Предлогот Република Илинденска Македонија беше одбиен и од грчката страна, и од македонската опозиција, и поради тоа не можеше да се продолжат преговорите со тоа име, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието поставено од ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за името.
– Блиску сме до можно решение во спорот за името со Грција. Треба да бидеме внимателни да не се наштети на процесот. Јас вчера кажав некои детали за процесот. Јас и премиерот Ципрас се договоривме за „Република Илинденска Македонија“. Заклучивме дека треба да го провериме дома дали е прифатлив тој предлог. Во Грција не помина. Бидејќи го одби опозицијата не разговараме понатаму за Илинденска Македонија. Важен е референдумот, треба и граѓаните да се произнесат. Чувствително е, но решение мора да се најде – рече Заев.
Заев не одговори на дополнителното прашање дали Македонија прифатила ерга омнес и за сите други предлози на медијаторот во спорот за името со Грција Метју Нимиц.