Колумна Текстови Ударни вести

ЗЛОРАДОСНИ МАЛОГРАЃАНИ ИЛИ УБАВИ ЛУЃЕ? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Нашата транзиција, која правилно треба да се именува како општествена и економска инволуција, ни „осветли“ многу нешта со вистинско светло, особено ни ја прикажа суровоста на неолиберализмот.

Александар Литовски

Покрај тоа, ни ги прикажа и нашите малограѓани во целата нивна мизерија и злоба. Ни ги прикажа малограѓанските мизансцени во кои како нормално гледаме како најголемите кривоклетници проповедаат за „држење на зборот“, како најголемите предавници и конвертити зборуваат за другарство и политичката доследност, како најзлобните изроди зборуваат за добрина и милосрдие… Видовме дека малограѓанската лицемерна реторика е некој вид на волшебно мастило кои пробива во човечкиот мозок и може да го обои и контаминира со злоба и завидливост, може да го корозира до степен на шупливост која произведува ненадминливи апсурди. Транзицијата ни овозможи да забележиме колку многу мрачни маглишта се згуснале во оној несреќен малограѓански мозок и колкава збирка од квазимисли за чудесно безвредни материјални и духовни нешта и појави се испреплеткале во таа неизбраздана мозочна маса.

Овие злорадосни малограѓански мозоци ги произведуваат гнасните и, скоро редовно, неинвентивни плукања и етикетирања по градските кафеани, кои, пак, преку медиумите и социјалните мрежи, без филтрирање, стигнуваат директно до граѓаните, па така скоро сите се заразени или оптеретени со простотилакот, неодмереноста и некултура. И додека владее овој неолиберален систем на „демократија“ (која секогаш треба да се чита во наводници, оти нема никаква врска со вистинската демократија, туку е сосема спротивна од неа) малограѓанскиот мозок ќе произведува некултура, ќе се мултиплицираат навредите, ќе се спушта нивото на јавниот дијалог до препукувања ад хоминем, ќе се прави сè за да се наклевети, понижи и омаловажи личниот ривал, идеолошкиот неистомисленик или политичкиот противник. Навредите, особено оние со агресивна нота, спаѓаат во типичен говор на омраза и придонесуваат за социјалната дистанца и политичка поларизација во градскиот живот, и сето тоа неминовно доведува до зголемување на тензиите, а често доведува до насилство и други немили настани по градските улици.

А, навистина, би било убаво да видиме, во овој морално банкротиран град, горди и неподмитливи луѓе! Убаво би било да видиме, во оваа „престолнина на кичот“, некакво оригинално архитектонско или споменично дело. Би било убаво е да видиме, во овој егоистичен град, луѓе за кои патриотизмот не им е извор на профит, туку искрена љубов кон земјата и луѓето. Секако, би било убаво да видиме, во овој суров град, луѓе што имаат добра и питома душа. Како што би било убаво да видиме, во овој ахуманистички град, луѓе на кои Човекот им значи, па сочувствуваат со туѓата радост, успех, мака или болка. Да видиме луѓе кои се грижат за сите други луѓе. Исто така, би било навистина убаво да видиме, во овој еколошки и морално засмрден град, луѓе кои мирисаат на убавина и питомост и, згора на тоа, се движат по чисти и тивки улици. Убаво би било да видиме, во овој во лицемерен град, и луѓе со убав, исправен и доследен збор. Дефинитивно, би било убаво да видиме, во овој нарцисоиден и завидлив град, луѓе со убави желби за своите сограѓани. Неверојатно убаво би било да видиме, во овој во овој глупав и неписмен град, луѓе кои се умни и кои знаат и разбираат. Убаво би било да видиме, во овој застарен и застоен град, луѓе со широки, и модерни сфаќања и мисли. Е, такви луѓе, наспроти малограѓанските злорадосни мумии и силеџии, му требаат на овој град за да биде вистински Град.

Сподели: