Алтернатива Настани

Промоција на „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска

Сподели:

 

Денеска во 18 часот, во Кинотека на С. Македонија ќе се одржи промоција на збирката раскази „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска. Книгата е објавена во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.
 
За книгата ќе зборува Калина Малеска.
 

Книгата Во главата слушам песна (лирски рефрени) е збирка од 49 кратки текстови кои функционираат на повеќе нивоа. Од една страна, тие можат да се читаат како кратки, речиси микро раскази, со наративна структура, но и со силен лирски призвук. Лириката во нив е надополнета со музичката подлога врз која се градат (или на која асоцираат), преку музичката нумера, „лирскиот рефрен“ цитиран под секој од нив. Од друга страна, овие текстови се и интимни, речиси дневнички, автобиографски записи од животот на авторката, сеќавања од нејзиното детство, од нејзиниот живот и од животите на нејзините блиски (родителите, децата). Напишани се најчесто во прво лице, па од трета страна, делуваат и како интимен дневник на размисли, слики и звуци, надополнет со песнарка (доколку читателот реши не само да го чита, туку и да ги слуша цитираните нумери). И на крај, обраќањето во второ лице, до родителите, до децата, до љубовниците и пријателите, овозможува овие текстови да се читаат и како писма до блиските (и оние живите и оние мртвите), во кои авторката зборува за споделените импресии, заедничките искуства и емоциите. Напишана на прагот на педесеттата година на авторката, книгата е и една фрагментирана биографија, рекапитулација на некои настани, слики и звуци кои оставиле најдлабоки траги на нејзината личност.

 

Елизабета Баковска (1969) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика.

На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.

 

Објавени книги:

Житие на нашата љубов, поезија (Маседониа Прима, 2003)

Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта, раскази (Блесок, 2004)

Состојби на духот и телото по триесеттата, поезија (Блесок, 2005)

На пат кон Дамаск, роман (Слово, 2006)

Варварите сè уште пишуваат поезија, поезија (самостојно издание, 2015)

Сопствена соба, сопствено гето: женското писмо во современата македонска проза, книжевна теорија/критика (самостојно издание, 2016)

Тринаесет осврти за книжевни и слични дела, книжевна критика  (Блесок, 2018)

Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат, раскази (самостојно издание, 2018).

Сподели: