44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“

Сподели

 

Со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, утревечер во Битола започнува 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќата Манаки“. На свеченоста на отворањето на Фестивалот ќе се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во периодот од 23 до 29 септември ќе бидат емитувани 79 филмови, а од странство ќе пристигнат 350 гости за кои е подготвена дополнителна програма во која се содржани работилници, изложби, кабаре и многу дружење во Битола.

Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, на прес-конференција најави дека за време на Фестивалот во Битола ќе бидат организирани неколку исклучително важни општествени настани.

− На 24 септември по отворањето на Фестивалот ќе организираме тркалезна маса на која ќе учествуваат моќни кинематограферки од Австралија, Полска и од други држави чиј основен мотив е да ги охрабруваат жените во Македонија да бидат кинематограферки. Вториот општествен настан е Балканската конференција на кинематографери кои ќе промовираат документ „Манаки манифест“. Целта е балканските кинематографери да подготват проглас кој ќе биде испратен  до светската организација ИМАГО и кој ќе содржи барања за подобрување на условите за работа на кинематограферите во светот. Третиот настан е врзан со меморандум кој ќе го потпишат сите киноприкажувачи, а со цел да се рашири киномрежата во Македонија и да се врати публиката во кината. На ИФФК „Браќа Манаки“ ќе го промовираме и проектот „Битола град на амбасадорите“, а тоа значи одржување „Вечери на култура“, кои годинава ќе ги приредат амбасадите на Германија, Италија и на Франција – истакна Дамевски.

– Дополнителната програма ќе го поврзе Фестивалот со локалната самоуправа, со граѓанскиот сектор и со бизнис-заедницата. На ваков начин се обезбедува интерсекторска соработка со интердисциплинарна програма – посочи Маја Ангеловска, координаторка за офф-програмата на Фестивалот.