Во Британија се отвори Центар за национална кибер-безбедност (НЦСЦ), кој ќе работи во рамките на владината Агенцијата за дигитална комуникација и разузнавање, како база против кибер-нападите врз државата, јавува Anadolu Agency (AA).
НЦСЦ беше отворен со свечена церемонија во главниот град Лондон, од страна на кралицата Елизабета Втора. На отворањето, покрај кралицата и нејзиниот сопруг принцот Филип, војводата од Единбург, присуствуваа и министерот за финансии Филип Хамонд, министерот за внатрешни работи Амбер Руд, министерот за одбрана Мајкл Фалон, министерот за култура при Министерството за култура, медиуми и спорт, Мет Ханкок и претседателот на НЦСЦ, Киаран Мартин.
Овој центар, кој работи во рамките на владината Агенција за дигитална комуникација и разузнавање, е активна од октомври наваму.
Покрај преземањето мерки против кибер-нападите врз Британија, институцијата првенствено ќе врши безбедносен скрининг на државните интернет-страници и ќе им дава совети на политичките партии и на пратениците, како и на други важни државни функционери, како да ги заштитат чувствителните информации.
Со воведената програмата за активна кибер-одбрана, центарот има за цел да ги спречи кибер-нападите против државата на полуавтоматски начин, а се претпоставува дека ќе биде во соработка со приватниот сектор.
НЦСЦ ги обедини под еден покрив Центарот за кибер-евалуација (ЦЦА), Екипата за итна компјутерска интервенција на Обединетото Кралство (ЦЕРТ УК) и Центарот за заштита на националната инфраструктура (ЦПНИ).
Претседателот на НЦСЦ, Киаран Мартин претходниот ден, во изјава за весникот „Тајмс“ рече дека Британија во последните 3 месеци беше цел на 188 сериозни кибер-напади. Тој истакна дека повеќето напади биле закана по националната безбедност, и тврди дека зад овие напади стојат руски и кинески хакери, поддржани од нивните држави.
Владината Агенција за дигитална комуникација и разузнавање е одговорна за безбедноста на државната кибер поврзаност и инфраструктура, МИ5 за тероризам, заштита од саботажа и заштита на националната безбедност, а МИ6 за надворешно разузнавање.
– Буџет од 1,9 милијарди фунти за кибер-безбедност
Додека според официјалните информации Британија месечно се соочува со околу 60 сериозни кибер-напади, државата има вработено 58.000 експерти од оваа област, со што овој сектор е еден од најрастечките во Британија.
Министерот за одбрана Мајкл Фалон, на почетокот од овој месец во едно свое обраќање, зборувајќи за Русија, тврдеше дека оваа држава организира кибер-напади кон западните држави.
„НАТО во кибер-светот треба да се брани влијателно како што тоа го прави во воздух, на копно или во море, така што оние што користат кибер-оружје, ќе ја знаат цената на тоа“, изјави Фалон, притоа бранејќи го ставот дека Русија ги имаше за цел критичните инфраструктури и демократијата на западните држави.
Претседателот на Британската разузнавачка агенција МИ5, Ендру Паркер, во репортажа за весникот „Гардијан“ пак изјави дека Русија сѐ повеќе зазема агресивен став и предупреди оти е можно оваа држава да преземе шпионски активности и кибер-напади против Британија.
Министерот за финансии, пак, Филип Хамонд минатиот ноември објави дека до крајот на 2020 година ќе издвојат буџет од 1,9 милијарди фунти за зголемување на безбедносните мерки против кибер-нападите.
Во рамките на активностите за кибер-безбедност на британската Влада се планира да се прошири полициската единица за борба против онлајн хакерските групи во државната полиција, а дел од планираниот буџет да се користи за едукација во областа на кибер-безбедност. Во областа на образованието, на учениците на 14-годишна возраст и над тоа, ќе им се држат предавања по кибер-безбедност.