На денешен ден, 3 октомври, пред 29 години, извршен е атентат на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа атентатот со тешки повреди на главата.
Во инцидентот загина неговиот возач, Александар Спировски, а неговиот телохранител Илчо Теовски беше повреден. Поради повредите, загина и случајниот минувач, Христо Христоманов, а повреди претрпеа и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата за атентатот врз претседателот Глигоров биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, биле легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
Сè уште останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеал атентатот.