Македонскиот филм на Интернационалниот филмски фестивал во Тирана

Сподели:

Со прикажување на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, вечер (21 септември) во Тирана започнува Интернационалниот филмски феситвал во Тирана, каде што оваа година ќе се прикажат пет македонски филмови. 

Специјалната програма „Фокус на современиот македонски филм“ е иницирана и реализирана од Македонскиот културен центар во Тирана, под раководство и координација на директорката Ема Попивода, во соработка со Интернационалниот филмски фестивал во Тирана.

„Особено ме радува што современата македонска кинематографија годинава добива значајно место на еден од најреномираните филмски фестивали во Албанија. Присуството на пет македонски филмови, два мастер-класа и македонски претставник во жирито претставува силна промоција на нашето филмско творештво и отвора нови можности за културна соработка“, информира Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар во Тирана.

Покрај „Мајка“, публиката ќе има можност да проследи и филмови на: Милчо Манчевски, Митко К. Панов, Ханис Багашов, како и филм на Ибер Деари и Мирсад Абази. Ќе се одржат два мастер-класа на Теона и Лабина Митевски, кои ќе понудат непосреден увид во процесите на создавање, развој и продукција на едно филмско дело. Македонскиот продуцент Јане Ќортошев ќе биде член на жирито на фестивалот.

Реализацијата на македонската програма и дел од придружните настани е поддржана од Македонскиот културен центар во Тирана и Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

Сподели: