Стартува „паметното осветлување“ за Центарци

Сподели

Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината. Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес присутни беа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи. Градоначалникот Герасимовски оттаму порача дека преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.

„Денеска Општина Центар не го најавува туку го започнува поставувањето на новото „смарт“ јавно осветлување за што сум особено горд. Сакам да објаснам зошто е „смарт“ односно паметно јавно осветлување, затоа што станува збор за ЛЕД светилки со технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата. Не е потребно време на палење, ладење или зголемување на осветлувањето. Светилките сами се палат и нивното светло се засилува како настапува ноќта. Доколку на улицата нема движење од автомобили или пешаци осветлувањето се намалува но и автоматски се зголемува при забележано движење. Ова значи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните доколку димирањето е во услови на намалена оптичка видливост или вонредно зголемен интензитет на сообраќајот. “, рече денеска Герасимовски од Капиштец.

Тој исто така појасни дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, емитуваат светлина само во видливиот опсег, имаат компактна големина, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.

„Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници. Инсталација на светилките опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување. Во овие улични кабинети ќе има вграден  паметен контролер кој ќе биде поврзан со дигитално броило на електрична  енергија и ќе може да се вклучи и исклучи мануелно или автоматски со користење на вграден астрономски часовник кој пресметува кога сонцето заоѓа и изгрева“, рече Герасимовски.

Пред почетокот на проектот „А1 Македонија“, компанија лидер во дигитализацијата во земјата, изврши детална анализа, техничко решение за имплементација на проектот и да испорака ЛЕД светилки, мрежа и комуникациска опрема, апликација и останати материјали потребни за инсталирање и непречено функционирање на системот.