Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на дводневниот Отворен Форум за антикорупција организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а во рамки на Програмата Граѓаните против корупцијата и Програмата Регионалната мрежа за антикорупција (СЕЛДИ).
Посочувајќи дека како држава пред 20 години ја ратификувавме Конвенцијата против корупција на Обединетите Нации, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека и по две децении од Конвенцијата, дури 63% од македонските граѓани сметаат дека корупцијата е наш најголем проблем.
“Пред точно 20 години, Обединетите нации ја донесоа Конвенцијата против корупцијата. Во таа прилика, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан ја спореди корупцијата со „подмолна чума“ која ги поткопува демократијата и владеењето на правото, ги повредува човековите права, го нарушува пазарот, го еродира квалитетот на животот и го овозможува организираниот криминал, тероризмот и другите закани за човековата безбедност. Ние ја ратификувавме оваа конвенција и се приклучивме прилично брзо кон низа глобални и регионални антикорупциски документи и механизми.
Сепак, две децении подоцна, дури 63% од македонските граѓани ја сметаат корупцијата за наш најголем проблем. Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот. Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на Европската Унија. Индексот за владеење на правото, пак, нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области. Дури половина од истрагите што Европската служба за борба против измами – ОЛАФ ги отвори за земјите од Западниот Балкан, се поврзани со злоупотреби на европските фондови во Македонија.
Во зависност од локалниот контекст, причините за оваа состојба најчесто ги бараме во недостатокот на политичка волја, во системски или законски празнини, во долгогодишната блокада на европските интеграции, и се разбира, пред се, пред се, во културата на неказнивост.
Една од препораките на ГРЕКО, која остана не имплементирана, се однесува на примената на системот на санкции во однос на прекршување на правилата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција. Ваквите системски пропусти, воопшто, не се наивни. Оние кои корумпираат успеваат да ја избегнат одговорноста со помош на неколку тактики, од негирање на корупцијата, преку минимизирање на нејзините ефекти, одвлекување на вниманието на јавноста од проблемот, па сѐ до дискредитирање на критичарите или замолкнување на свиркачите.
Низ годините, за жал, корупцијата стана наше секојдневие, начин на живот, во кој, огромен сегмент од општеството верува дека без мито, непотизам, кронизам и клиентелизам не можете да напредувате. Една третина од граѓаните изјавуваат дека биле изложени на коруптивен притисок, а дури една четвртина од нив, посегнуваат или по паричникот или по телефонот за да дадат мито или да побараат врски.
Последиците од оваа состојба се видливи за сите нас, за сите граѓани. Корупцијата генерира сиромаштија и социјална неправда со што ги продлабочува поделбите во македонското општество, го забрзува иселувањето бидејќи практично го поништува системот на заслуги при вработувањето и унапредувањето.
Кога ќе продолжиме со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции. Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас.
Ако ова се проблемите, кои би биле можните решенија?
Прво, легислативата треба да биде целосно усогласена со европското законодавство. За да се излезе на крај и со најкреативните обиди за измами, мора да учиме од најдобрите европски и светски антикоруптивни практики.
Второ, не треба да ги мериме намерите, туку резултатите на антикорупцијата. Добрата легислатива не вреди ако не се имплементира и ако не важи подеднакво за сите. Во таа насока, државата, властите мора да ги поддржуваат институциите како што е Државната комисија за спречување на корупцијата, барем нејзиниот постојан состав, во нивната работа.
Трето, создавање на широк антикоруптивен фронт. За да биде ефективна, антикорупцијата не смее да се сведе на процедура во надлежност на неколку институции, туку мора да прерасне во потфат кој ќе добива поддршка од целото општество. При тоа е неспорно дека борбата против корупцијата е пред се задача на секоја институција, за секоја од гранките на власта, и за владејачката коалиција и за опозицијата, на централно и на локално ниво. Меѓутоа, медиумите, истражувачкото новинарство, невладиниот сектор и јавноста имаат незаменлива улога во тој процес.
Четврто, подигнување на културата на антикорупција. Тоа подразбира, меѓу останатото, расчистување со едно популарно, но, погрешно верување, сумирано во изјавата „овие крадат, ама барем нешто работат или градат“.
Почитувани, избраните и именуваните функционери мора да работат и да градат, без да крадат. Воедно, мора да разбереме дека малата сума не ја прави корупцијата помалку сериозна. Независно дали станува збор за 500 или 500.000 денари, корупцијата е корупција и не смее да се толерира.
Многумина од вас тука се долгогодишни и посветени борци против корупцијата. Во таа борба вие имате два клучни сојузника, се разбира, освен властите кои мораат да ја предводат таа битка.
Првиот е Европската Унија. Истражувањето на СЕЛДИ покажува дека колку е поблиска евроинтеграцијата, толку е поуспешна антикорупцијата. Европските интеграции сигурно можат да ни помогнат да изградиме функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем. Преговорите помагаат корупцијата да стане далеку повеќе општествено неприфатлива, а културата на неказнивост, во значаен дел да биде заменета со култура на одговорност и интегритет. Најбрз и најсигурен начин за темелни европски реформи без бирократски опструкции и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во Унијата.
Вториот сојузник се младите кои во секое општество се клучни за каква било општествена трансформација. Според анкетите, огромно мнозинство од младите не толерираат коруптивни практики, но, за нивниот критичен глас да доведе до општествени промени, тие треба да бидат и критична маса во општеството. И јасно е дека ако нивните барања не бидат слушнати и имплементирани, младите или ќе си заминат или со текот на времето ќе се адаптираат на постојниот систем.
На 9 декември, за само три дена, ќе го одбележиме Меѓународниот ден на антикорупција, а на 10 декември е Денот на човековите права. Овие два последователни датуми не се случајно одбрани. Нема човекови права и слободи таму каде што правдата е поразена од корупцијата.
Антикорупцијата не е само правна или политичка тема и сигурно не е само процедура, туку и длабоко морално и етичко прашање што задира во фундаменталните човекови права и слободи.
Ако сакаме да изградиме праведно општество засновано на највисоки етички вредности и интегритет, тогаш антикорупцијата треба да биде во средиштето на сите наши напори и политики.