што замислуваме. Затоа е суштински важно надлежните институции – Јавното обвинителство, судовите, Министерството за внатрешни работи и сите истражни органи – да работат во овој процес со професионализам, независно и целосно транспарентно. Правдата не треба да биде ниту пребрза, поради политички ефект, ниту пак, задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството. Ги охрабрувам институциите на правдата својата работа да ја извршат професионално и овој предмет точно да ги адресира грешките и виновниците за оваа трагедија. Тоа е единствениот начин да се ублажи болката на оние што ги загубија своите најмили, но и лекција дека спроведувањето на законот во нашата држава е обврска од која никој не е амнестиран.

Драги граѓани,

Меѓу оние што ги загубивме, имаше уметници што со години ја осветлуваа сцената, имаше фудбалски ѕвезди што постепено се издигнуваа и којзнае колку професионалци од различни области што требаше да нè направат горди.

Таа ноќ тие му пееја на животот, на надежите, на љубовта и на утрешниот ден. Песната на групата ДНК „Ако утре ме нема“, која до таа ноќ претставуваше само рефрен, денес добива поинакво значење за секој што ја слуша, затоа што за некои од оние што пееја, утрешниот ден навистина никогаш повеќе не дојде, додека за другите – утрето дојде, но без оние што ја пееја.

Многупочитувани семејства,

Во овој период, секако, многумина ве утешиле велејќи дека времето ги лечи раните. Но, јас сум убеден дека ниту еден ден што поминува нема да го намали Вашиот копнеж и дека недостигот на Вашите најмили е секогаш присутен, понекогаш изразен како болка, а понекогаш како убав спомен за најсаканите, кои ќе бидат секогаш присутни. Времето може да нè направи посилни, но можеби никогаш нема да ги залечиме овие рани. Споменот на жртвите од Кочани треба да живее во секој од нас: секогаш кога еден родител ќе го прегрне своето дете, секогаш кога еден млад човек ќе ги гради своите соништа, секогаш кога еден професионалец ќе ја врши својата работа чесно и секогаш кога една институција ќе постапува одговорно – тоа треба да биде одговорот на оваа трагедија. Можеби тоа е најдостоинствениот начин за да ги паметиме и да им оддадеме почит, за ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат и ниту едно друго семејство да не доживее ваква болка.

Почитувани родители на жртвите,

Со голема одговорност и длабока тага ви се обраќам во името на сите граѓани и институции: Вашата болка е болка на целото наше општество, но и споменот на Вашите најмили веќе е дел од нас и од нашата колективна совест.

Сакам моето обраќање да го завршам со истите зборови што ги напишав во Книгата на жалост: „Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители: да се вратиме кон самите себе, кон нашата човечност и конечно да се издигнеме како феникс за повторно да ја изградиме оваа држава од почеток, но врз основа на ПРАВДА, ЧЕСНОСТ, ЧИСТА СОВЕСТ И ИСКРЕНОСТ.“

Трагедијата од Кочани нека биде последната трагедија на нашата земја, но и наш водич кон праведна држава со владеење на правото.

Со највисока почит кон секој изгубен живот и со молитва Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечноста. Нека е вечен нивниот спомен.”

Сподели: