Сите наши апокалипси! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Кога Махатма Ганди учел во еден англиски колеџ, еден од неговите професори по име Питерс перманентно уживал да го провоцира. Еднаш го прашува: „Ганди, кажи ми што ќе земеш ако на пат наидеш на вреќа ум и на вреќа пари“. Ганди без многу да размисли кажал дека би ја зел вреќата со пари. На тоа професорот потценувачки додал – „Гледаш, а јас би ја зел вреќата со ум“. „Секако“ – возвратил Ганди  – „секој си зема тоа што му недостасува”.

А нам ни недостасуваат двете, оти кај нас ниту волкот стана сит ниту овците ни се на број.

Атмосферата што сега се создава поврзана со Законот за јазиците, ме враќа 26 години наназад кога луѓето по прв пат се соочија со плурален амбиент. Тогаш при секој обид да се разговара за темелите на идната држава, се наидуваше на фаталистички и апокалиптички ставови. Беа загубени златни години, оти политичарите цело време наместо за општ развој, се натпреваруваа во голите етнички прашања полни со лажен патриотизам зад кој се криеше нивната неспособност да ја унапредат државата, а често и нивниот криминал. А ние тешко сфаќаме дека подобро е да ве тепа вистината отколку да ве милува лагата. И ден денес, меѓуетничките теми продолжуваат да бидат топ теми, иако јавноста видно е променета, ама неукоста на политичарите е во прогресивен развој. Кај обичниот човек се развива култура, но кај политичарите длабока некултура. Можеби крупните пари создале толку ситни души.

Прва апокалиптичка најава беше по првите парламентарни избори, кога ВМРО под влијание на нејзини лумп-подржувачи одби да прими албански партнер во владата (оти тоа ќе било предавство). Тоа вешто го искористи мудриот Глигоров и ВМРО остана во аут. И самиот Лубчо Георгиевски сега признава дека тоа му била стратешка грешка, но дека тоа го правел поради огромен внатрешен притисок од слепи националисти. Денес и во самото ВМРО (сеуште груевистичко), груевистите иронично се смееја на изјавите на нивниот лидер од типот – „Бланко ви даваме поддршка за коалиција без Албанци макар и нека ме затворат мене“. А голем дел од јавноста точно знаеше дека тнр. „Тиранска платформа“ ти била тајно договорена меѓу бившите долгогодишни коалициони браќа за понатамошно заедничко владеење. Нели Сител прв дознаваше, а водачите молчеа за тоа. Понекогаш и молчењето зборува многу повеќе.

Втората апокалиптичка најава беше можното прифаќање на високо образование на мајчин јазик. Тоа би ги сегрегирало нациите и државата би се распадала. Поради ваквиот грч ни се случи конфликтот од 2001, кој доведе на власт лумп-политичари (од двете страни). Сеуште поради тоа си плаќаме висока цена. Се случи реална апокалипса поради лажна апокалипса. Денес имаме бројни универзитети и на Албански јазик и не само што држава не се распадна, туку стана посилна и покохезивна, оти Албанците почнаа да ја чувствуват и како своја.

Третото апокалиптичко предупредување беше референдумот за територијална поделба на единиците на локалната самоуправа. И тука имаше “предавства” “федерализации” и “поделби“. За жал, секогаш лагата е на површина а вистината во длабочина. Еден дел од населението беше прогласен за туѓ, непожелен и опасен елемент. Потоа многу брзо сфативме дека и тоа ти била чиста лага, оти единствено што е постигнато, тое е дека злоупотребите сме ги пренеле од централни моќници на локални моќници. А граѓаните пак со прстот во устата.

Четвртата апокалипса (сега веќе како дејствување) беа кумановските збиднувања, кои според сериозни индикации биле директно организирани и фингирани од власта, како разорна бомба со цел неутрализирање на вистинските бомби на Заев. Загинаа бројни луѓе и беа срушени многу домови. Но, тука веќе огромен број луѓе знаеја зошто се случува тоа! Ниту Македонците ниту Албанците не наседнаа на такво кобно сценарио. Напротив, подоцнежните избори покажаа дека обичните луѓе ги надитрија политичарите. Македонците ја игнорираа невидената фашистичка и фаталистичка кампања, дека ако не победи ВМРО државата ќе е готова, а Албанците им дадоа „двојка“ на нивните бизнис-патриотски“ водачи. Така што конечно Македонија почна да наликува на нормална.

Петoтo апокалиптичко дејствување беше невидената деструктивна кампања дека ако СДСМ формира влада – тоа е крај за Македонија! Таква монструозна лага и манипулација кулминираше со сериозен обид за државен удар (со помош на странска сила која никогаш во историјата не направила нешто добро за Македонија). По се изгледа биле планирани лидерски ликвидации, за да потоа следи хаос и диктатура. Ама и тоа ти било прочитано од луѓето, така што истото не наиде на поддршка ниту кај верните гласачи на ДПМНЕ. Тој настан ќе треба сериозно да се истражува.

Шестата апокалипса, веќе не заслужува да се вика така. Мобилизирањето околу бегалците и Законот за јазиците повеќе наликува на макро-комедија отколку на микро-трагедија. Сега е јасно дека колективното освестување на луѓето и колективните груевистички манипулации се движаат во спротивна насока. Македонија и нејзините граѓани не се загрозени еден од друг, туку од нивните апокалиптички водачи. Македонија е загрозена од криминални политичари од сите етникуми на кои националната омраза им е само декор амбалажа која внатре е полна со отрови. Тоа е вешта маска зад која се кријат водачи-маски кои на зборови билдаат лажен патриотизам, а во дела грабаат се живо. Од луѓето наравија своевидан наш „Боко харам“. Така е кога наместо просто неверојатни, избираме неверојатно прости. Токму од нив исчезна готово третина од овдешното население (Македонци, Албанци, и многу други). А ние изгледа долго време им дававме гласови на тие што имале потреба за ум. Понекогаш Македонија е загрозена и од научници кои или поради голата емоција или поради тоа што не се во некој управен одбор или комисија, се спремни сѐ живо како нормалност да уриваат, па макар тоа да наликува и на држава.

Сега веќе е јасно дека авансирањето на правата на сите уште повеќе ја зацврстува државата, ја зајакнува меѓусебната доверба и ја зацврстува внатрешната кохезија. Околните држави одамна ги имаат надминато ваквите проблеми и се фокусирани врз развојот. Ние првин драматизираме, а да потоа се чудиме зошто сме го направиле тоа. Со Бугарите сме го загубиле јазикот, историјата и не знам што! Но, ете гледаме дека баш ништо не е загубено. Туку многу што е добиено. Понекогаш општото добро зависи од срцето на поединец.

ВМРО со ваков хедонистички пристап ризикува долги години опозиција ако не и исчезнување. А со Груевски на чело, водачите на СДСМ долги години ќе ги тријат рацете, а можеби еден ден ќе му подигнат еден огромен споменик.

Мерсел Биљали