По долгата политичка криза на економијата ќе и треба време за да закрепне. Во периодот што следува новата Влада треба да се насочи кон ревитализација на економијата и санирање на последиците од политичката криза, порачуваат експертите и бизнисмените. Статистиката веќе регистраше пад на економските показатели. Во март индустриското производство е намалено за 0,9 отсто во споредба со истиот период лани. Намалување има и кај странските инвестиции, кои заклучно со февруари се во минус од скоро 13 милиони евра, пишува Фактор.
Ребаланс на Буџетот, стабилизирање на јавниот долг, реформи во пензискиот систем, поддршка за домашниот бизнис сектор, субвенции за земјоделците-ова се само дел од економските предизвици што треба да бидат приоритет на новата Влада. Бизнисмените порачаа дека новата Влада треба да биде отворена за дијалог со стопанствениците и поради ударот од политичката криза сега за бизнисот е важно да се врати ликвидноста на ниво кое ќе овозможи нови инвестиции во стопанството. Според бизнисмените важно е новата Влада да ја утврди динамиката на раздолжување со стопанството
„Во тој отворен дијалог ќе се зборува отворено за јавниот долг, отворено за меѓусебните договорни обврски, креирање на план за подмирување на истите, но секако и за тешки моменти коишто можеби ќе бидат нужни да се преземат и како влада, но и како бизнис сектор, а тоа е можеби и менување на фискалната политика, даночната политика. Но кога има отворен дијалог секако решенијата се наоѓаат“, вели Фатмир Битиќи, од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Од бизнис секторот укажуваат дека е потребно да се обезбеди ист третман на домашните и странските инвеститори, да се намали борјот на адмнистрација, но и да се промени досегашната пракса на често менување на законите кои се вршеа без консултација со стопанствениците.
Скусен просторот за задолжувања
Според економистите приоритет на новата Влада треба да биде ребалансот за да може навреме да сервисираат обврските за исплата на плати, пензии, субвенции, социјална помош. Укажуваат дека едно од клучните прашања е и нивото на јавниот долг. Според анализите идната Влада нема голем простор за задолжувања, а со сегашното ниво брзо се приближуваме кон црвената линија. Во последните години, Македонија е изложена на забрзано темпо на задолжување, што придонесе македонскиот државен и јавен долг да се удвои во релативно краток временски период. Од Институтот за економски анализи и истражувања „Finance think“, посочуваат дека одржливото ниво на македонскиот државен долг треба да се движи помеѓу 41% и 48,7% од БДП. Според анализите на институтот, одржливата граница на македонскиот јавен долг би се движела помеѓу 51% и 59,2% од БДП. Споредено со сегашното ниво на крајот на 2016 година со државен долг од 39,1% од БДП, и јавен долг од 47,8% од БДП, пресметаното одржливо ниво укажува дека државниот и јавниот долг се сé уште во сферата на одржливоста, но блиску до границата на одржливоста. Економистите предупредуваат дека иако можеби постои простор за нови задолжувања, поголемиот дел од фискалниот простор веќе е искористен.
„Доколку се доведеме до ситуација на силна рецесија и да продолжиме со одредени популистички мерки, ние на ваков или таков начин ќе ја доведеме до загрозување одржливоста на сервисирање на тие отплати. Доколку идните задолжувања ги искористиме за капитални расходи коишто ќе создадат нова додадена вредност, коишто ќе го зголемат индустриското производство и економијата, тоа значи дека овој простор понатаму ќе се шири“, вели Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и анализи „Finance think “.
Економистите сметаат дека доколку економскиот раст е над три насто и разумно се трошат буџетските пари, и задолжувањето може да се се зголеми и да нема проблем со враќањето ако државниот долг биде 48,7, а јавниот 59,2 отсто од БДП. Порачуваат дека најлошото сценарио може да се избегне со подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и задолжувања кои ќе бидат исклучиво за продуктивни цели.
„Дури и под претпоставка ние да го задржиме моменталното ниво на буџетски дефицит којшто го имаме и да продолжиме со таков начин да ги трошиме средствата, многу е значајно идните задолжувања да бидат насочени во една продуктивна насока за оваа состојба да ја промениме во иднина“, вели Петрески.
Во изборната програма СДСМ најави формирање на „Фискален совет“ како независен орган формиран од страна на Собранието, во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредибилитетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост. Од партијата најавија дека нивото на јавниот долг ќе биде транспарентно, ќе се објавува целосно, редовно, без исклучоци и политички калкулации, а криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело. Се обврзаа на објавување на податоци и за гарантираниот, но и за негарантираниот долг на јавните претпријатија и општините.
Текстот во целост прочитајте го тука.