47. издание на Фестивалот „Денови на македонска музика“

Сподели

 

Со концерт на Воениот оркестар на Армијата под диригентска палка на Горан Илијевски во големата сала на Филхармонија, денеска 22 март (петок) почнува новото 47. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“.

На програмата се дела од македонски композитори создадени за голем дувачки оркестар. Програмата на  фестивалот е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски,  но и јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и 75 години од основањето  на НУ  „Танец“.

Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведби на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, Филхармонија, камерниот ансамбл „Алтус“, а фестивалот ќе заврши со традиционалната Трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Влезот на сите концерти е слободен.