Во Културниот центар Белград, денеска во 18 часот Македонскиот КИЦ, со поддршка од Министерството за култура и туризам, организира рецитал за флејта со Фјола Рамадани, со пијано-придружба на Јасна Аврамовска.
Настанот ќе го отворат директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, и уредничката на музичката програма на Културниот центар Белград, Дамјана Његиќ. На програмата ќе бидат изведени дела од Пјер Санкан, Шарл-Мари Видор, Франц Шуберт, како и музичкото дело „Инвенција Сиринкс“ од нашиот композитор Томислав Зографски.
Флејтистката Фјола Рамадани дипломирала на Универзитетот за музика и уметност во Анкара во класата на професорите Х. Х. Тургај и О. Учар. Се усовршувала на магистерски курсеви во Париз и во Истанбул. Освоила многубројни награди на меѓународни натпревари.
Пијанистката Јасна Аврамовска дипломирала во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска и проф. Тодор Светиев на Факултетот за музичка уметност во Скопјe. Магистрирала на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Бугарија во класата на проф. Жени Захариева. Настапувала како солист со домашни и со странски оркестри и како член на ансамбли во неколку европски земји, Турција и во Соединетите Американски Држави.


