“Ако ненормалноста ни станува неопходна, многу брзо пропаста ќе ни стане неизбежна” – кажа еден познат мислител!
Наспроти очекувањата за неизвесност за тоа кој ќе победи, американските демократи претрпеа незапамтен трикратен пораз (за претседател, за сенат, за претставнички дом). Оттука паниката во ЕУ е сосема оправдана. За време на првиот мандат на Трамп, Европа сепак беше во многу посилна кондиција. Тогаш германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон, беа силна политичка подлога на ЕУ. Но, денес Франција има свои големи проблеми, а германската влада веќе е во колапс. Така што ЕУ нема веќе такви силни брани. Ова ја доведува во прашање способноста на ЕУ да најде соодветен одговор на ураганот наречен Трамп, кој е одлучен во тоа да воведува протекционистички мерки против извозно ориентираните економи на земји-членки на ЕУ. Башка што причината за несоодветно финансистрање на НАТО видно ја загрозува и онака кревката безбедност на Европа. Оттука, постои оправдан страв дека Украина за „24 часа“ може само да биде пожртвувана за Русија. Од друга страна, со помош на бројни популисти како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, а утре Марин Ле Пен, eдинството на ЕУ сериозно би можело да се поткопа одвнатре. Опасно е кога срцето на некој влијателен водач е во неговата уста! Тие тешко сфаќаат дека соништата не се убиваат, туку се остваруваат.
Политиката на Трамп неизбежно ќе влијае на сите области на ЕУ, од цените на лековите, зелените технологии, па се до стандардите за вештачка интелигенција. Сега неговата крстоносна војна против зелената транзиција би можела да биде многу непријатна за европската публика и пошироко. Таборот на Трамп претендира да го укине Законот за намалување на инфлацијата, кој овозможува повеќе од 500 милијарди долари за проекти како чиста технологија, водород и обновлива енергија. Познавачите се на мнение дека и самата победа на Трамп сама по себе значи еколошка катастрофа. Имено, за да се спречи катастрофалноот ниво на глобално затоплување, светот веднаш треба драматично да ги намали емисиите. Потопла планета значи повеќе катастрофи. А Трамп планира повторно да ги повлече САД од Парискиот договор за да ги дуплира фосилните горива! Тоа значи помал надеж за енергијата од ветер, сончевата енергија, алтернативните горива и електричните возила.
„Гардијан“ пишува дека враќањето на Трамп во Белата куќа е исто како „слонот да е влезен во спалната соба на ММФ, кое веројатно ќе го намали глобалниот БДП за 0,5 процентни поени во 2026 година“. За зголемените царини, за кои Трамп силно се залага, Си-Ен-Ен напиша дека „тоа нешто ќе биде штетно на светско ниво“. Не само што тарифите ќе му наштетат на глобалниот економски раст, туку ќе ја зголемат и инфлацијата во целиот свет, оти зголемувањето царини ќе биде реципрочно. Економскиот експерт Голдман Сакс вели дека поради таков тарифен план, еврото би можело да падне за цели 10 отсто во однос на доларот и дека заработката меѓу групата најголеми европски компании би можела да падне за повеќе од пет отсто следната година.
Како што вагата се навртуваше кон Трамп за време на броењето гласови, така изреагираа и американските финансиски пазари. Вредноста на доларот скокна во однос на еврото, американските берзански индекси пораснаа, биткоинот исто така. Уште повеќе за неговиот голем поддржувач Илон Маск, кој стаса до нов рекорд. Минхенскиот економски институт „Ifo“- институт пресметал дека ветените нови царини ќе предизвикаат економска штета од 33 милијарди евра само за Германија, а германскиот извоз во САД би можел да се намали за цели 15 проценти.
Економската програма на Трамп, предвидува пред сè, намалување на даноци, бројни дерегулации, исклучително стимулативна фискална политика и протекционистичка економска политика со воведување нови царини – 10 до 20 отсто за сите стоки увезени во САД, а за Кина дури 60 проценти.
Трамп е бизнисмен и тој резонира со логиката на профитот во својата компанија „Трамп Трејд“. И во првиот мандат на Трамп, американските акции – особено во технолошкиот и финансискиот сектор – видно пораснаа, благодарение на зголемените приноси на државните обврзници и силниот долар.
ЕУ се тресе!
Освен цариснкиот удар, Трамп е спремен да го урне заедничкиот безбедносен систем ако Европа не плаќа 2% од ГДП, што ниту Германија и Франција не ја исполнуваат. Трамп на предизборен митинг во Јужна Каролина, ги предупреди сојузниците на НАТО дека ќе ја „охрабри“ Русија „да прави што сака“ на земјите што „не ги платиле своите сметки“. А без НАТО ќе биде многу тешко и за ЕУ. Ќе биде интересно да се види како Европа ќе реагира на одлуката на Трамп за војната во Украина, и дали одговорот ќе биде единствен! Европа сега е премногу поделена, а Трамп дополнително ја заостри таа поделба. „Европа треба многу повеќе да застане на свои нозе“ се вели во извештајот на поранешен италијански премиер Марио Драги. Мала надеж е во тоа што Елон Маск, кој многу му помогна на Трамп со платформата „Х“, има потреба за европски пазар.
Генерлно ЕУ традиционално има висок суфицит во трговијата со САД, ама има дефицит во услуги. Со суфицитот во платниот биланс, субјекти на ЕУ инвестираат таму, најмногу во форма на портфолио инвестиции – купување државни обврзници. Но, ако САД настапи премногу рестриктивно кон ЕУ, не се исклучува ЕУ да се фокусира кон кинескиот и индискиот пазар. Веќе соработката со Кина последниве години се интензивира, иако ЕУ ги има зголемено царините за кинеските електричните возила. По некој закон, кога едната врата се затвора другата се отвора. Од друга страна САД во иднина планираат уште посилно економски и политички да се фокурират кон југоисточна Азија, Индо-пацифичкиот регион, арапскиот свет и делови на Африка кај што Кинезите веќе интензивно работат.
А Западниот Балкан?!
Тешко дека Балканот ќе биде фатен од некој сериозен радар на Трамп. Трамп јасно ја опиша политиката на САД кон Западен Балкан како „пасивна“! Оттука, Балканот продолжува да биде сѐ поблиску до Блискиот исток. Скоро сите Балканци напразно гледајќи ја иднината низ кристаломантија се фалеа за тоа колку имале добар линк со Трамп. Додиќ дури славел за победата на Трамп. Паметните лидери се полни со двоумење, ама тие другите се полни со самодоверба! Ама брзо сите ќе бидат разочарани поради големата запоставеност. Еден важен американски аналитичар тие надежи ги нарече „намерен абортус“. Трамп ќе биде многу зафатен со војните на Израел, со Руско-украинската војна, со Иран и Тајван. А со овој дел од Европа веројатно ќе се занимаваат третокласни вашингтонски административци кои посериозно ќе се присетат за потребите на овој регион, после некој евентуален лош ручек. Треба да знаеме дека на политичките раскрсници често воопшто нема знаци. Ако не се случи нешто како чиста добивка на лотарија за Брисел, Балканот веројатно дополнително ќе се маргинализира. Србите, нема да имаат добра кондиција кон композицијата НАТО, оти Трамп не свира многу на тој инструмент. Тие заедно со Албанија единствено може да се надеват на мало бомбонче ако зетот на Трамп Џерад Кушнер инвестира во Белград (седиштето на бившата одбрана) и во малиот остров Сазан во Албанија. Додека Курти ќе треба цело време осамен да се моли за да не заврне, особено ако симпатичниот Ричард Гренел добие некаква важна функција. Тогаш лесно може да испадне некој ептен голем непланиран абортус.