Вести Македонија Став Топ теми Ударни вести

ЗИРМ: Реакција по повод најновиот учебник по историја и општество за V одделение

Сподели:

 

Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации.

Во нашата реакција изнесуваме само неколку од многуте недостатоци во наставната тема број 3 во учебникот насловена како „Праисторија и историја“. Напоменуваме дека ова се само дел од забелешките кои ќе бидат интегрирани во опсежната критичка анализа која ја подготвува Здружението на историчари на Република Македонија и која во најскоро време ќе ја достави до Министерството за образование и наука, со барање да го повлече учебникот од употреба. Истото се однесува и на Концепцијата за основно образование, чијшто продукт е самиот учебник, кој е заснован на новата наставна програма.

„Стариот/ античка историја век е историски период кој започнал со пронаоѓањето на првото писмо а завршил во V век пр.н.е.“ (стр. 113)

Ова е погрешен податок, според кој почетокот на средниот век, во суштина, се поместува 10 века поназад. Имено, средниот век започнува со големите преселби на народите во V од н. е. Според она што го навеле авторките, средниот век во историјата започнува со Грчко-персиските војни. Понатаму не постои нешто наречено „Стариот/ античка историја век“, бидејќи античката историја е, впрочем, само еден дел од она што се нарекува историја на стариот век.

„Почетокот на новиот век/ модерната историја започнува со откривањето на парната машинаа историски завршува со почетокот на Првата светска војна.“ (стр. 116)

Новиот век не започнува со пронаѓањето на парната машина во XVIII век. Новиот век, во согласност со академскиот консезус во Европа, започнува со појавата на печатницата на Гутенберг и со ренесансата, којa ги црпи основните идејни постулати од средновековието.

-Во самиот вовед на делот за археологијата се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време. При споменувањето на Кокино, постојано се повторува „градба“ и „изградено“ (стр. 145), а, всушност, се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Во однос на Хераклеја се вели дека „основан е во VI век пр.н.е.“ (стр. 149). За тоа не постојат никакви докази (археолозите овој град го определуваат хронолошки во IV или пак во II век пр. н. е., но во никој случај во VI век пр. н. е.). Воедно, се констатира дека Хераклеја била колонија, без, притоа, да се прецизира што претставува тоа, односно чија колонија била. Кај Самуилова тврдина се вели дека „најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил“ (стр. 151), иако археолозите сметаат дека остатоците од денешните ѕидини се од подоцнежен период. Исто така, авторките наведуваат дека во близина на Самуиловата тврдина се наоѓа „амфитеатар“ (стр. 151), што не е точно, бидејќи станува збор за антички театар.

„Никола Тесла изумител на електричната енергија.“ (стр. 116)

Истражувањето и откривањето на електрицитетот има своја историја, која започнува со старогрчкиот филозоф Талес од Милет. Никола Тесла, историски гледано, ја има заслугата за креирањето услови за користење и производство на наизменичната струја.

„Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука.“ (стр. 116)

Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“.

„Откритието на тркалото исто така придонело за побрз развој на заедниците во кои живееле праисториските луѓе. Тркалото од каменото време немало некоја позначајна улога врз развојот на општеството, бидејќи го користеле како тркало за изработка на глинени садови.“ (стр. 105)

 Откривањето на тркалото претставува едно од првите човекови открија кое го олеснило живеењето на тогашниот човек. Вака конструираната констатација на авторките е конфузна и нелогична.

Табелата наменета за потсетување на учениците (стр. 118) содржи погрешни описи како резултат на претходно изнесената погрешна периодизација.

„Египетскиот календар е лунарен.“ (стр. 120)

Египетскиот календар е, всушност, соларен.

„Асирскиот календар е лунарен календар.“ (стр. 121)

Асирскиот календар е лунисоларен. Тука може да се констатира и фрапантно непознавање на темата за која пишуваат авторките. Имено, наставната содржина е наменета за календарот на Асирското Царство, во кое се користело клинестото писмо. Табелата во која се претставени месеците и нивните имиња, всушност, е напишана на сириски абџад и претставува календар кој го користат современите Асирци, при што тој е и обратно поставен. Сирискиот абџад се пишува од десно кон лево, додека прикажаното на табелата е пишувано од лево кон десно.

Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н. е.“ (стр. 141)

Изградбата на Колосеумот започнала околу 72 година од н. е. и била завршена за осум години.

Дадени се прикази на Роза Луксембург и на Мартин Лутер Кинг (стр. 4445), во кои не се зборува за нивното дело, туку се истакнуваат само нивните морални и лични карактеристики.

„Наша ера, нова ера“

Во учебникот на различни страници се користат термините „наша ера“ и „нова ера“. Недозволива е ваква неконзистенстност на термините во учебник кој треба да биде почетно запознавање на учениците со историјата како наука.

Пишаните извори се многу сигурни. (стр. 128)

Со оваа констатација учениците погрешно ќе го разберат карактерот на пишаните извори, сметајќи дека тие не треба да бидат доведувани во прашање. Од аспект на историската наука, и пишаните извори се подложни на критичка анализа.

Покрај наведените кардинални и издвоени забелешки, мораме да истакнеме дека учебникот се одликува со неквалитетна нагледност. Има многу илустрации, кои се со исклучително лош квалитет, вклучувајќи ги и картите, а на места тие се и несоодветни за периодот на кој треба да се однесуваат. Тоа го наметнува и прашањето за самиот извор на користените илустрации, што го повлекува и прашањето околу aвторските права (copyright).

Содржините во учебникот воопшто не им нудат на учениците сознанија од историјата врз основа на кои тие ќе бидат во можност да го согледаат историскиот контекст. Така, Македонија како историски термин воопшто не се користи. Единствено се користи името „Република Северна Македонија“, и тоа во врска со мапата на која учениците треба да ги нотираат археолошките наоѓалишта. На овој начин учениците нема да бидат во можност да ги стекнат основните знаења за историскиот контекст и за значењето на посочените археолошки наоѓалишта, иако авторките самите констатираат дека „археолошките наоѓалишта се сведоци за историското минато на населението кое живеело на одредено подрачје“. Притоа, една од задачите за учениците е да изработат брошура на која ќе ги „прикажат сите карактеристики на некое археолошко наоѓалиште од нашата земја“ и тоа врз основа на истражување на „интернет или од други извори“, а како извори во учебникот се посочени „bitola.info“ и „https://macedoniafromabove.mk“.

Придавката македонски е употребена само на четири места, и тоа за користењето на Јулијанскиот календар од страна на „македонската православна црква“ (стр. 124, 126 – иако официјалното име е Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија); потоа за апстрактната задача која им се дава на учениците да дознаат „кои се архаичните македонски имиња на месеците и зошто така се викаат“ (стр. 126), како и за Марко Цепенков, „собирачот на македонски приказни“ (стр. 129). Toa доволно ја илустрира концепциската поставеност на учебникот.

Текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Во учебникот ретко се поставува прашањето „како“, а прашањето „зошто“ воопшто не се ни обработува. Современото образование бара развој на критичкото размислување, кое воопшто не може да се поттикне од вака составените текстови. Притоа, треба да се истакне дека во учебникот не се става акцент на информациите и на нивната точност, туку на современите идеолошки определби, кои кога се истакнуваат на штета на историскиот наратив, се неприфатливи.

Општо земено, сметаме дека учебникот е, всушност, директен резултат на избрзано донесената Концепција за основно образование, врз база на која е изработена и новата наставна програма. Таа програма, со сите свои недостатоци, ги дава насоките за составување на учебникот, и во поглед на концептуалната структура и во поглед на содржината. Оттука, нужно е наставната програма да се повлече, како и самата Концепција врз основа на која е изработена. Напоменуваме дека уште пред нејзиното донесување, Концепцијата за основно образование беше изложена на остри критики и беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, при што беше укажано на штетата што ќе ја предизвика, нешто што сега станува очигледно.

Концепцијата за основно образование, со која беше укинат предметот Историја како одделен предмет, всушност, го сведува изучувањето на историјата на ниво на поимско и фактографско учење. Со тоа историјата е ставена на маргините, со намера, евидентно, да ѝ се посветува само една тема годишно. Тоа е недозволива деградација на историјата и како наука и како наставен предмет, што ќе резултира со градење на идни генерации ученици кои ќе немаат основни познавања од историјата, но што е уште поважно, генерации кај кои нема да се поттикнува интересот за минатото и односот кон него. Особено што изучувањето на историјата во основното образование, по дефиниција има за цел да гради свест за припадност. Врв на целиот процес е посочениот учебник и неговите суштински недостатоци. Последица на Концепцијата е и погрешниот географски контекст содржан во учебникот (стр. 93), што се должи и на укинувањето на предметот Географија. Притоа, би сакале да нагласиме дека нашите забелешки се научно фундирани и лесно проверливи.

Со оглед на тоа што учебникот изобилува со неверодостојни информации, полувистини и небулози, сметаме дека тој не смее да биде дел од македонскиот воспитно-образовен систем, имајќи предвид дека Министерството за образование и наука има законска должност да обезбеди квалитетен процес на воспитание и образование на учениците.

Затоа Здружението на историчарите на Република Македонија во најскоро време ќе достави до Министерството за образование и наука детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата, имајќи ги предвид крајно негативните последици, како и подготовката на претстојните учебници. Сметаме дека е тоа крајно неопходно, бидејќи е неприфатливо да ја доведуваме во прашање иднината на нашите деца, а со тоа и на државата и на нацијата, се наведува во реакцијата на Здружението на историчарите на Република Македонија.

Сподели: