Денеска се одбележуваат 16 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетички соживот.
Преговорите, почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на Европската Унија и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
„Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани“, стои, меѓу другото, во текстот на договорот.
По повод 16-годишнината од потпишувањето на договорот, под покровителство на вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Хазби Лика и на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери вечер ќе се одржи свеченост во хотелот „Александар палас“ во Скопје.