ВМРО-ДПМНЕ: По 20 пратенички места плус за победникот за да нема уцени

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ во своето утринско соопштение денеска потсети дека предложила принцип што ќе оневозможи во иднина да бидат уценувани победниците на изборите.

„Во манифестот предложен од ВМРО-ДПМНЕ се предвидува секој иден добитник на парламентарните избори, да добие бонус 20 пратеници, во рамките на сегашниот број на пратеници и во согласност со Уставот или, пак, да се воведе мнозински изборен модел. Ова е добар предлог за кој било победник на некои наредни избори да не биде уценет“, се вели во соопштението.

Од партијата велат дека „со приведувањето наркодилери и мафијаши блиски до криминогеното раководство на СДСМ, граѓаните видоа дека партијата е дел од подземјето“. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Зоран Заев „за време на катастрофалното владеење со Струмица, незаконски го има зголемено своето богатство и богатсвото на своето семејство за десетици милиони евра“ а истото, како што вели, го правеле „и други лица од криминогеното раководство на СДСМ изминативе години“.

„Криминалецот Зоран Заев и криминогеното раководство на СДСМ знаат дека правдата доаѓа и дека се ближи денот кога ќе треба да се платат сметките и да се одлежат затворските казни. Затоа криминалецот Заев и неговите најблиски соработници се исплашени и се лесен предмет на уцена“, порачува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.