Подготовките за избор на новиот поглавар на ИВЗ ќе започнат после Курбан Бајрам

Сподели

 

Исламската верска заедница на Северна Македонија (ИВЗ) се очекува да ги започне подготовките за одржување на изборите за нов претседател на ИВЗ после Курбан Бајрам, односно на 31 јули. Ова за „Порталб.мк“ го изјави Селвер Џемаили, шеф на кабинетот на в.д. поглаварот реис ул улема, Шаќир ефенди Фетаху, известува „Порталб.мк“.

В.Д. реисот на ИВЗ, Шаќир Фетаху може да остане на оваа позиција од шест месеци до една година од денот на добивање на задачата, а потоа треба да се прогласат избори за нов поглавар. Меѓутоа, од ИВЗ велат дека можеби нема да чекаат да помине првото полугодие за да организираат избори.

Шефот на кабинетот на реисот, Селвер Џемаили, за „Порталб.мк“ вели дека заради бројните активности на ИВЗ, изборните подготовки треба да започнат после Курбан Бајрам, а истите ќе се спроведат според правилникот за избор на реис.

– Изборната Комисија го изготвува правилникот за избор на реисот на ИВЗ, врз основа на Уставот на ИВЗ. При секој избор се изготвува нов правилник кој важи до следниот избор. Досега немало ниту една активност за новиот избор, во период од шест месеци до една година ќе одржиме избори. Можеби нема да чекаме уште шест месеци, но сè уште не сме ги започнале активностите. Чекаме да помине Курбан Бајрам бидејќи имаме многу активности и штом ќе заврши тогаш се надевам дека ќе се ориентираме кон изборот, т.е. да започнеме со подготовките – рече Џeмаили.

Ријасетот на Исламската верска заедница на вонредната седница одржаната на 27 мај со двотретинско мнозинство го разреши од функција нивниот поглавар, Сулејман Реџепи. Без разлика што Ријасетот не ги изнесе причините за разрешувањето на Реџепи, оваа постапка следеше неколку дена откако Реџепи се ожени со 50 години помлада девојка, чин за кој имаше мноштво негативни коментари на социјалните мрежи. Реџепи беше разрешен врз основа на член 58 од Уставот на ИВЗ, во кој се пропишува дека Претседателот на ИВЗ се разрешува кога “не ги врши обврските за кои е избран, кога неговите ставови и работење се во спротивност со исламските норми и нормативните акти на ИВЗ, кога дејствува во спротивност на одредбите и одлуките на надлежните органи на ИВЗ, кога ја злоупотребува положбата на штета на интересите на ИВЗ“.

Истиот ден, на местото на Реџепи беше именуван в.д. реисот Шаќир Фетахукој ќе биде на чело на ИВЗ сè до подготовката на изборите за новиот реис.

Кој и како го избира реисот на ИВЗ?

Според Уставот на ИВЗ, Реис ул Улема е орган и претседател на ИВЗ кој ја застапува верската интеграција на припадниците на Исламот. Изборот на Реис ул Улема се врши согласно со Правилникот за избор на Реис ул Улема. Овој правилник се изготвува од страна на Изборната Комисија и се менува во секој изборен циклус.

За Реис ул Улема можат да бидат предложени и избрани лица кои дипломирале исламски факултети, кои имаат 10-годишно искуство на успешно работење во редовите на ИВЗ и се над 40-годишна возраст. Според член 36 на Исламската Верска Заедница на РСМ, Ријасетот на ИВЗ го предлага, избира и го разрешува Реис ул Улема.