Алтернатива Македонија Настани

Зелен Институт: “Како до ефикасен инспекциски надзор против загадувањето?“

Сподели:

 

Зелениот институт, во соработка со Биро де Хелинг од Холандија, одржа ЗУМ конференција на тема: „Како до ефикасен инспекциски надзор против загадувањето?“ Конференцијата одеше во живо,  со присуство на претставници од институции, граѓански организации и медиуми.

 

 

 

Модераторот Лилјана Поповска од Зелениот институт се заложи за сеопфатен и координиран систем на инспекции во животната средина, со 10 пати повеќе обучени инспектори од различни струки, 10 пати повеќе акредитирани лаборатории покрај државната лабораторија, со ревидирани еколошки дозволи и елаборати, со листи на забранети и дозволени горива, низ соработка на инспекторатите, министерствата, Собранието, граѓаните и медиумите.

Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на зелената партија ДОМ, инсистираше на транспарентност на инспекциите како клучен момент, за чие постигнување предложи присуство на граѓанските организации во инспекциските надзори заедно со инспекторите. Спомена повеќе реализирани иницијативи на зелената партија ДОМ и се заложи за интегриран пристап за подобрување на животната средина, со вклучување на релевантни институции и активисти.

Во презентацијата на Невена Георгиевска и Татјана Чакулев од О2 Иницијативата беа посочени повеќе проблеми, настрана од изворите на загадување: недонесување на важни закони, лошото спроведување на законите,  нивните недоречености и грешки, нелогично ниски казни за загадувачите, погрешно толкување на делот за порамнување со загадувачите, недоволна транспарентност, отчетност и следливост на институциите, како и недоволните средства за спречување на штети во животната средина.

Ана Петровска, новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина, реферираше за новата динамика и пристап во работата во периодот од двеипол недели, откако ја има преземено одговорноста. Спроведени се 95 редовни и 35 вонредни надзори, што е речиси 4 пати повеќе од претходната пракса и тоа во различни инсталации: големи загадувачи, помали загадувачи како котлари, фарми, складови со отпадно масло, бетонски и асфалтни бази, мали хидроцентрали. Најави целосна транспарентност и формирање на совет на засегнати страни (граѓански организации, лаборатории, инспекторати, експерти), како и побарување повеќе средства за вонредни лабораториски мерења, е-алатки за пријавување и следење, како и мобилни апарати за индикативни мерења на загадувањето.

Мирослав Богдановски, пратеник и поранешен раководител на градскиот инспекторат во Скопје, ги претстави дигиталните алатки заради полесно пријавување на загадувањето од страна на граѓаните, но и за нивно полесно следење од пријава до казна. Резултатите на надзорите се зголемени од 100-400% во последната година од примената на новите алатки. Со една од нив е зголемена безбедноста на инспекторите, при што можат директно да ја повикаат полицијата на помош.

Горјан Јовановски, авторот на апликацијата „Мој воздух“, ја претстави идејата за креирање нова е-апликација со карта на загадувачите заради полесно препознавање на изворот на загадување при пријавување од страна на граѓаните, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, Зелениот институт и Биро де Хелинг.

Билјана Тешева, правник од Министерството за животна средина, го претстави новиот Прирачник за локалните инспектори, изработен врз база на истражувањата, анкетите и обуките на локалните инспектори од страна на Зелениот институт, на што е работено последниве две години.

 

Сподели: