Денеска во Минхен почнува безбедносната конференција, која до недела ќе ги собере главните актери во меѓународната безбедност, во време на неизвесната иднина на трансатлантските односи и кризата на глобалниот либерален поредок по стапување на должноста на новиот американски претседател Доналд Трамп.
На 53. конференција за безбедност повеќе од 500 политичари и деловни луѓе ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици, вклучувајќи ги и загрижувачката состојба во глобалниот поредок и засилувањето на нелибералните трендови ширум светот.
Конференцијата, која од 1963 година служи како независен форум за промовирање на мирните решенија на судирите, меѓународната соработка и дијалог, ќе се занимава со иднината на НАТО и трансатланските односи по победата на Трамп на изборите во САД, европската безбедносна и одбранбена стратегија, кризата во Украина и односите со Русија, војната во Сирија и состојбата со безбедноста во азиско-пацифичкиот регион.
Конференцијата за безбедност во Минхен ќе биде првата можност на претставниците на новата американска администрација да се обратат на меѓународен форум и да ги изнесат своите надворешнополитички и одбранбени стратегии.
Во својата предизборна кампања Трамп го нарече НАТО „застарена организација“ и повеќе пати го фалеше рускиот претседател Владимир Путин, предизвикувајќи загриженост кај европските сојузници, посебно кај оние од истокот на Европа.