Македонија Став

Претполитичко братство – Јасна КОТЕВСКА

Сподели:

Заминувањето на министерот Ставрески и неговата улога во „претполитичкото братство на Груевски“ – тема на саботната колумна на Јасна Котеска.

0,,19246309_303,00

Во психоанализата честопати се анализира детската реченица: „Јас имам тројца браќа, Петар, Стефан и јас“. Третиот во низата „јас“ воедно е исклучен од серијата браќа („не сум како нив“), но истовремено е сепак вклучен и активен дел од истата низа браќа („јас сум што и моите браќа“).

Вака некако најкратко би можеле да ја сумираме улогата на Ставрески на македонската политичка сцена. Македонската јавност ќе го запамети по двојноста: интимен критичар на политиките на Владата на Груевски (од т.н. „бомби“), а во исто време, активен благајник на политиките на истата Влада, и последен министер од ударната петорка на Груевски, кој оваа недела си поднесе оставка.

„Марија Антоанета“ на македонската политика

По точно седум години (2009-2016) на функцијата министер за финансии оваа недела заминува и петтиот член од најтесното раководство на Груевски, кумот Зоран Ставрески. Со неговата оставка формално е демисионирана главната петорка од она што веќе се проценува како најтоталитарна власт од независноста на Република Македонија до денес.

Најтесното јадро на она што ќе го наречеме „претполитичко братство“ (според горната досетка за браќата од аналитичката литература, но и според фактичкиот начин на кој оперираше ДПМНЕ во политичката реалност оваа деценија) го сочинуваа Груевски, Мијалков, Јанакиевски, Јанкуловска и Ставрески. Од оваа петорка последнава деценија зависеа повеќето, ако не и сите клучни политики во земјава.

Иако сите министри имаа свои номинални ресори, во суштина како и во секое претполитичко братство тие во реалноста се занимаваа со „сите ресори“, како што (по дефиниција) братството и нема суштински ресори како што имаат класичните политички партии. Па така, кај дел од студентите и професорите, сѐ уште се памети дека токму министерот Ставрески беше човекот кој во март 2015 година беше назначен од Владата да преговара со претставниците на високото образование за време на студентските протести 2014/2015 поради политиките на владата во сферата на високото образование, иако во тој момент имаше актуелен министер за образование. Со други зборови, во братството се ценат единствено способноста за договарање (т.н. „дил ориентед“ логика), способноста за пресметки и лојалноста!

Ставрески ќе остане запаметен и како последен од најударните министри кој заминува од владата, а цела година и пол од првите бомби. Во бомбите токму неговиот глас ни открива најмногу за природата на владеењето, а нему и на Јанкуловска им го должиме најсериозниот увид во механизмите на владеење на Груевски оваа деценија.

И додека граѓаните веднаш го ажурираа т.н. „Албум со оставки 2015-2016“ со неговата фотографија, аналитичарите излегоа со горе-долу унифицирани оценки за штетата од неговото седумгодишно владеење со народните пари.

Поблагите економски оценки зборуваат за Ставрески како добар економист и најинтелигентен член на владата, кому само ете му се паднала непријатната задача да ги задоволува лудите идеи на својот шеф. Строгите оценки, пак, велат дека Ставрески е „Марија Антоанета“ на македонската политика, дека е човек кој наместо да ја чува народната каса, народните пари ги потрошил за задоволување на лудите апетити на шефот, потоа дека токму тој е главниот економски гуру за претворањето на државата во Партија, дека во неговиот мандат јавниот долг пораснал над 4 милијарди евра, и дека иако номинално е претставен како автор на намалувањето на невработеноста, токму неговите економски политики доведоа до иселување на една четвртина од населението во земјава. Накусо, за експертската јавност, според бројките што ги остава зад себе, Ставрески е оценет како еден од најнеуспешните министри за финансии во Република Македонија.

Свест без совест

За нас пак, оставката на Ставрески е уникатен повод за анализа на стилот на владеењето на Груевски, кој ќе беше невозможен без увидот кој ни го овозможи токму Ставрески во бомбите на опозицијата. За разлика од другите министри, главно лежерни или дури жовијално развеселени по повод кршењата на законите, кај Ставрески слушнавме најнегативни епитети за неговите сопартијци, како и за стилот на владеењето на Груевски. Од богатиот арсенал квалификативи, еве некои од нив: „Ова што го правиме е ненормално“; „Па на дрво да ги берев париве ова не се издржува“; „Човекот (Груевски) изгубил контакт со реалноста“; „Ноќеска каква порака добив, ми се смачи што ми идеше да грабнам телефонот и да му ја скршам главата“; „Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови… Ова што го правиме е ненормално“; „Што треба да потпишат знаеш? Договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштава без тендер. Тоа треба луѓево да потпишат“; „Овој човек изгубил контакт со реалноста“, и.т.н.

Причината за извесни проблесоци на „симпатија“ кон Ставрески кај мал дел од јавноста неделава, се резултат токму на ова незадоволство кај Ставрески. Но како и во досетката, таа симпатија има само онолку вредност, колку што има неговата улога на „вклучен“ и воедно „исклучен“ од низата соработници. Иако од разговорите е јасно дека имал свест дека ја „минал цртата“, Ставрески во реалноста ниеднаш не покажал и совест дека треба да ја напушти криминалната влада, потоа останал на оперативната функција во најцрните години од владеењето на Груевски и конечно токму Ставрески на собраниската седница во декември 2012 година беше снимен како од обезбедувањето бара да се исфрлат пратениците од опозицијата за да се изгласа буџетот за 2013 година.

Но, интимните ставови на Ставрески се истовремено важни аналитички алатки за внатрепартиското владеење на Груевски. Тоа владеење најкратко се дефинира не како политичка партија, туку она што во теоријата се нарекува „претполитичко братство“.

Брат за брат…

Еве некои од механизмите на либидалната економија на братствата. Прво, односот помеѓу браќата не е базиран на капацитетите за политичко делување, туку на „роднинство“, што ја објаснува и високата концентрација на роднински врски: братучед, кум во највисоките органи на власта, каде политичките односи се заменети со побратимски.

Второ, братствата се садистички. Уште Фројд објаснува дека братскиот сојуз се формира кога се укинува принципот на претходник (т.н. симболичен „татко“). Тоа е една од причините зошто ДПМНЕ е опседнато да стави крај на се’ што значи традиција: од архитектурата, до историјата, до прекројувањето на главниот град и.т.н.

Трето, претполитичките братства се параноични. Со тоа се објаснува и концентрацијата на тајни служби. Имено, братот не е само некој што е близок, туку и некој што секој миг може да стане конкуренција и најдлабок непријател. Затоа е толкав обемот на прислушуваните разговори на најблиските соработници на Груевски, а во тој контекст треба да се сфатат и советите на гатачката која точно знае дека Груевски сака да чуе дека неговите најлути непријатели се токму членовите на неговото најтесно раководство. Братот од претполитичките формации не може да верува никому. Па затоа иако формирал роднинска врска (на пр. кумството), ниту тоа само по себе не е доволен гарант дека братот нема да ми наштети. Братството е состојба на постојана напнатост и токму затоа во десетгодишното владеење, Груевски успеа да го создаде досега најдлабокиот раскол на линија Македонци-Македонци од која било претходна македонска влада.

Четврто, братството е опседнато со прашањето на дисциплина, со работата 24/7. Вака сфатената дисциплина се дефинира како прото-фашистичката вредност, затоа што овде не зборуваме за дисциплина во класичната смисла на зборот (работа, труд, макотрпност). Од разговорите се гледа дека никој не е особено „дисциплиниран“, туку има разни форми на хедонизам, уживање во садомазохистичкото потчинувања пред авторитетот на шефот, кому навистина по некој член би му ја треснал слушалката од глава, но нема да го стори тоа, бидејќи по братството едноставно нема кон што да се приклони.

Петто, комично, но во претполитичкото братство прекарот е поважен од името, како што гласи веќе славната реплика: „Ало началниче, како андерграунд?“ Тоа е затоа што името што ми е дадено на раѓање е нешто што припаѓа во доменот на законот, додека прекарот е она што сум го добил при „иницијацијата“ во братството. Прекарот ми се доделува кога влегувам во братството, а тоа е свет на беззаконие, и автоматски крај на просторот каде владеат законите.

За братството законот не значи ништо

А тоа не’ води до суштината на начинот на владеењето на Груевски. Братство функционира надвор од правото, законот и политиката. Голем дел од врхушката на ДПМНЕ денес е имплициран во злосторнички здруженија затоа што претполитичките братства немаат никаква врска со законите, со правото и со политиката. Тие се базирани на суровост. Слично впрочем како и кај „братствата“ од средновековните гилди, потоа тајните братства на Ајви Лиг универзитетите, разните фратернити клубови и.т.н.

Тоа ја објаснува и масовната девастација на правните норми во Република Македонија. Два најнови примери се претседателот на земјата, кој во три јавни обраќања, за три сосем различни правни акти по повод аболицијата, даде три идентични аргументи! Или, обратно, кога судовите оваа недела за ист предмет донесоа две сосем спротивни пресуди. За братството законот не значи ништо. Лојален е оној што му служи на „внатрешниот закон“ на братството. Ако некој закон се поклопува со интересите на Партијата, тоа е добро, но сепак никој не инсистира на законот во особена смисла.

Во помал степен, братството единствено има однос кон другите братства, но исклучиво оние што му служат нему или од него се формирани. Тоа ја објаснува концентрацијата на разни агенции за обезбедување, тајни служби и.т.н. во последнава деценија, а инсталирани од ДПМНЕ. Затоа, братството на ДПМНЕ е армија на симболи и погон на цела машинерија на иконографија и симболизација. Оттука црно-белата конфекција на годишната средба на Унијата на жени на ДПМНЕ, потоа пропагандата „кој сѐ не е Македонија!“, предизборните плакати слични еден на друг, а таа иконографија впрочем повторно ќе ја видиме веќе в недела на прославата на 26 годишнината на ДПМНЕ.

И конечно: братството, по дефиниција, е празно од идеологија! Секаква супстанција може да го исполни братството. Затоа во ДПМНЕ денес членуваат без исклучок поранешни членови на СДСМ, на ДА, на други помали или поголеми партии, дел од претставниците на невладините организации, како и од советодавните одбори на Сорос (инаку имагинарниот алфа-непријател на Груевски за потребите на пропагандата). Братството може да се шифта помеѓу ужасно десни и ужасно леви парадигми, но сѐ додека братството e незагрозено, незагрозена е и кохезијата внатре братството. Навистина ДПМНЕ на Груевски е десничарска партија, но само онолку колку што братството по себе е секогаш веќе радикално десничарско, бидејќи е концепт најдалечен од концептот на политичкото и правното. Граѓанското општество започнува дури со распаѓањето на идејата за „претполитички формации“ и враќањето кон идејата за политиката и правото.

Побрзо или побавно, деинсталација на братството е неизбежна

Тоа е причината зошто отпорот кон ДПМНЕ доаѓа од најмалку три центри. Првиот е официјалната собраниска опозиција. Вториот се самите десни партии, кои се во сѐ појасна офанзива против ДПМНЕ. Првите потписници на партијата се оградуваат од ДПМНЕ на Груевски, некои од нив бараат ВМРО да се извади како предзнак од сите десни партии, а оценка гласи дека партијата на Груевски е целосно ревизионистичка во однос на идејата на ВМРО. Други десни партии ја третираат партијата на Груевски за приватизирана и сметаа дека во неа има многу незадоволни членови кои при распаѓањето на врхушката би преминале во други десни блокови.

Но, наспроти политиката, најсилната опозиција што ДПМНЕ во моментов ја има се всушност – граѓаните. Тие се по природата на нештата и најдалечни од логиката на братствата. На граѓаните најмногу им одговара почитување на законите кои треба да бидат еднакви за сите, граѓаните се најзаштитени при функционална демократија и на граѓаните најмногу им одговараат институциите да имаат еднаков пристап кон сите.

Всушност моќта на Шарената Револуција во моментов е толкава што спомнувањето на „лидерската четворка“ во контекст на преговори се чини дури комична во услови кога главните вести секој ден се активностите на Шарената Револуција. А Шарената Револуција секој ден го менува обликот на своето делување. Откако вчера беше одбројан последниот ден на демонстрантите со симболичното исцртување на бројот еден, како последен рок што граѓаните му го дадоа на Уставниот суд да се произнесе за заштита на Специјалното јавно обвинителство (единствената институција што би можела да се справи со претполитичко братство на Груевски), Шарената Револуција најави масовен протест в понеделник. Во моментов никој не знае каква форма ќе имаат тие протести.

Она што е факт е дека првиот благајник на Груевски си заминува од челната позиција во момент кога можеби пресметал дека побрзата или побавната деинсталација на братството е сепак неизбежна. А што ќе треба да се стори по деинсталирањето на братството, како некаков ургентен механизам за заштита на земјата, барем според теоријата, некоја друга сабота.

DW.COM

Сподели: