РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА САМОСТОЈНОСТ И НЕЗАВИСНОСТ ЗАВРШИ ТРИУМФАЛНО – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

25 ГОДИНИ НЕЗАВИСНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

AJANOVSKI

РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА САМОСТОЈНОСТ И НЕЗАВИСНОСТ ЗАВРШИ ТРИУМФАЛНО

– Таа 1991 година се случија неколку настани од историско значење за македонскиот народ и држава. Веќе на 21 јануари новиот демократски парламент усвои Декларација за независност на Република Македонија, што фактички претставуваше вовед за организирање на народниот референдум од 8 септември истата година, кога граѓаните плебисцитарно се изјаснија за самостојност и независност на својата држава.

Два месеци подоцна, на 17 ноември, беше усвоен и Уставот на Република Македонија, со што дефинитивно се прогласи независноста на новата балканска држава која што дотогаш беше во составот на веќе размонтираната југословенска федерација.

Треба уште еднаш да се нагласи дека процесот на македонското осамостојување, со оглед на постојната југословенска криза која што се повеќе навлегуваше во матните виори на војната, се одиваше мошне претпазливо и стрпливо, одбегнувајќи ризици да биде спречен од брзоплети и необмислени политички одлуки. Мораше да се внимава на секој следен чекор, на секоја јавна изјава или државна одлука, со која би се дал било каков  повод за воена интервенција од страна на белградското раководство, кое што со последни сили се обидуваше да го спаси остатокот на југословенската федерација и да го спречи нејзиниот дефинитивен распад.

Тоа лето претседателот Глигоров ненајавено отпатува во Турција, барајќи гаранции од турската влада дека ќе ја заштити Македонија од можни надворешни интервенции, доколку се распадне Југославија и биде загрозен македонскиот опстанок. Тој тогаш јавно предупреди дека во случај да се отцепат Словенија и Хрватска од СФРЈ и Македонија ќе ја прогласи својата независност. Од своја страна српскиот вожд Милошевиќ се закани дека “ако Македонците се отцепат од Југославија, Србите што живеат во Македонија ќе добијат поддршка од Белград да се одвојат и да останат да живеат во скратената федерација”. Во таква атмосфера на 30 јули македонската влада упати апел до граѓаните за празникот Илинден да не патуваат во манастирот Прохор Пчињски, каде што четничките одреди на Воислав Шешељ ги имаа блокирано сите приоди и постоеше опасност од потежок инцидент. Тие дни Шешељ се беше заканил дека неговата паравојска може “за шест часа да ја прегази Македонија”.

Но, и покрај сите овие закани, на 6 август, неколку минути пред полноќ, македонското Собрание со акламација донесе одлука референдумот на граѓаните да се оддржи на 8 септември. Првите денови од септември веќе се почувствува предреферендумска атмосфера, проследена со зголемена затегнатост и напнатост: во белградските, софиските и атинските медиуми се појавија многубројни коментари со сериозни закани за последиците од осамостојувањето на Македонија. Грчкиот министер за надворешни работи Самарас при посетата на Белград јасно ќе стави на знаење дека “без разлика на резултатите од референдумот, Грција никогаш нема да ја признае како независна државата што ќе го носи историското грчко име Македонија„. Во таа насока грчката армија одржа големи воени вежби на северната граница кон нашата држава.

Од тие причини и подготовките за народниот референдум до последен момент се одвиваа тивко и со голема политичка мудрост, без нападни еуфорични изливи, на што укажуваше и самото референдумско прашање, така срочено јасно да се изрази народната волја и желба за своја независна држава, а дури потоа да се остави можност како суверена земја евентуално “да влезе во иден сојуз на суверени држави на Југославија”.

Како што е познато, околу составувањето на референдумското прашање се водеа долги и жолчни дебати во државниот врв, при што раководството на ВМРО-ДПМНЕ инсистирало да отпадне делот кој што допушта можност од идно југословенско сојузирање, сметајќи дека на тој начин граѓаните ќе бидат изманипулирани и доведени во недоумица. Дури лидерот Георгиевски се заканил со бојкот на нивното членство доколку не се избрише вториот дел од прашањето. Само благодарение на политичкото искуство на Глигоров и неговото објаснување дека определбата на граѓаните за своја самостојна и независна држава е суштината на прашањето за референдумот, а дека вториот дел има само формално значење и воопшто не влијае на конечниот исход, недоразбирањата биле надминати.

Изданијата на НИП “Нова Македонија” целосно застанаа зад ваквата формулација на референдумското прашање, убедени дека граѓаните масовно ќе се определат за македонската независност, при што низ серија коментари и јавни анкети значајно придонесоа излезноста на референдумот и неговиот успех да биде огромен. Неколку дена пред неговото одржување имав средба со потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска која што не го криеше своето незадоволство од нашата поддршка на референдумот, забележувајќи ми дека “зборувате за македонска независност, а всушност повторно пропагирате за југословенска Македонија”. Нејзините политички предрасуди и стравувања не се обистинија: на референдумот излегоа преку еден милион граѓани и околу 90 отсто од нив гласаа за независност на македонската држава.

Вечерта, на 8 септември, на скопскиот плоштад, спонтано и без партиски пароли и повици, пеесетина илјади граѓани излегоа да ја прослават големата историска победа, пеејќи ја во еден глас македонската химна и извикувајќи : “Македенија, Македонија!”

Поздравувајќи го насобраниот народ претседателот Глигоров рече: – Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва вам и на сите македонски граѓани да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!

На свечената трибина, за прв и последен пат ја видов заедно македонската политичка елита, од левицата и од десницата, како со насмевки на лицата се радува на величенствениот македонски триумф. За жал, тоа траеше само една ноќ, бидејќи веќе следните денови повторно продолжија македонските проклетија на меѓусебни делби и прозивки, за нивните национални предавства и туѓи слугинства. Албанскиот бојкот на референдумот, а потоа и неизгласувањето на државниот Устав, поради стравувањата дека во нив нема доволно гаранции за остварување на нивните права и слободи, ќе остави голема лузна на славенечкиот чин и на натамошниот демократски развој на младата суверена држава, проследен со силно изразена меѓуетничка нетрпеливост и конфликтни состојби.

Прогласувајќи ја својата независност, Република Македонија од тој ден тргна по светските меридијани во барање на меѓународно признавање за своето долговековно постоење.  Со нејзиниот прием во ООН, како нејзина полноправна членка, се чинеше дека тој чин ќе биде формален и едноставен. Но, се покажа дека битката за меѓународно признавање ќе трае многу долго и со големи неизвесности, кои што во одредени моменти го загрозуваа самото постоење на македонската држава.

Извадок од “Новинарски хронопис”, Георги Ајановски