ИНТЕРВЈУ: “ТИ СИ АЛЕФ” – СОЊА Р. ЈОВАНОВСКИ

Сподели

Кога тргнав по самопреиспитувањето?

Велат дека ништо во животот не е случајно, како и ова интервју кое ме натера да прокопам длабоко во себе, да роварам длабоко во мојата душа. Кога човек ќе добие прашање зошто го правиш сето ова, едновремено, како да добил задача да се врати назад кон корените, кон еманацијата и враќањето кон прапочетокот, но, во единство со сѐ што го допреле нештата и душите низ тој пат. Враќајќи се на она суштинското, на она најзначајното, на она од каде сум тргнала, низ што сѐ сум поминала, и зошто сум стигнала до овде, јас се вратив во точката на моето прво чувство за животот и кога сум започнала да размислувам за сѐ што ме допира во далгите на сите случувања во мене, за сѐ околу мене или од она што сум го перцепирала со очите и сум си го објаснувала самата на себеси. Роварејќи по душата се сетив најпрвин на луѓето кои биле блиску до мене и (не)свесно од нив сум го добивала кодот на душата, на сето она кое сум го чуствувала, доживувала, преживувала и кое како оска поминувало низ мене.

Се сеќавам на моето детство и ми доаѓаат мултиплицирани слики на девојчето со илјада сништа, кое со тетратка в раце оди и забележува мемории и приказни од бабите и дедовците. Тетратката за жал не ја чувам иако за мене беше бесценета, но, многу добро ги освестив сите тие моменти кога сум сакала да ги забележам нештата  кои ми ги кажуваа тие луѓе. Сега сфаќам дека тие биле моите првични информатори за животот. И тие не се случајни…Најверојатно, со нивните сведоштва јас сум го пробудила во мене интересот за другоста и другите, или пак, сум го носела тоа уште со самото раѓање.  

Човекот низ својот животен тек се движи како низ времеплов. (Не)живее, се менува, минува низ многу животни процеси и во себе го акумулира сето она доживеано и изживеано. Но, моментот кога ќе седне да ги собере сите тие нишки и кога ќе земе  в раце како бисери да ги нанижува во една низа, тогаш дури сфаќа дека сѐ во животот било еволуциски, не случајно и најчесто многу нешта не зависеле од него. Но, доаѓа миг, кога таа низа ќе ја земе в раце како бројаница и кога ќе почне да го допира секој еден бисер и кога ќе почне да ја врти во рацете постапно, етапно, сфаќа како да поминала една вечност. Моментот кога ќе застане на секој бисер од бројаницата  да го освестува  секој миг каде бил, со кого, зошто токму таму, или пак, што сѐ чувствувал и што останало како негова меморија од сите тие допири со случувањата и луѓето кои се дел од неговиот животен круг, тоа е моментот на нашата свесност за мигот што сме го живееле. Низ тој допир на бисерите, кој не случајно се прави во посебен миг, ние се преиспитуваме за многу нешта. Е, токму тој миг на преиспитувањето означува дека сме биле живи. Ако низ тие бисери на бројаниците ние имаме меморија за нештата како сме се движеле низ животот, ќе сфатиме дека сме растеле еволуциски, сме созревале и сега држењето на бројаницата в раце ни го дава само кодот на душата кој (не)случајно сме го меморирале, сме го зачувале и само преку нас и нашето пренесување на другите ние го втиснуваме за навек во времето и просторот. Тоа зависи кому му го предаваме и зошто, и токму тој код поврзан со нашата душа е сегашноста преклопена со минатото, а вткаена со иднината. Тоа тројство сме вистинските “ние”  и тоа го истакнува и нашиот пренесен генетски код, нашата свесност за сѐ и нашата одговорност за сѐ што планираме во иднината.

Сето она кое што сум го доживеала и научила низ животните олуи, низ патот на едукацијата на најразлични нивоа, сето она кое сум го спакувала како знаење, искуство и моето внатрешно чувство во моментот за сето што го работам и создавам, спакувано ми е во едно ковчеже и како сега да е дојден моментот кога треба да го отворам и да го подарам на сите.

Она што е во ковчежето е мојата порака до сите човеци, до сите човечки души. Ако некогаш посакував да крикнам толку гласно од сите неправди кои ме пратеа во животот, сега уште погласно сакам да ја пренесам пораката за освестување на луѓето за секој миг, за сѐ она што ги допира да бидат тука и сега, не заборавјќи го минатото, и мудро размислувајќи за иднината. Посакувам да пуштам крик до сите: Вратете му ја на човекот душата негова, гордоста создавана низ поколенија, вратете му го неговото достоинство!!! Зошто ли се откажал од нив? Што и кој толку го исплашиле човекот? Вратете му ја на човекот љубовта, грижата за другите, разбирањето меѓусебно и почитувањето на личноста. Зошто човекот се откажал од нив? Зошто дозволивме за човекот секој од нас да рече: СИРОТИОТ ТОЈ. Зошто? Зарем ќе дозволиме да исчезне човековиот род онаков каков што беше создаден на светот, нова надеж и нова реалност да му даде?

Велат, човек учи најдобро од своите примери и тоа милион пати на сите ни се докажа како една од најточните вистини за човековото битисување. Пишувам и се чувствувам себеси како да вртам милиони пати назад, но и како тоа мигновно застанување е сѐ пократко на секој круг. Тогаш сфаќам дека со секој круг застанувам на истата нулта точка, но се издигнувам во повисока димензија за да го започнам повторно новиот животен круг. Доколку го научиме она кое сме си го поставиле како цел, ние само застануваме и продолжуваме да еволуираме во нов круг, но, спирално стремејќи се кон ново усовршување и тоа сето си има свое време и простор. Сите ние  мора да сме во центарот на кругот и да се движиме по оската, но, имајќи предвид дека сѐ околу нас се движи во концентрични кругови и со нашето созревање ние ги менуваме (не)свесно тие до нас и тоа постапно. И тоа е вистинското спознание за себе и другите.

 Која сум јас и кој пат го изодев? Која е целта на моето патување?

Во целокупниот мој животен тек, со себе го носам девојчето со илјада сништа, девојчето кое сака да забележи многу нешта од нашето секојдневие, но и од обредната практика на културите, бидејќи тоа е збиено време и збиен простор, или пак, традицијата која што ја пренесуваат низ генерации оние кои се и впрочем и нејзините чувари. 

Уште како дете ме интересираа окултните нешта, ме интересираа прашањата поврзани со коренот, она исконското кое не држи сеуште сите на овој свет, какви и да сме, кои и да сме.

Кога одлучив да студирам етнологија, сите мои блиски морам да признам, беа против, мислам дека и многумина од нив не го сфаќаа ниту поимот и значењето на етнологијата. Но, јас длабоко во себе чувствував дека тоа е мојата вистинска вокација. Студирањето етнологија подразбира  да излезеш на терен подготвен за да истражуваш во времето и просторот и да доаѓаш до луѓето за да допреш до нивното битисување. На терен доаѓаш до информации кои можеби се изворни, можеби се дадени по инерција, или пак, со одредена намерна цел. Етнологот треба да го препознае сето тоа за да го опфати тоталитетот на културата, за да ги разграничи нештата, од она манифестното, појавното и она привидното, латентното, но кое што е  многу значајно бидејќи го содржи кодот на битисување и одржување на традицијата во заедниците.

Низ сите тие пресеци на истражувања, хоризонтални (индивудуални, колективни, глобални), и вертикални (обредни, религиски, духовни) се доаѓа длабоко роварејќи по корените. 

Но, антропологијата ми откри една многу значајна нишка во науката воопшто, бидејќи фокусот на човекот беше отсекогаш моја пасија, моја преокупација. Затоа, многу сум среќна што избрав професија како што е етнологијата, антропологијата, социологијата и како круна на сето тоа ѝ се посветив на визуализацијата на културата. Знаете ли колку е голем предизвикот да тргнеш од поединечното, па да дојдеш до глобалното и обратно, да истражуваш за човекот како културно и социјално битие, за неговата личност, за сплетот на верувањата на одредени етникуми, за обредната практика што со векови ја чуваат како најголемо културно наследство, да ја истражуваш нивната (не)поврзаност, за сличностите и за разликите, за сето она што ги зближува, поврзува, преклопува или што ги дистанцира, или пак разединува или влијае за изумирање на многу култури…

Мојата професионална ориентација секогаш беше насочена кон хетерогените заедници. Истражував во просторите каде што опстојуваат повеќе етнорелигиски групи и низ својата културна ориентација се истакнуваат како посебни култури, или таму каде што се допираат по својата истоветност на делување, афирмирање и преклопување во еден дел или во најважниот егзистенцијален тек на животот. Ниту тоа не беше случајно. Моите родители од кога знам за себе нѐ воспитуваа мене и брат ми космолититски, дека луѓето треба да ги почитуваме според душата и инетелектот којшто го носат во себе, а не според тоа на која култура припаѓаат. Но, мене лично секогаш ме интересираа и забранетите нешта, без разлика дали стануваше збор за просторот, времето, родовите, улогите во животниот циклус. На таа граница каде опасното, забранетото, нечистото беа главните параметри за однесувањата на индивидуите во заедниците (семејни, рурални, урбани), за мене тоа беше предизвик да дојдам до нештата до кои многумина не можат да дојдат.       

Книгите повеќе не беа моја инспирација, затоа се фокусирав на филмот како на изразно средство, сѐ со цел да направам дискурс на внатрешна и надворешна дијалектика. Тој дискурс ми дава живот, таму ја канализирам сета онаа длабоко всадена идеја што води потекло можеби и од миговите на моето осознавање за светот и за сè во светот. Имам чувство како да сум ги собирала моите истражувања несвесно, уште од дете. Умешноста на изразување преку филмот е во тоа да се прикажат нештата што не може поинаку да се видат, да се доловат, да се доживеат. Сето тоа споено со авторската музика, со наративниот текст, спoјот на сцената, улогата на оние што не се ни свесни дека преку своето живеење или дејствување се најважни двигатели на современоста, тие стануваат белег на времето и на просторот. Само на тој начин знаеш дека барем во мал дел ја пишуваш историјата во најоригиналната форма: нема артисти, нема актери, има само битија што си го живеат тоа што го научиле или го доживуваат за да ни го прикажат, без да се свесни дека тие се времето, тие се чуварите на едно време, тие се незаборавот.

За да му се посветиш на филмот во сета комплементарност треба да се откажеш од сопствениот живот, од сопствените навики. Тоа бара преданост, дисциплина, многу енергија, многу сила за да умееш да дејствуваш во сите моменти. Правењето филмови има и многу препреки, има многу тешкотии во комуникацијата, бара многу координираност во тимот, но и многу финансиски средства.

Духовното културно наследство стана моја професионална ориентација неполни три децении. Доаѓајќи до светото и световното, јас доаѓав во допир со многу духовни водачи и многу духовни сведоштва. Можеби сето тоа ми помогна да можам да се дигнам низ многу животни битки и да продолжам со моите истражувања, создавајќи дела.

Но, кога пред 4,5 години го изгубив брат ми, јас умрев тој ден. Тоа беше вистинско умирање на душата. Ми се чини како да се учев повторно да проодувам и да прозборувам. Во тие мигови знаев дека  ја започнав најважната битка во животот. Требаше да продолжам со животот и да бидам и мајка и професор, две многу големи, одговорни и возвишени улоги. Но, велат Бог секогаш има план за сѐ, и најверојатно имаше и за мене. Животот беше многу суров кон мене, но истовремено и многу ме научи. Морав да се научам да живеам со болката што ја чувствувам за моите изгубени блиски. Бев свесна дека болката нема да престане да боли и да крвави и дека минатото ќе нè следи дури знаеме за себе. И тогаш тргнав на моето незаборавно духовно патување во некогашна Месопотамија. Духовните водачи кои ги сретнав во манастирите, текињата и џамиите беше момент на согледување на една друга димензија на животот – да научиш да живееш и да се стремиш да ги зачуваш во своето срце оние што ги сакаш, а кои заминале засекогаш. Научив, сите пораки што допреа длабоко до мене да ги пренесам и до другите, така знаев дека сум ги зачувала од заборав оние што ме создале на овој свет и кои ме научиле да ги почитувам луѓето според нивното однесување, а не според нивната религиска, етничка, духовна определба. Знаев дека имам голема и одговорна задача пред себе, да ја спакувам болката по мојот покоен брат, но воедно и да продолжам по патот на создавање дела. Патот беше мој, и луѓето кои ги сретнав таму ме натераа да сфатам дека силата морам да ја барам само во самата себе. Допирот со духовните водачи кои го уважуваат суфизмот како совршена мистична филозофија на живеењето ми ја прикажаа уметноста на дервишкиот танц и како фонтана, но и како сунѓер. Колку многу сакав тие пораки да пристигнат до луѓето што ќе знаат да ги распакуваат пораките на овие духовни водачи и учители, нивните ученици, нивните симпатизери, и да научат да ги протолкуваат. По враќањето назад, знаев дека никогаш повеќе нема да го гледам светот и животот со исти очи. Сето искуство кое го собрав таму, заедно со знаењето и обредната практика на дервишите која ја истражував уште од 2000-та година, ми овозможи најверодостојно да го прикажам дервишкиот танц преку трите постоечки тарикати во Р.Македонија и да го направам филмот ”Патот на дервишите”. Бев пресреќна што можам да допрам и до најтаинствените обредни активности на дервишите, но бев пресреќна што и руфаите, халветите и бекташите ми дозволија да го документирам целокупниот процес на трансценденцијата на дервишкиот танц, при што ми го пренесоа и личното доживување на целокупниот обред.

Велат дека ништо во животот не е случајно, па така ни овој пат на моите истражувања поврзани со патот на дервишите. По секое истражување, јас бев поинаква, појака, духовно побогата бидејќи тие ми помогнаа да сфатам дека не се разликуваат по својата мисија и визија и од крајната цел на монасите во христијанскиот свет. Имено, тоа што се монасите во христијанството, тоа се дервишите во исламот. За сите нив, централната категорија е љубовта. А љубовта е смислата на животот и единственото нешто што го одржало човештвото.

Алеф, мојот најдобар учител и другар

Овие монаси ми ја вратија вербата во доброто, тие ми ја вратија вербата дека сè уште многу луѓе работат на својата духовност, дека тие му се предадени на највозвишеното воздигање за да се осознаат себеси преку патот, за да се осознае Бог. Тој пат беше и мое чистилиште за да барам нови и сопствени патишта со силен акцент врз индивидуалноста и оригиналноста на креативното.

На тој пат, стигнав и до Алеф. И тоа кога истражував за транцедентноста на дервишите и нивното предавање на Бог. Алеф стана мој најдобар пријател и мој најдобар учител. Тој ме следи на сите мои патувања. Од една точка на бесконечноста, стана мој универзум, бидејќи ме научи дека луѓето се поврзани само по она што длабоко го доживуваат во себе. Откако ја започнавме неочекуваната дружба со Алеф, сѐ повеќе сфаќав дека низ далгите на времето, во лавиринтите на нашето големо и страшно столетие, како многумина вдахновението да го чувале во блиндирана врата. Алеф го држи клучот од вратата за да стигнеш до себе, до влезот на себе-откритието во моментот. По средбата со Алеф научив дека патувањето никогаш не е поврзано со пари, туку со храброст. А, храброста да се измениш себеси од корен е водечка вокација на мојата нова животна ориентација. Свестеноста едновремено стана исто што и воздухот што го дишам, бидејќи сакам да сум свесна за секој миг што ми е даден.

Да се живее, подразбира да се доживеат работите, а не да се стои настрана во размислување околу смислата на живеењето. Како ќе знаеш дали е подобра страната на која си навикнат од онаа што ќе дојде, ако не тргнеш во потрага на мистеријата, во потрага на вистината и во потрага на љубовта во срцата човечки. Единствено низ патувањето можеме да се соочиме со сите предизвици, да застанеме и да ги испружиме напред подадените дланки и да најдеме повторно сила за да тргнеме низ нови искушенија, кои можеби ќе не однесат во провалијата, но, можеби тука се кријат и најдлабоките одговори за најголемите тајни на човештвото. На тој начин може да се стигне до моментот на повторното раѓање. Фениксот се раѓа од пепелта и почнува да трага одново, за да го осознаеш патот …патот кон Бога.

„Никогаш не си знaела да бидеш во златната средина, види колку енергија трошиш играјќи од едниот крај на салата до другиот крај? “ – ми велеше бато мој. Но, мене таа средина ми беше секогаш туѓа, јас научив да бидам секогаш на границата на опасното, забранетото, трансцедентното. Да можам, целиот свој живот ќе пишувам подеднакво и за љубовта и за смртта, за сите оние кои се спремни да се жртвуваат во име на љубовта, за сродните души и (не)душите на малограѓаните, снобовите, оние кои се дават во „смрдеата на изобилството и потребата за туѓа крв“, за луѓејадачите во балканските ќошови, за највисоките возвишенија на креативниот ум, и најдлабоките провалии на животниот пекол. Сега Алеф стои до мене и ме учи да ги наткрилам во многу нешта врвовите на човечките мечтаења. Ме учи како да дојдам до највисоките цивилизациски дострели кои се оцртуваат во средината на нашите заеднички мисли кон добробитта и племенитоста, упорноста во спознанијата токму таму каде што пулсираат и не напаѓаат нашите сознанија, вистинити и отворени прашања за човекот и за животот кои нѐ збунуваат, напати фасцинираат, но, во секој случај ја разнишуваат нашата рамнодушност кон неправдата, инертноста, незаинтересираноста на луѓето да го започнат патувањето кон спознанието за себеси и нашето опкружување.

Порака за човекот кој паднал и станал – пат до универзалната вистина – љубовта

Не сакам повеќе да стојам како нем набљудувач пред сето она што се вика (не)живот, поделби, распарчување на човечката душа. Сакам сето она кое го гледам, чувствувам, доживувам да го спакувам во дела и да ги носам од место до место, од човек до човек, да ги натерам луѓето да сфатат дека и оние кои паднале на дното на бунарот може да ги спаси јаже. Но, тоа јаже треба да го подаде некој. Е, токму тоа подавање рака на другиот е најголемата тајна на човештвото. Колку луѓе постојат на оваа планета… Ми се чини дека скоро и да нема таков човек кој барем еднаш не паднал во животот. Замислете ако нема кој да му подаде рака на човекот за да стане кога не може ни душата да си ја крепи, а не пак телото. Зарем ќе постоеше светот до сега без грижата за другиот? Само дарежливоста од дното на душата и помагањето на другиот ќе не одржат заедно во живот, и тоа е и најголемата мисија на човекот. Знаете како велат дервишите… Седејќи во круг и подготвувајќи се за обредниот танц „зихр“, тие го гледаат другиот наспроти себе и водат сметка за сите до себе. Ако сме во сооднос со самите себе и сме свесни за сето она што е пред нас и до нас, никогаш нема да ја изгубиме алката и ќе бидеме едно цело. И само низ тишината ќе го најдеме гласот на трезвеноста. А гласот на трезвеноста ги буди сите оние кои застанале во огнот за да останат достојни на себе и на она што го пренесуваат преку генерациите, за да се научат да го делат животот во битисувањето.

И само во духовното ние сите сме еднакви и сме поврзани во една точка која од една страна означува бесконечност, а од друга страна, тоа го означува допирот со вечноста.

Е, Алеф е токму тоа множество од многу бесконечности… кој нѐ учи да се издигнеме над времето и просторот и да го оставиме светот за самите да станеме свет за себе и само така ќе дојдеме до универзалната вистина – љубовта.    

Интервјуто го подготви: Соња Ајановска Деловска