Сподели

Несекојдневна вечер на звуци, стихови и бои насловена како „Читаме и сликаме музика“ претставуваше мутимедијалниот перформанс  кој се одржа синоќа на летната сцена  на  Градскиот плоштад во Крива Паланка, во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.

 На настанот под отвореното летно небо настапија  Весна Станојевска Микиќ, харфистка, Александар Микиќ , актер и Валентина Илијевска , академски сликар.

 Публиката  имаше  можност да ужива во убавата музика, актерскиот перформанс и изведба  и во визуелната уметност. Станојевска Микиќ, со своето мајсторство на харфата, ја претстави виртуозноста и изразноста на овој несекојдневен инструмент преку изведба на француска филмска музика. Познатиот актер Микиќ ја придружуваше со стихови на најпознатите и истакнати македонски поети, додека Илијевска  на живописниот израз на платното го создаваше своето уметничко дело  пред присутната публика.

Ова вечер на емоции и впечатоци понуди единствено искуство на присутните  со уметничките  изведби и дела на познатите македонски уметници.

Настанот го организира НУ Центар за култура Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура.